Култура

АМАЛГАМОТ НА ТЕАТАРСКОТО ИСТРАЖУВАЊЕ

(Кон 58 -от фестивал „Борштникови средби“ одржан од 5 до 18 јуни во Марибор, Словенија)

Динамичниот и репертоарски богат театарски фестивал наречен „Борштникови средби“ кој по 58-ми пат се случува во Марибор, Словенија, е грандиозен театарски настан каде што во компетитивната селекција, но и во онаа придружната е собрана есенцијата на словенечкиот театар, неговите најсигнификантни продукции и на некој начин претставува апотеоза на театарското случување во Словенија. Фестивалот е поделен на компетитивен дел, придружен дел и секако, студентските продукции кои се исто така од големо значење најмногу заради презентацијата на новите театарски сили кои доаѓаат од театарските школи. Селекторката Вилма Штритоф, инаку драматургиња и театарска критичарка, членка на многу домашни и меѓународни театарски жирија, во два наврати претседателка на здружението на театарските критичари на Словенија и драматургиња на многу театарски продукции во Словенија и надвор од неа, во компетитивната програма одбрала дванаест претстави од сите жанрови и сите театарски форми, претстави работени по дела на Словенечки и стански автори: „Талози“ на Катарина Морано во режија на Жига Дивјак, а во продукција на Градскиот Љубљански театар од Љубљана; „Франчишек“ по романот „Божјиот сиромав“ на Никос Казанѕакис во адаптација на Јернеј Лоренци кој е и режисер на претставата, во продукција на Градскиот театар од Птуј; „Невидлива жена“ по збирката раскази на Славенка Дракулиќ „Невидливата жена и други раскази“ во адаптација на Шпела Фрлјиќ и Ивана Ѓилас во режија на Ивана Ѓилас и во продукција на Театарот Антон Подбившек; „52 Херци“ на Тијана Грумиќ во режија на Мојца Мадон, а во продукција на Народниот театар од Нова Горица; „Немој ти мене Алис“, авторски проект на Наташа Матијашец Рошкер и Петја Лабович во продукција на Словенечкиот народен театар од Марибор; „Претседателки“ од Венер Шваб во режија на Нина Рамшак Марковиќ, а во продукција на Завод Мелара од Љубљана; „Затворена студија, „Нова конструктивна етика““ по текст на Иван Вирипаев, во режија на Нина Рајиќ Крањец, а во продукција на Прешерновиот театар од Крањ; „Еден К те гледа“ по прозата „Метаморфоза“ на Франц Кафка, авторски проект на Мојца Шпик, Клара Кастелец, Иван Свен ду Свами и Тадеј Пишек, а во продукција на Културниот завод Годо и Заводот Виткар; „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“ од Едвард Олби во режија на Ивица Буљан, а во продукција на Мини театарот од Љубљана; „Жени во тесто“, авторски проект работен по словенечките народни песни во режија на Жива Бозовичар, „Деца“ од Луси Кирквуд во режија на Нина Шорак,  и „Движење“ од Димитрије Коканов во режија на Јуш Зидар, сите три претстави во продукција на Словенечкиот народен театар од Љубљана.

