Култура

Важна студија за преводите на македонската литература во странство

(Кон студијата „Сите драјвери вклучени“  во издание на издавачката куќа „Готен“, Скопје, 2021)

Книжевноста не е само дел од интелектуалното живеење на една земја. Таа е многу важна врска со светот, најмногу поради нејзината сублиматност и поради цивилизациското искуство на една земја што се содржи во стиловите и начините на мислење на нејзините автори.

Преводите се неодминлив мост кон согледувањето на книжевноста во другите земји, во другите општествени и социјални констелации, конечно, тие се релациите што ги поврзуваат и народите и нивните држави. Јазиците многу често претставуваат бариера, но преводите на многу суптилен начин ги надминуваат бариерите правејќи ги народите блиски и по начинот на живот и по нивните културни и интелектуални богатства.

Студијата „Сите драјвери вклучени“ се занимава со анализа на преводот на македонските автори на другите јазици, со третманот како на авторите, така и на нивните дела од различни жанрови. Студијата е изработена во рамки на проектот „Balkan Translations Collider“, партнерски проект на издавачката куќа „Готен“ од Скопје и организациите „Некст пејџ“ од Софија, „Поетека“ од Албанија, „ Аргх!“ од Србија, „Сандорф“ од Хрватска и Секретаријатот за култура и спорт на Подгорица од Црна Гора. Автор на студијата е Робер Алаѓозовски. Проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.    

Она што импресионира во оваа студија е длабоката аналитичност што го доловува македонскиот автор во преводната книжевност на другите земји на различни нивоа истовремено говорејќи за една многу важна тема: како да се претстави македонската книжевност во другите земји и како нејзиниот превод да го најде своето место во книжевната мапа на Европа. Анализирајќи ја македонската книжевност и нејзиниот третман надвор од земјата, оваа студија најпрво ја претставува методологијата на истражувањето и нејзината цел велејќи дека: „Студијата ги анализира концептите и ‘природата’ на книжевното творештво, каналите и механизмите преку кои се одвива процесот на преведување и публикување на преводни книги од македонски јазик, ги анализира типот на издавачи и нивниот интерес, културните политики и механизми на поддршка, како и улогата на авторите, преведувачите, уредниците и книжевните агенти во процесот.“

Студијата го претставува создавањето на македонското издаваштво, согледувајќи го неговиот развој од по Втората светска војна, па сè до тридецениската независност на нашата земја. Во оваа анализа е мошне важна дистинкцијата на „книжевноста со една социјална функција, во насока на создавање на национални и универзални системи на етички и цивилизациски вредности“ и тривијалната книжевност без уметничка вредност чија цел е брза заработувачка. Овде се, секако, од големо значење и критериумите и културната разновидност кои македонската книжевност преку преводот ќе ја доведе кон поголема читаност и вреднување во Европа. Во таа насока е многу продуктивен делот од студијата наречен „Вмешување на титаните“ каде е направена опсежна анализа учеството на фондовите на „Креативна Европа“, „Традуки“ како и Министерството за култура на Република Северна Македонија како најголеми поттикнувачи и поддржувачи на преводот на македонските книжени дела. Говорејќи за една доста оптимистичка бројка од 79 поддржани проекти од „Креативна Европа“ од кои на 45 од нив Македонија е носител на проектите, оваа студија ќе проговори и околу многу важната потреба од систаматизирано и организирано претставување на македонската книжевност во странство преку постоењето на агенти и институции како што се центрите за книга во другите држави. Овде се фрла поглед и врз книжевните награди и признанија и во еден оптимистичен тон се говори за тоа дека македонските автори полека но сигурно стануваат релевантен чинител на длабоката валоризација на македонската книжевност иако при квантитативните анализи нивното присуство на европската книжевна сцена е се уште незначително.

Во студијата акцент е поставен и на „Европската награда за книжевност“, како дел од проектите на „Креативна Европа“ во чии рамки во текот на десетината години колку што постои се наградени четворица значајни македонски автори (Гоце Смилевски, Лидија Димковска, Ненад Јолдески и Петар Андоновски), чии дела добија преводи во повеќе земји. Секако, тоа значи и вреднување на истите дела и преку книжевната критика на повеќе земји што говори за отворањето на македонската книжевност надвор од границите на нашата земја.

