Култура

Националната галерија го одбележува Меѓународниот ден на културно наследство

Националната галерија – Скопје, се придружува кон одбележувањето на Меѓународниот ден на промоција на културното наследство – 18 Април. За таа цел, оваа институција денеска ги отвора вратите за посетителите, особено за најмладите. 

Во Даут пашин амам во моментов е сместена постојаната Национална поставка на ликовни дела (икони, слики, скулптури, инсталации…), која го прзентира периодот од XIV – XXI век, претставени во осум изложбени сали. Изложени се речиси 200 дела, доминантно во сопственост на Националната галерија на Северна Македонија, а мал дел времено позајмени од други установи со цел добивање на континуитет во хронологијата и стилскиот развој на македонската ликовна уметност. 

Во Чифте амам има поставка на мултимедијалниот проект „Пејзажно искуство“, едно од најдобрите национални претставувања на 59-то издание на меѓународната ликовна изложба „La Biennale di Venezia 2022“.

Нејзиното формирање датира во далечната 1948 година, како одговор на потребата, македонската ликовна сцена да биде водена и поттикнувана од стручна институција во која би се презентирала и афирмирала македонската ликовна уметност. За таа цел во овој период била извршена конзервација и реставрација на Даут пашиниот амам и истиот ја добил функцијата на Уметничка галерија. Прв директор на Галеријата бил  академскиот сликар со прилепско потекло Борко Лазески, а по него истакнатиот ликовен уметник Никола Мартиноски.На свеченото отварање на Галеријата  во 1951  година била отворена и првата поставка на ликовни дела: икони од XIV – XIX век, копии на фрески и ликовни дела од тогашната македонска и југословенска современата уметност.Денес, основни дејности на Националната галерија на Македонија се музејската и галериската дејност, а во нејзините објекти се одржуваат и голем број на различни културни настани (концерти, промоции, советувања, дискусии … Националната галерија на Македонија управува со четири објекти од кои два претставуваат споменици на културата, недвижно културно наследство, ретки примероци на исламската, профана архитектура.

Во текот на целиот ден, влезот за сите посетители е слободен од 10 до 18 часот.

Автор: