Култура

МУЛТИЗНАЧНОСТА НА СЛОВЕНЕЧКИОТ ТЕАТАР

(Кон 53. издание на фестивалот „Недела на Словенечката драма“, одржан во Крањ, Словенија од 27 март до 7 април, 2023 година)

Големиот американски драмски писател Дејвид Мемет во една прилика рекол: „ Кога ќе влезете во театарот, треба да бидете спремни да кажете: Сите сме тука за да се причестиме, да дознаеме што по ѓаволите се случува на овој свет.“

Словенечкиот театар е токму тоа – во дослух со се она што е актуелно во светот и неговиот паноптикум ги заграбува оние најгорливи проблеми и најдлабоки болести. „Неделата на Словенечката драма“ во Крањ е пресек на она најинтересното во Словенечката драматика и на нејзиното театарско промислување. По педесет и трети пат овој прекрасен театарски фестивал ја отвора својата сцена за современите Словенечки драматичари и режисери, за незапирливата актерска енергија, за исклучително комплексната визуелизација на она што значи: Словенечки театар, тука и сега. Во богатата програма на ова издание, фестивалот како и секоја година е поделен на натпреварувачки и придружен дел на кои беа додадени и многу интересни дебати и средби со уметници и аналитичари на театарот.

Овде мораме да ја истакнеме прекрасната селекција на младиот театарски критичар Рок Бозовичар во која се најдоа седум претстави кои ги одбрал по проследувањето на 66 претстави работени по дела на Словенечки автори. Како што вели тој: „Седумте продукции носат свеж и духовит театарски јазик, без разлика дали се работи за изведба на словенечки народни песни или изградба на тунел до морето“ и тоа е сосема точно. Оваа селекција нуди седум возбудливи претстави кои третираат актуелни проблеми и нудат моќно театарско доживување. Рок Бозовичар ги селектираше следните претстави: „Талози“ по текст на Катарина Морано во режија на Жига Дивјак и во продукција на Градскиот театар од Љубљана, „Бајките на нашето детство“, авторски проект на Прешерновиот театар од Крањ и СНГ од Нова Горица во режја на Јернеј Лоренци, „Немој ти мене Алис (уште еднаш)“, авторски проект на Петја Лабовиќ и Наташа Матијашец Рошкер во продукција на СНГ Драма од Марибор, „410 километри“ на Каролина Котрбова, Гашпер Ловрец, Филип Мрамор, Јернеј Поточан и Домен Новак во режија на Филип Мрамор на Куклениот театар од Љубљана, „Девојко, од каде си ти дома?“ на Леа Михевц, продукција на Цанкарјев дом од Љубљана, „Жени во тесто“, авторски проект по мотиви на Словенечките народни песни во режија на Жива Бизовичар во продукција на СНГ Љубљана и „Како паднало дрвото“ по текст на Катарина Морано во режија на Жига Дивјак исто во продукција на СНГ Љубљана.

Селекцијата на Рок Бозовичар го допира значенскиот мозаик на словенечката театарска мотивираност и понудува една слоевитост која и интригира, но и воодушевува. Така двете претстави по текстовите на Катарина Морано и во режија на младиот и талентиран режисер Жига Дивјак навлегуваат во интимните светови во кои снаоѓањето и разбирањето е се помалку можно, во световите кои дошле временски многу оддалеку (Талози) и ги оставиле своите талози во едно многу дестабилизирачко пречекорување од сегашноста кон иднината.

Овие две претстави зборуваат за Бергмановското преинсталирање на минатото преку демистифицирање на спомените и тешкото артикулирање на храброста која полека се претвора во индолентност (Како паднало дрвото). Катарина Морано и Жига Дивјак низ овие две претстави предупредуваат на сушествената редунданстност која не опкружува како полип зафрлувајќи ги своите мрежи преку нашето сфаќање на сегашноста како миг што не го разбираме најмногу заради тоа што целта да се одживее истиот е се помала и понедостижна. Стела Адлер вели дека: „Театарот е создаден за да им ја каже вистината на луѓето за животот и социјалната состојба“, а овие две претстави говорат за отуѓеноста како единствената вистина на која човековиот духовен систем се навикнува како на дрога и од неа излегува само низ смртта. „Немој ти мене Алиса (уште еднаш)“, авторскиот проект на Петја Лабович и Наташа Матијашец Рошкер е парабола мотивирана од чудесната приказна на Луис Керол која не вовлекува во една мрачна пребразба на животниот тек, на недореченоста и неснаодливоста низ прекрасните актерски интерпретации на сјајните двајца актери од Мариборскиот театар, додека „Жени во тесто“, претстава инсирирана од Словенечките народни песни во прекрасната режија на Жива Бизвичар зборува за волшепството на митот, но и за неговата паганска трансфрмација низ одличните перформативни лупинзи на четирите до крај мотивирани актерки.

