Култура

Директорката Македонската Филхармонија, Тина Иванова и Управниот одбор разрешени од министерката за култура

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја разреши директорката на Филхармонијата, Тина Иванова, а за в. д. директор е поставен виолинистот Даниел Лазаровски, соопшти денеска Министерството за култура. Иванова и целиот Управен одбор на Филхармонија се разрешени поради несовесно работење, кои ги утврдила Комисија од Министерството за култура, по извршениот увид на 6 септември.

После извршен увид во работата на Националната установа Филхармонија, од страна на Комисија при Министерството за култура, извршен на 06.09.2023 година, Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска донела одлука за разрешување на Тина Иванова, директорка на НУ Филхармонија, како и на членовите на Управниот одбор на установата. Образложението за разрешување се повикува на Законот за користење и располагање со стварите во државна и општествена сопственост, според кои директорката Иванова требало да постапува совесно, економично, соодветно, уредно, навремено, како и на склучените договори и правилници при издавање на просториите од Филхармонијата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ на 07.05.2023 година, но и при издавање простории на економскиот оператор Бока Бистро.

Во документацијата на Филхармонијата се константирани бројни законски повреди и неусогласености во работењето.

„Од документацијата и направените записници се заклучува дека директорката Иванова постапувала несоодветно, несовесно, неекономично, неуредно, ненавремено и спротивно на склучените договори и правилници при издавање на просториите на Филхармонија. Одговорното лице на установата склучувало договори кои самото не ги испочитувало и прекршен е Правилникот на установата кој го донел Управниот одбор“, вели Министерството.

Кавгата меѓу Костадиновска-Стојчевска и Иванова стана јавна кога директорката застана зад Синдикатот на Филхармонијата и Оркестарот, откако на 31 март 108 вработени од Филхармонијата потпишаа петиција против одлуката на Владата и рекоа дека не сакаат да го делат објектот со колегите од новоформираниот Национален џез-оркестар, иако пола од новиот оркестар се вработени музичари во Филхармонијата.

Синдикатот на Филхармонијата три месеци организираше протести пред Владата и пред Министерството за култура, а музичарите на концертите во знак на протест носеа жолти, па црвени ленти. Во оваа кампања, музичарите на Филхармонија бараа и оставка од министерката за култура.

Најавувајќи го решението за новиот простор на Џез оркестарот, министерката Костадиновска-Стојчевска на прес конференцијата на 20 јуни кажа дека очекува „извинувања кон јавноста и публиката од директорката и Управниот одбор кои свесно манипулираа со врвни музичари, но и со авторитети од светот на културата, убедувајќи ги дека јас и оваа Влада сакаме да ја земеме зградата на Филхармонија и воедно свесно ги изложија на критики од јавноста како нетрпеливи и безобзирни домаќини“. Но, не доби извинување од директорката Иванова ниту од Управниот одбор на Филхармонијата.

Во денешното јавно обраќање до медиумите, Иванова вели дека не е разрешена од функцијата поради несовесно работење како било наведено во министерката, туку дека причината е што како директорка, застанала на страната на колективот и на страната на институцијата.

Министерството за култура, пак, го отфрли ова тврдење на Иванова како инсинуации и невистини.

Автор: