Почетна / Интервју / Насловна / Зоран Стојковски: За здрава кинематографија ни треба филмски писмена публика
Зоран Стојковски: За здрава кинематографија ни треба филмски писмена публика
— 26 декември, 2021
Зоран Стојковски е Македонец, по професија режисер, кој живее и работи во Загреб, Хрватска, каде магистрирал пред само година и пол на Академијата за драмски и филмски уметности и се стекнал со звањето магистер по филмска и тв режија. Пред тоа дипломирал класична филологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје“. Неговата филмска или режисерска приказна започнува како актер- аматер, за подоцна да се определи за филм. Тој се вклопува на светскиот тренд, дека е пожелно оние што студираат режија да се постари од 18 години, или уште подобро, ако имаат завршено плус некој факултет, пред да запишат режија. Зоран Стојковски е во најзрелите и најплодни години што може да ги има еден творец – уметник, (тој тукушто наполни 36 години), а неговите филмови го претставуваат како зрел, изграден режисер, кој допрва ќе не изненади со своите дела.
Филм+: Вашиот последен филм „Валцер за 1.Мај“, снимен 2019 година, на кој го потпишувате и сценариото, прикажува една интересна и добро осмислена приказна. Зошто 1 Мај, кажете ни нешто повеќе за идејата за овој филм?
Зоран Стојковски: „Валцер за 1. Мај“ е мој дипломски филм. Со него ги завршив студиите на Академијата за драмски и филмски уметности во Загреб. Во него се прикажува динамиката на една генерација koja e пропратена со фудбалски фолклор и пропаднати фабрики кои станале национален фолклор. Па така и насловот малку цинички се наметна. Приказната се базира на два лика кои животниот пат ги разделил а имаат убаво заедничко минато. Едниот го преиспитува минатото, затоа што го мачи, додека другиот се забавува на свој начин и ги испитува границите на толеранција кај гостите за 1. Мај.
Во филмот покрај двајцата главни ликови игра и релативно голема актерска екипа. Колку вашето искуство во театарот ви помогна така успешно да ги претставите сите ликови во 17 минути, колку што трае филмот?
Искуството како актер во театар ми помага полесно и поедноставно да работам со актерите при што се трудам на било кој начин да не ги оптеретам. Но сепак тоа зависи од проект до проект. Сакам да правам проби и прецизни планови, но, сакам и да импровизирам, сакам со актерите да водиме претходно разговори и без проби да одиме да снимаме. Мислам дека тогаш најмногу ја провоцирам својата интуиција и носам најдобри решенија. Но сепак тоа се зависи од претходно договорениот концепт.
Споменавте дека имате искуство како актер!
Да, тоа беше во независните театри „Театат 007“ и „Театроск“ со кои направивме многу претстави и учествувавме на многу фестивали во и надвор од земјата. За жал, во Македонија, со поголем успех функционира независната театарска сцена, за разлика од филмската.
„Валцер за 1.Мај“ е прикажан на повеќе филмски фестивали во Хрватска, каде што ја освои и наградата Хрватска ревија. Какви се понатамошните планови во врска со овој филм, фестивали, дистрибуција… Ќе може ли пошироката публика во Македонија да го види филмот?
„Валцер за 1. Мај“ си го изоде својот фестивалски пат и јас сум задоволен од постигнатото. Премиерата беше на „Загреб филм фестивал“, па се прикажуваше во Бетина па на Пула филм фестивал, а во Сплит на „Хрватска филмска ревија“ освои посебно признание. Во Македонија се прикажуваше на „Охрид бич филм“ фестивал и на „Дрим шорт“. Се надевам дека наскоро ќе се прикаже и на „Синедејс“.
Какви се вашите впечатоци во однос на филмските фестивали во Македонија и во Хрватска, во однос на концептот, во однос на програмата и гостите, а особено во привлекување на публиката, но и на филмаџиите. Дали фестивалите имаат разработено стратегија за да го приближат домашниот филм на публиката?
Со само едно посетување на некој филмски фестивал во Хрватска, може да се осети традицијата на хрватската кинематографија. Тие имаат историја на домашниот филм и успешно се грижат за неа. Но, успешна стратегија за приближување на домашниот филм на публиката, потребно е континуирано филмско образование, а не само правење филмови. Мислам дека тоа е единствениот пат до успешна и богата кинематографија, а баш тоа ни фали во Македонија. Филмско образование во основни и средни училишта, потоа преку катедра за филм на филозофски факултет и разни работилници се стигнува до резултати. Затоа што, ако сакаме да имаме здрава кинематографија, не се доволни само драмски академии и Агенција за филм, туку ни треба и филмски писмена публика како и независна аматерска филмска сцена, која се гради преку кино клубови и работилници, каде секој кој сака, може да сними краток филм или да стекне филмско образование.
Сите ваши кратки филмови, тука спаѓаат и „Минато“, „Минатиот пат беше убаво“ и „Дани“ се магистерски филмови работени на Академијата. Каков е процесот на финансирање, колку е возможно да се одржи некаков континуитет, што знаеме дека на овие простори е особено проблематично?
