(Кон претставата „Мировни преговори“ по текст на Јетон Незирај, во режија на Блерта Незирај, а во изведба на Ќендра Мултимедија од Приштина, Косово во копродукција со Театро дела Пергола (Италија), евросцена Лајпциг (Германија), Градските театри од Прага (Чешка Република), Мителфест (Италија), Контакт (Босна и Херцеговина), Црна кутија (Норвешка) и Мојот Балкан (САД, Србија). Главни улоги: Шкумбин Истрефи, Ема Андреа, Харалд Томпсон Розентром, Еља Бавчиќ, Мартин Киев, Мелихате Ќена, Орест Пастух.)
Мирот е подарок на човекот самиот себеси, а војната е начин да се отвори црниот чемер на катарзата. Она што значи соочување за враќање на секогаш изневерениот подарок современата терминологија го нарекла „преговори“. И тоа во множина. Многу дела се пишувани за војната, воопшто за човековата деструкција и за нејзините методи и начини на промислување. Она што следи како мир по човековата духовна и материјана истоштеност е повторно деструкција, само што оружјето е во мирување. „Мировни преговори“ на Јетон Незирај говори токму за тоа мирување, за таа тензичност која никогаш не го напуштила човечкиот род. Оваа негова фарса говори и за инструментариумот на војната наспроти оној на мирот. Дали мирот доаѓа како плод на договор кој треба да биде некаква бледа, недоречена формулација на простувањето или е тоа само дел од светската хипокризија која со себе однела многу жртви, можеби повеќе од оние на самите фронтови. Јетон Незирај конструирајќи една Орвеловска ситуација на преговори меѓу две завојувани земји Бановиа и Унмикистан, отвора многу горливи прашања што тлеат во воздухот како жешки искри над оган: каков е мирот пред и по војната?, каде се формулира новиот мир и кому тој му служи?, дали ние сакајќи или не влегуваме во нова студена војна, овојпат пософистицирана и пострашна од онаа фронталната?, кој ја има моќта и легитимитетот да го потпише документот кој се чини дека кружи низ Европа како оној на Мефистофел за Фауст? Претставата со меѓународни уметници е конципирана од страна на режисерката Блерта Незирај во многу близок дослух со самиот текст, а се игра на англиски јазик. Тука, во самиот режисерски ракопис и во актерскиот израз ќе ја најдеме она сурова иронија која ќе не потсети на манипулативните игри пред и по досегашните мировни договарања чии корени го наоѓаме и во историјата се до античкото време. И текстот и претставата се инспирирани од книгата „Да се заврши војната“ на Ричард Холбрук и од легендарниот роман на Исмаил Кадаре „Генералот на мртвата војска“.
Ричард Холбрук во својата книга „Да се заврши војната“ вели: Преговорите се истовремено мисловни и физички, апстрактни и лични, нешто како комбинација од шах и планинарење.“ „Мировните преговори“ на Блерта и Јетон Незирај ја искачуваат таа планина од недоразбирање низ еден совршено фарсичен израз кој треба на површина да ја извади целата погубна хипокризија на крајот на една војна која, како и ововременската во Украина, не требало да ја има. А која војна требало да ја има? И дали Тројанскиот коњ е вистинскиот модел за преговарачката „лага“? Оваа претстава конечно говори и за декадентноста на воениот конфликт во време кога тензиите стануваат апсурдни и кога лажните вести стануваат подлога за создавање на значајни хартии од вредност, кога местото на војување веќе не е фронтот, туку медиумот. Блерта Незирај гради многу динамична претстава со горчлив хумор кој боли, најмногу затоа што токму таа недолича декаденција на војната станува грозоморна стварност и целиот тој црн хумор конечно, постанува многу видлива и силна порака.
Кога сме веќе кај пораката, би проговориле и за сјајниот актерски израз чија компактност е круцијална за целото ова театарско дело. Она што значи сугестивност и автентичност во актерската игра кај овие актери е доблест која одушевува. Овде би сакал да потенцирам два извонредни актерски антиподи, а тоа е ликот на Џо Робертсон кој одлично го одигрува норвешкиот актер Харалд Томпсон Розенстром, лик чија индикативност како главен преговарач е во полето на ригидиноста и суровоста и ликот на Мелихате Ќена, која фантастично го одигрува симболот на традиционалноста и автентичноста на една земја, две далечни точки на една политичка и социјална дијагонала која нарекувајќи ја „преговори“, всушност стануваат легитимно поле на пресметка. Низ оваа координата се одвива целото дејствие на преговори на измислените завојувани земји, но во исто време претставата „Мировни преговори“ зборува и за тенкиот мраз под кој се наоѓаат оние кои седнале на тие маси. Тенкиот мраз на политичката нетрпеливост бил начин на живот во седумдесеттите години на минатиот век, но во дваесет и првиот век тој мраз не го издржал налетот на лажните вести и ветувања и се пропаднало во валканото море на политичката некоректност. Токму затоа и Јетон и Блерта Незирај со оваа претстава се прашуваат: што кога овие разговори ќе ја изгубат својата сериозност? Каде е оружјето на достоинството и чесноста?
