Култура

Скопје е европски град на културата за 2028

Македонскиот главен град Скопје денеска беше прогласен за европска престолнина на културата за 2028 година на церемонија во Домот на европската историја во Брисел. Одлуката  ја соопшти денеска Европската комисија, која следеше по вчерашната презентација на апликациите на земјите кои беа во потесен избор за оваа престижна титула, каде што свое обраќање имаше и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Скопје ја доби довербата за организација на годината во која ќе се слават македонската и европската култура во нашиот главен град и во земјава, а беше во конкуренција со Будва, Црна Гора.

„Изборот на Скопје за престолнина на културата во Европа за 2028 година е голем успех за македонската култура. Скопје е подготвено да одговори на предизвикот. Всушност, Скопје како да се создавало низ вековите и за овој предизвик. Под европското и македонското знаме ќе ја подигнеме креативната енергија за таа да да се  рашири и низ целиот континент. Има ли подобро место за тоа од Скопје?“

Сите скопјани и сите македонски граѓани, без разлика на нивната етничка, верска, родова, социјална, културолошка и каква било друга определба, се обединети во задоволството нивниот град, нашето Скопје, да ги отвори ширум портите и со својата култура да ја прегрне културата на Европа. Од центарот на Европа, директно во срцето на Балканот“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска по соопштувањето на одлуката.

Експертите од Европа ја препознаа искрената посветеност на Градот и на Владата на Северна Македонија, на стручните тимови, во повеќегодишниот процес на подготовка на апликацијата и заложбите на нашата држава во негувањето на европските вредности. Во тој контекст, министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, рече дека на оваа титула гледаме како на заедничка придобивка преку која со нашите национални културни вредности ја збогатуваме колоритноста на идентитетската карта на Европа и создаваме заеднички културен простор во кој сите се добредојдени.

„Скопје не е двонасочна улица на која културите се разминуваат. Не е ниту крстосница на која некоја култура има предност. Скопје е точка на средба на култури и нации, на историја и иднина, на културно-историски споменици и локалитети кои ги носат лузните од многубројни катастрофи – земјотреси, поплави, пожари.

Но, кога имате моќна културна база и град со големо културно богатство, кога имате стамени жители и многу пријатели, тогаш градот одново и одново се подигнува. Затоа, Скопје треба добро да се запознае. На Скопје не му се суди од првото видување“, изјави во Брисел министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, по прогласувањето на Скопје за „Европска престолнина на културата за 2028 година“.

Во овој капитален проект за секој град и држава од Европа се вложува со години однапред и по завршувањето на годината на манифестацијата. Затоа, Градот Скопје и Владата на оваа презентација ги изложија заедничките ставови за соединување на сите инфраструктурни и кадровски капацитети, како и потребните средства за исполнување на барањата и на европските стандарди за успешна презентација и афирмација на културните, општествените, економските и туристичките вредности на земјава пред светот.

Министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека оваа македонска победа е пример за применливоста на мотото дека културата не познава поделби.

„Иако со градоначалничката припаѓаме на две крајно различни, би рекла и спротивставени политички гледишта, погледот кон 2028  ја поттикна нашата далековидост и културата на дијалог. Зашто никој од нас не знае каде и што ќе биде за 5 години, но ќе знаеме каде сме биле денеска и дали доволно сме направиле за нашата престолнина и за нашите граѓани.

Препознавајќи ја суштината, вредноста, но и тежината на титулата Европска престолнина на културата, Владата, преку Министерството за култура, се обврза на безрезервна поддршка, и финансиска и кадровска и инфраструктурна. Сите национални установи и институции на културата ќе бидат во служба на ʼСкопје 2028ʻ.  Во исто време, ги повикуваме на креативна мобилизација и независната културна сцена, младите автори, иновативните луѓе од креативните индустрии, невладиниот сектор, туристичките работници, занаетчиите, локалните бизниси. Имаме потенцијал кој, убедена сум, нема да ја пропушти шансата да се покаже во своето најдобро издание. Ова е наша заедничка инвестиција во една незаборавна година, година во која Скопје ќе биде достојна и впечатлива европска престолнина на културата“, вели министерката Костадиновска-Стојчевска.

Во насока на успешни подготовки за годината кога во Скопје ќе се вкрстат европската и домашната култура, Костадиновска-Стојчевска посочи дека од полза за нас се сите заложби и резултати што како држава и култура ги постигнуваме низ регионалната соработка, иницијативи, програми – од Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа, преку Берлинскиот процес до регионални иницијативи за Западен Балкан, како и повеќегодишното драгоцено искуство и поддршка преку програмата „Креативна Европа“ и партиципирањето во „Културните патеки на Европа“.

Автор: