Култура

ЕТИЧНОСТА КАЈ ХУМАНОИДИТЕ

(Кон претставата „Затворена студија (Нова конструктивна етика)“ по текст на Иван Вирипаев, во режија на Нина Рајиќ Крањец, а во продукција на Прешерновиот театар од Крањ, Словенија. Главни улоги: Дарија Рајхман, Борут Веселко, Тамара Авгуштин, Бранко Јордан, Доротеја Надрах)

Еден од последните драмски текстови на Иван Вирипаев се занимава со погубноста на човештвото, со погребувањето на етиката и моралот, а најмногу од се со шансите за неговото спасување.Овој многу специфичен драмски текст е напишан во форма на анкета каде што на прашањата од интервјуа тројца научници: биологинката Рејчел Мекдонелан, психологинката Моника Боровска и неврологот Морган Смит зборуваат за клучните прашања на човековото постоење. Каде оди цивилизацијата, каде не води веќе девастираната клима, зошто не можеме да се прилагодиме на новата родова естетика, што се случува со јадрото на семејството и колку уште останало од светот за изедување? Оваа претстава на Нина Рајиќ Крањец се занимава со заглушувачкото ѕвоно на овие прашања на еден извонредно сликовит начин, со вербална и интерпретативна живописност која како да изронува од она што го нарекуваме „публика“. Гледајќи ја оваа претстава имаме впечаток, токму како публика дека пасивно го гледаме распаѓањето на светот и од тоа правиме забава на чиј крај ќе не нема сите нас. Режискиот концепт на оваа исклучително талентирана млада режисерка е систематски распослан низ седиштата од публиката додека вистинската „публика“ сето тоа го „опсервира“ од сцената. Оваа позиционираност е вовед за нејзина студија која се надоврзува на ставот на Вирипаев дека човекот всушност е доведен до состојба на левитирање губејќи го својот елементарен статус и од материјална и од духовна гледна точка. Во самиот текст, на неговиот почеток, Вирипаев става еден одличан цитат на Онора Бфаса, активистка за човекови права и добитничка на Нобеловата нгарада за мир од Кенија кој гласи: „Човекот не се раѓа како граѓанин на својата земја; тој не е роден субјект на национална култура или дури зборувач на одреден јазик. Пред сè, човекот се раѓа слободен.“

Тргнувајќи од слободата и Вирипаев и Нина Крањец се фокусираат на инструментариумот со којшто човекот многу аналитично ја задушува својата слобода. Машкиот глас уште на почетокот на пиесата зборува за тоа дека оваа пиеса е констриурана од резултатите на една студија: „Оваа студија беше нарачана од Центарот за меѓународни биолошки истражувања на New World Security и спроведена во 2019 година од Global Construction, меѓународна истражувачка организација. Оваа театарска претстава е заснована на транскрипти од три интервјуа што ни ги обезбеди New World Security. Идејата да се создаде претстава базирана на студијата им припаѓа на основачките партнери на New Constructive Ethics и нејзината режисерка, г-ѓа Лене Соренсен.“ Режисерскиот концепт на Нина Крањац заговара тричасовна претстава која многу сурово ги отвора прашањата за тоа каде човекот ја заборавил својата етика и колку е таа важна за неговтото постоење. Петте актери и актерки навлегуваат во сите пори на материјалните беспаќа, на моралната изгубеност и деструкцијата која ја вовлекува и смртта секогаш кога човековиот хедонизам станува негов главен инструментариум. Жестокоста на дијалогот на Вирипаев, Нина Крањец го распалува со додатни пробелматизирања на категоризацијата на човековото општење отворајќи ја неговата промискуитетност и неговата индолентност кои водат кон неодложен суицид. Научниците во оваа претстава излегуваат од својот „јавен“ кожурец и својата интима ја облекуваат во лицемерна одежда. Според текстот на Вирипаев овие научници за оваа студија треба да добијат дебели надоместоци. Овој предзнак ја проблематизира насоченоста на целата систематичност и уште еднаш ја заслепува вистината. Режисерката го отвора амбисот на лагата говорејќи за големата илузија која ќе се распрсне како меур од сапуница и проблематизирајќи го реалитетот во таа празна сала на театарот ги соочува фактите со фикцијата, всушност најголемата дилема на сите тројца научници. Трагиката на човечкиот род е во непочитувањето на неговото настанување – така некако би го формулирале нејзиниот концепт најмногу заради постојаното отворање на прашањето за човековото спасение во светот кој е длабоко разронет како морска карпа. Затоа и мајмунските маски и белата мечка во претставата се асоцијативно поврзани со човековиот инстинкт за преживување, но и потреба да е биде дел од природата која толку свесно и систематски ја уништува.

Она што покрај режисерскиот концепт најмногу импонира е актерската енергија која е фантастична, па така Дарија Рајхман како Моника Боровска, Тамара Авгуштин како Рејчел Донелан, Бранко Јордан како Морган Смит, Борут Веселко и Доротеја Надрах како машкиот и женскиот глас градат ликови што се борат меѓу нивните ангажмани и нивните интимни превирања кога станува збор за научниците и ликови кои дополнително го проблематизираат она што треба а биде дел од едно истражување доведувајќи го поразителни заклучоци кога се работи за машкиот и женскиот глас. Страствена, до крај ангажирана и компактна, оваа актерска енергија всушност ја носи и најголемата суштественост на целата претстава. Нивната сплотеност во актерскиот израз е на некој начин и полигон за создавање на различни персоналитети кои бликаат со својата живописност и автентичност. Актерското јадро во ова претстава е конструкт и на пораката на истата, а и на нејзиниот ангажман.

Сценографијата на Урша Видиц и костимогравијата на Марина Сремец се движат по работ на реалистичното користејќи ја неговата автентичност која на многу наврати се претвора во метафора, па така градежната конструкција во театарската сала е и антипод на нејзината колоритност, маските изработени од Матеј Пајнтар и Аља Шушњик (мечката е дело на Бране Дрекоња) се реплика на „театралноста“ која има за цел да ја одвои илузијата од аналитиката што говори за еден паралелен дијалог на визуелното со актерското и драматуршкото. Низ овие крстосници се провлекува и острата музичка илустрација на Бранко Рожман која делува прилично доминантно.

„Затворена студија (Нова конструктивна етика)“ ја доживувате како естетска реорганизација на нешто што е одамна разобличано. Впрочем, тоа е обид за репоставување на системот на вредности и за објаснување на слободата на човекот чие постоење станува се повулгарно. Вирипаев е ангажиран драмски писател и е еден од современите прогонети автори кои отворено се откажал од руското државјанство. Претставата која низ своите тричасовни актерски бравури и цврстата режисерка концепција не повикува да се пресипитаме каде ни се изгубила слободата, онаа вистинската, а не илузорната и што е она што треба да го осмисли нашиот понатамошем живот: како хомо сапиенси или како хуманоиди. Откажувањето од себеси е многу неосетно, а последиците од него стануваат видливи дури тогаш кога ќе биде предоцна за промени. Нина Рајиќ Крањец и Иван Вирипаев сериозно и длабоко посветено зборуваат со јазикот на оние што се одметнале од самите себеси и го загубиле свјот идентитет на патот кон прелеста и хедонизмот.

Фотографии на Нада Зганк

Сашо Огненовски