Кога говориме за преговорите, имаме во предвид дека тоа би требало да биде крај на еден конфликт, крај на нови жртви и конечно положување на оружјето. Јетон Незирај вели дека „војната не завршува со положувањето на оружјето“. Но, претставата низ својот фарсичен начин на промислување вели дека преговорите никогаш не завршиле затоа што некаде, на некое друго место започнале други и така се до бескрај.
Покрај одличната актерска екипа која покрај споменатите Харалд Томпсон Розентром и Мелихате Ќена ја сочинуваат и одличните: Шкумбин Истрефи, Ема Андреа, Еља Бавчиќ, Мартин Киев и Орест Пастух. Визуелниот аспект е од особено значење затоа што сценографијата на Агата Шкварчинска зборува со јазикот на блескавите тркалезни маси и постојаните видеа разбиени од конфликтот на недореченоста и инфлуенците, сценографија која во својот техницистички израз исто така ја крие горчината на фарсата, додека кореографијата на Ѓерѓ Первази е, се чини една симболистичка цреша на шлагот, израз кој таа фарсичност ја подигнува на ниво на парадигма. Тука е и одличната музичка матрица на Ардо Ран Варес чија индикативност е од огромно значење за компактноста на целата претстава.
Исмаил Кадаре во својот „Генерал на мртвата војска“ во еден момент вели: „Во куп ковчези ќе се мешаат дивизии, полкови, баталјони, чети, единици од секаков вид. Потоа ќе бидат натоварени во голем брод кој полека ќе исплови од пристаништето за да ја врати оваа војска, сега намалена на неколку тони калциум и фосфор, дома.“ „Мировни преговори“ на Јетон и Блерта Незирај говори за таа „дома“ која веќе не припаѓа никому и за враќањето на она што е совршено невозможно да се врати, а тоа човековото достоинство. Тој калциум и фосфор се во одблесокот од секоја реплика на оваа извонредна претстава и не предупредуваат низ комиката која ни застанува в грло дека еден ден, кога Орвеловиот свет ќе постане минато и ќе го отстапи местото на еден многу посуров и побескомпромисен свет, „преговорите“ ќе бидат дијалози без поттекст, а оние што ги водат ќе останат бледи сенки, немушти и глуви.
Навикнат сум да живеам во комплетно недоразбирање со мнозинството. Порано мислев дека ако дадам сè од себе, во еден момент ќе се разбереме и ќе заживееме среќно и весело до крајот на животот. Тоа кога бев млад. Сега кога сум поискусен, кога можам да ги согледам дури и резултатите од сопствените залагања, јасно ми е…
На 69-годишна возраст почина Александра Слаѓана Милошевиќ, иконата на новиот музички бран во осумдесетите години во поранешна Југославија. Важеше за икона која ги рушеше сите табуа, а на пошироката јавност ѝ е најпозната по хит-нумерата „Принцеза“ која во 1984 година ја сними со Дадо Топиќ. Вистински бум направи со антологискиот хит и спот „Мики, Мики“…
Познатиот српски фотограф Томислав Петернек почина на 91-годишна возраст во Белград. Тој беше носител на највисоките титули во професијата и добитник на повеќе домашни и меѓународни награди, а неговите фотографии беа објавени во најзначајните светски весници, пренесува РТС. Томислав Петернек е роден 1933 година во Винковци, а со фотографија се занимава од 1954 година, пишува…
Денеска по кусо боледување почина еден од највлијателните и најуспешни скопски диџеи, музичари, композитори, текстописци, издавачи и продуценти Мирко Попов. Попов е роден во 1972 година во Скопје. Израснат во Градски ѕид, како што и самиот велеше во неговото „кучкар маало“, почнува да купува плочи и ја засакува музиката уште од основното училиште, што логично резултираше со првите…
Романот „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Објавувањето на добитникот на наградата се одржа денеска во кафе-книжарницата „Буква“, а за победникот одлучуваше жири-комисија составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо…
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа…
(Кон претставата „Поткровје“, по драмскиот текст „Цена“ на Артур Милер во продукција и режија на Александар Ивановски во копродукција со Македонскиот народен театар од Скопје. Главни улоги: Томислав Давидовски, Хари Михајловски, Елена Кузманов, Горан Ников) Двоактната пиеса на Артур Милер е напишана во далечната 1967 година, веднаш по неговите големи пиеси со кои стекнува светска…
(Кон претставата „Бура и продор“ по концепт и режија на Теа Беговска, а во продукција на Интернационалниот театарски фестивал „Скупи“. Главни улоги: Илин Јовановски, Дениз Рустеми, Бојан Лазаров, Миа Кантарџиева Петровска, Тодор Стојковски, Дин Ибрахим) Најпознатата сентенца на Питер Брук во неговото капитално теоретско дело „Празен простор“ вели: „Можам да земам кој било празен простор…