„Дани“ е филм од Кино Клуб Загреб, снимен со нула пари буџет, забележа многу добар фестивалски успех а и со него ме примија на Академијата. Значи, аматерски филм направен на работилница за филм и ова е начинот да се одржи континуитет во работата, особено кај младите автори. Аматерската филмска сцена е многу подобро разработена во Хрватска и во таа смисла подобро се работи тука што е многу битно, особено што го подига нивото на квалитетот на филмот, така што, многу „аматери“ често им ја разнишуваат удобната позиција на т.н. професионалци. На тие работилници одат многу луѓе, меѓу кои и со завршени факултети, затоа што учењето не е завршен процес, секогаш може да се научи повеќе. Во овие кино клубови се функционира на волонтерска база: се пријавуваш на работилница, а откако ќе завршат предавањата, добиваш опрема за снимање, во клубот и се прави монтажа, за на крајот од годината се прикажат сите филмови снимани во таа година.
Дали имате аплицирано кај нас во Агенцијата за филм и колку, воопшто, е лесно или тешко да се добие поддршка и да се комплетира буџетот овде или во Хрватска?
Добив поддршка од Агенцијата за филм за производство на краток игран филм, но поради пандемијата се пролонгираа плановите. Се надевам дека до крајот на годинава ќе го снимиме филмот. На овие простори, добиените средства не се доволни, но за среќа постојат копродукции и разни фондови, па некако се успева да се заврши работата. И во Хрватска е тешко да се добијат средства од Агенцијата, бидејќи има многу автори коишто аплицираат. Но, без разлика, секако треба да се работи, авторите треба да снимаат и да се одржува континуитетот, треба да се бараат некакви решенија, на пример, преку кино клубови. Но, и ако се зголеми буџетот во Агенцијата за филм, пак би имале инцидентни успеси како и досега. Затоа треба да се фати пошироко, да се едуцира базата, како што споменав, од која ќе произлегуваат нови филмаџии.
Во Македонија излегува месечното списание ФИЛМ+, кое го знаете и го следите, ме интересира каква е состојбата со филмските списанија во Хрватска, па ако имате сознанија и пошироко, особено во овие услови кога секаде се во криза печатените медиуми и културата, воопшто?
Филм+ е една позитивна интервенција во македонската кинематографија и супер е што постои едно вакво списание. Во Хрватска нема списание што ќе ги прати само случувањата на филм. Излегува „Хрватски филмски летопис“ еднаш годишно, но, тоа е научно списание за објавување на научни трудови.
Кои се вашите идни планови, на што работите во моментот?
Како што кажав, чекам да почнеме со припреми за снимање на краток игран филм во Македонија. Во Хрватска заедно со продуцентската куќа работиме на финансирање на краток игран филм, развивам сценарио за долгометражен филм а имам планови и за експериментални филмови во Кино Клуб Загреб.
Наградата за најдобра режија во програмската секција „Envision”, на најголемиот светски фестивал за документарен филм ИДФА во Амстердам, ја доби Кумјана Новакова за нејзиниот долгометражен филм „Молкот на разумот”, кој во Амстердам ја имаше својата меѓународна премиера. Наградата ја доделува петчлено жири, a фокусот на натпреварувачката секција „Envision” е на меѓународни или светски премиери на…
(Кон претставата „Браќа Карамазови“ по романот на Ф.М. Достоевски, во режија на Оливер Фрљиќ, а во продукција на ЗКМ од Загреб, Хрватска. Главни улоги: Уго Корани, Дадо Ќосиќ, Адријан Пездирц, Катерина Бистровиќ Дарваш, Линда Бегоња) „Браќа Карамазови“ се пишувани неколку години откако Александар II ги отвора јавните судови и го ослободува коланот за печатот „дарувајќи“…
„Песната на пророкот”(Prophet Song), роман со дистописка визија на Ирска зафатена од тоталитаризам, е добитник на Букеровата награда за 2023 година. Автор на романот е 46-годишниот ирски писател Пол Линч кој за првпат ја добива оваа престижна книжевна награда. Дејството е сместено во Даблин, а во фокусот е семејство кое се соочува со застрашувачки нов…
Паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“ на 170-та сесија, која штотуку заврши и е последна оваа година, го поддржа филмскиот проект на режисерката Дина Дума „Скејтбордингот не е за девојчиња“ со износ од 350.000 Евра. „Оваа година македонската кинематографија финансиски е поддржана и на последната 170-та сесија. Третиот македонски проект кој годинава доби средства е „Скејтбордингот не…
(Кон 48-то издание на Младиот отворен театар одржано од 8 до 18 ноември 2023 година во Скопје) Театарот со својата актуелност неизбежно станува нераскинлив дел од ткивото на општествените и политички движења особено на овие простори. МОТ веќе скоро пет децении е токму тоа: театарски фестивал кој не потклекнува на ниедно искушение и тој е…
Старото училиште ,,Димитар Влахов” во преспанското село Љубојно ќе се реконструира и ќе се адапира со 32.8 милиони денари. Овие средства во буџетот на Министерството за култура ќе бидат обезбедени во 2024 и во 2025 година. „Владата, Министерството за култура и Завод и музеј Битола презедоа обврска старото училиште во Љубојно да биде обновено и да се ревитализира во чест на македонскитедејци…
(Кон Косовскиот театарски шоукејс, одржан од 24 до 29 октомври 2023 година во Приштина, Косово.) Косовскиот шоукејс е дефинитивно најинтересниот театарски настан кој има за цел да го презентира Косовскио театар на театарските практичари и теоретичари ов Европа и светот, а кој во исто време ја пружа можноста за вмрежување и споделување на идеи и…
Актерот Мето Јовановски, еден од доајените на македонското глумиште почина на 77 години. Јовановски во 1971 завршил Театарска академија во Софија, Бугарија и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје. Неговата глумечка кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапувал уште пред да се запише на студиите. Оттогаш, за многу…