На овој фестивал е секако интересна и придружната пограма која броеше исто така дванаесет претстави: „410 километри“, авторски проект на Каролина Котрбова, Гашпер Ловец, Филип Мрамор, Јернеј Поточан и Домен Новак во режија на Филип Мрамор, а во продукција на Куклениот театар од Љубљана; „Љубов“, по текст и во режија на Пипо Делбоно, а во продукција на Театарот на Емилија Ромања и Трупата на Пипо Делбоно од Италија; „Проектот Хандке“ по текстот на Јетон Незирај во режија на Блерта Незирај, а во продукција на Театарот Ода од Приштина, Косово; „Имитација“ (Ersatz) по концепт и режија на Жулиен Мелано, а во продукција на Фестивалот 11 – Биеналето на марионети и Националниот театар на Суд Аквитен, Франција; „Од каде си ти дома, девојче“, авторски проект на Леа Михевц во продукција на Цанкарјев дом, Љубљана; „Бура“ на Вилијам Шекспир во режија на Алесандро Сера, а во продукција на Националниот театар од Рим, Националниот театар на Емилија Ромања, Театарот Сардења, Италија и Фестиавлот Авињон, Националниот театар на Монпелје, Франција; „Венера – помеѓу заробувањето и летањето“ авторски проект на Мала Клајн, а во продукција на Центарот за култура „Шпански борци“, Заводот Ен-Кнап, Кино Шишка и Танцовата академија Номад од Љубљана; „Кризи“ по мотивите на книгите „Помалку е повеќе“ на Џејсон Хикл и „Печурка на крајот на светот“ на Ен Ловенхаупт Цинг, во режија на Жига Дивјак, а во продукција на Словенскиот младински театар (Нова пошта), како дел од проектот АКТ – Уметност, клима, транзиција, посветеното поврзување на уметноста, активизмот со екологијата и правично преминување; „Мандиќциркус (облечен)“ по текст на Марко Мандиќ и Бојан Јаблановец во режија на Бојан Јаблановец, а во продукција на Словенечкиот народен театар од Љубљана и Виа Негатива; „Апофенија/1“ авторски проект на Нина Рамшак Марковиќ и Варја Хрватин, а во продукција на Конс МКЦ – Марибор – Миха Хорват; „Мојата воена хармоника“ по текст на Алеш Штегер, а во режија на Јернеј Лоренци, а во продукција на Цанкарјев дом и „Фарма Орвел“ по романот „Животинска фарма“ на Џорџ Орвел во адаптација и режија на Лука Марцен, а во продукција на Словенечкиот народен театар од Маробор. Она што е исклучително интересно и во двата сегменти од фестивалот е широката иновативност во театарскиот израз кој е многу повеќе застапен во придружната програма, додека во компетитивната програма можат да се забележи и поконвенционален начин на мислење. Но, како што и се гледа од селекцијата на Вилма Штротоф (следната година на нејзиното место е Блаж Лукан), актерската енергија и режисерското видување е она што е најмногу присутно на овој мошне интересн фестивал. И покрај тоа што во компетицијата можеа да се забележат и радикални, но и минималистички начини на мислење, сепак актерскиот израз е она што се чини дека му ја дава компактноста на целиот овој грандиозен театарски настан. Секако, прекрасната театарска атмосфера ја облагородија и разговорите по сите претстави кои се водеа веднаш по одигрувањео, потег кој говори за силната кохерентност на овој фестивал. Меѓународното жири на фестивалот во состав: Матеј Богатај, Сенка Булиќ, Петер Петковшек, Ајда Рус и Јоханес Нетлинг главната награда за најдобра претстава на фестивалот ја додели на претставата „Затворена студија (нова конструктивна етика)“ во режија на Нина Рајиќ Крањец, во продукција на Прешерновиот театар од Крањ, додека наградата за режија ја понесе Мојца Мадон за претставата „52 Херци“, претстава која ја понесе и наградата за најдобра млада актерка на Ивана Перцан Кодарин. Три Борштникови награди понесе претставата „Франчишек“ и тоа: за актерски остварувања на Јанез Шкоф и Тамара Августин, како и Бранко Хојник за сценографија, додека наградата за најдобар драмски текст отиде во рацете на Катарина Морано за драмскиот текст „Талози“, додека актерката Мирјам Корбар ја доби наградата за актерско остварување за истата претстава. Наградата за актерско остварување отиде во рацете на Бранко Штурбеј за улогата на Џорџ во претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“ на Мини театарот, а на таа претстава и беше доделена и наградата за надобро светло на колектив сон:ДА и Тони Сопрано Менеглејте. Посебните две Борштникови награди беа доделени на претставата „Еден К те гледа“ и онаа за интегрална обработка на метријата за сценска изведна на претставата „Жани во тесто“.

Борштниковите театарски средби се презентација на словенечкиот театар во неговото најубаво светло. Овој пресек или селекција, ако сакаме, зборува за храброста и радикалноста, но и за големата филозофска сонда на театарското мислење кое е секогаш актуелно и полно со значења. И покрај тоа што низ неговите настани можеме да сретнеме големи театарски имиња како што е Пипо Делбоно или Алесандро Сера, можеме да ги погледнеме инициајнтните гами на сите театарски уметници во Словенија чија ерудитивност и артизам е на високо завидно ниво. Кога зборуваме за новите промислувања на европскиот театар, а сме тука, на Балканското географско и митско подрачје, секогаш помислуваме на Словенечкиот театар. Неговото артистично изненадување е секогаш впечатливо и импресивно.

Сашо Огненовски

Слични статии