„Неделата на Словенечката драма“ секогаш започнува на 27 март, денот на театарот со праиведба на текстот на Милан Рамшак Марковиќ „Дождлив ден во Гурлич“ во режија на Себастијан Хорват и во копродукција на Прешерновиот театар од Крањ и Градскиот театар до Птуј, претстава која говори за интимните загуби на едно бездетно семејство кои се претвораат и во материјални, но и за едно недоразбирање каде се замешуваат и деструктивните чинители на времето кое никако да не напушти. Оваа претстава каде е добро препознатлив минимализмот на Хорват се случува на мал простор каде што публиката е вовлечена во актеровата територија што зборува за една актуелност на урбаната редундантност и духовната заспаност на семејниот човек. Придружната програма на фестивалот беше составена од претставите: „Реалисти“ на Јуре Карас во режија на Матко Рагуж и во продукција на театарот „Егзит“, музичката претстава „Гоѕила трубјут бенд“, авторски проект на Маја Полјанец Немец, Миха Безељак и Зоран Петровиќ во режија на Колектив ГТБ и во продкција на Момент и СНГ Нова Горица, „Дали ми е страв?“ по текст на Маруша Кресе во режија на Анѓелка Николиќ и во продукција на Прешерновиот театар од Крањ, „Израстурена соба“, авторски проект на Клемен Ковачич и Нил Жнидаршич во изведба на Клемен Ковачич во продукција на Куклениот театар од Љубљана и „Сексуално образование II: Дијагноза + Согласност“, авторски проект на Тјаша Чрнигој, Ника Розман, Теа Видмар, Тијана Тодоровиќ и Барбара Капељ во режија на Тјаша Чрнигој и во копродукција на Нова пошта/Словенскиот малдински театар и Маска од Љубљана, претстави кои донесоа различни начини на промислување и различни режисерски видувања воглавно на авторски проекти инсприрани од ововременските деструктивни процеси, но и од дослухот на минатото со сегашноста низ актерски ангажман чија симболистичка подлога носи големи значенски печати.

На овој фестивал се случуваат и низа инттересни и инспиративни дебати за флуктуалните проблеми во театарската уметност кои беа организирани на маргините на театарските случувања воглавно во прекрасниот простор на Лајеровата куќа и кулата Шкрловец. Овојпат тоа беа дебатите: „Повеќе критика, молам“ која за тема ја имаше функционалноста и конструктивноста на театарската критика предводена од Евелин Бизјак, компаративистка, Бенјамин Зајц, магистар по театарска критика и Тајда Липцер, апсолвентка на отсекот за драматургија. Уршка Јеж, Тјаша Пуребер и Др. Катарина Компан Ерзар на дебатата „Вештачка крв, вистински солзи“ зборуваа за насилството во театарските кругови, за лошиот третман на театарските и воопшто уметниците од позиции на моќ, додека едно од најинтересните настани од овој сегмент беа средбите на театарските активисти од различни земји на дискусијата насловена како „Драматиката на малите европски јазици“, проект на Европската театарска конвенција, дискусија која би требало да придонесе за подинамична цикрулација на преводите на драмските текстови на помалите европски јазици во пошироки размери. Овде се придружуваат и читањата на прекрасните кратки драми на студентите од прва година на отсекот Драматургија на АГРФТ, под водство на нивниот ментор, проф. Мр. Жанина Мирчевска.

Секоја година на овој фестивал се доделуваат и легендарните Грумови награди за најдобар драмски текст и за најдобар драмски текст на млад драматичар. Оваа година жирито во состав: Весна Јевникар, Томаж Топоришиќ и Јакоб Рибич наградата за најдобар драмски текст на млад драматичар ја додели на драматургинката Манца Липоглавшек за пиесата „Замрзнување“, а во потесен круг беа номинирани и Ива Ш. Слосар за пиесата „Како се смее папата“ и Јака Смеркољ Симонети за пиесата „Песната на птиците во крошните на дрвјата“. Истото жири ја додели и Грумовата награда за најдобар драмаски текст на Ања Новак Ањута за драмскиот текст „Текстот на телото“, а во потесен круг беа „на девојката“ на Нина Куцлар Сриковиќ и „Граница“ на Рок Грегор Вилчник рокгре.

Што се однесува до театарските награди и покрај жирито во состав Дијана Колоини, Анѓелка Николиќ и Тери Жежељ, сепак најголемата награда за најдобра претстава ја доделува публиката која ја оценува секоја претстава, па така овојпат оваа награда ја понесе „Талози“ на Катарина Морано во режија на Жига Дивјак која ја понесе и специјалната награда на жирито. Наградата на жирито за најдобра претстава од натпреварувачкиот дел која го носи името на големиот Словенечки драматичар Руди Шелиго ја понесе претставата „Жени во тесто“ по Совенечките народни песни во режија на Жива Бизовичар, додека актерските награди отидоа во рацата на Звездана Млакар за истата претстава и на Грегор Зорц за улогата во претставата „Бајките од нашето детство“ во режија на Јернеј Лоренци.

Неделата на Словенечката драма и по педесет и трети пат донесе голема театарска возбуда која зрачи со висока актуелност и огромен театарски ангажман, со посветеност кон горливите проблеми во човековото живеење како и со артизам кој плени и воодушевува. Различните и исклучително интересни режисерски видувања и драмските текстови мотивирани од вистински теми придонесуваат овој театар да го привлече вниманието не само на публиката, туку и на театарските аналитичари. Големата филмска и театарска артистка Ванеса Редгрејв вели: „Мислам дека театарот е од суштинско значење за цивилизацијата како и безбедната, чиста вода“, а овде би рекле дека селекторот Рок Бозовичар ни донесе слапови од брза театарска вода низ која пловевме со голема љубопитност и возбуда, театарско доживување за паметење.

Фотографии на Медијаспид

Рецензија на Сашо Огненовски

Слични статии