Од големо значење е и книжевната награда „Балканика“ која се доделува веќе четврт век и која опфаќа конзорциум од шест балкански земји: Северна Македонија, Грција, Бугарија, Србија, Албанија и Турција, а чиј прв добитник бил српскиот автор Давид Албахари, додека од нашата земја добитници биле двајца автори: Александар Прокопиев и Венко Андоновски.

Една од најважните платформи е гореспоменатата „Традуки“, која претставува мрежа на фондации што овозможува дијалог во сите правци на сите 14 земји членки на таа мрежа. Започната како пилот-проект во 2008 година „Традуки“ денес е пример за мултилатерална, меѓународна културна соработка, што гради прекугранични и добрососедски мостови, што е од огромна важност за пласирањето на македонските книжевни дела надвор од земјата. Во овој дел авторите на оваа студија говорат за сликата на преведените дела на македонски автори надвор од нашата земја обично на јазиците на земјите од регионот (српски, хрватски, словенечки, романски, бугарски, албански) која е индикативна за тоа како се движи и како осцилира нивната доминација, и се споменуваат 32 преведени македонски книги во период од 2016 до 2021. Во таа смисла, како релевантен чинител на „Традуки“ е и македонското Министерство за култура кое има свој конкурс за поддршка на македонски автори, а студијата споменува дека конкурсот игра извонредна улога во пласманот на македонските книжевни дела надвор од границите на нашата земја.

Едно од најважните сегменти на оваа студија е анализата на авторите и преведувачите која е доста опсежна и зборува за нивната улога во доследното претставување на македонските книжевни дела во странство. Тука се поставуваат неколку прашања кои се поврзани со тоа: колкава е улогата на авторот во претставувањето на неговото дело надвор од границите и секако, кои се преведувачите, нивниот кредибилитет и круцијална улога во обликувањето на делото што е од огромна важност за неговата достапност кон другите јазични подрачја. Зборувајќи за потребата од нивно институционализирање се наметнува потребата за формирање на агенции или центри каде што ќе се формира систем на третирање на авторите и преведувачите, а и нивните дела, предлог кој се поставува и на други нивоа, како што е Семинарот за македонски јазик, а од лавовско значење е и книжевната критика која е на некој начин огледало на едно дело врз кое се огледува потенцијалниот читател. Овде и авторот и соработниците не заборавиле да ја согледаат и улогата на уредниците кои се од големо значење за формирање на книгата воопшто, а особено на онаа која ќе дојде до рацете на потенцијалниот читател во странство.

Студијата посветува значително внимание на фестивалите и книжевните и преведувачките резиденции кои претставуваат директен контакт на авторите со книжевната сцена во земјата во која што добиле резиденција, но и на фестивалот каде што присуствувале. Споменувајќи го фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ се истакнува и значењето на платформата „Версополис“, која игра многу значајна улога во промовирањето на македонските поети во странство. Покрај резиденциите што ги овозможува мрежата „Традуки“, како и значајниот проект „Читајќи го Балканот“, студијата нуди и анализа на состојбата на преведеност на македонските автори по земји. Се дава генералната констатација дека македонските автори се најмногу преведувани во земјите на регионот. Тука не можеме, а да не ги споменеме и македонските книжевни фестивали како што се „Проза Балкан“, „Букстар“, како и „Скопје Fellowship“ во чии програми можат да се најдат не само автори од странство, туку и понатамошни иницијативи за силно поврзување на македонските автори со преведувачите и читателите вон границите.

Кога станува збор за промовирањето, за презентирањето на македонската книжевност во странство преку системите на маркетингот и детекцијата на пазарната политика, оваа студија ја констатира тажната состојба на непостоењето на агенти во нашата земја, состојба која на некој начин ги наведува самите да се грижат за своето претставување во странство.

Исклучително значаен во студијата е делот кој по заклучните согледби е посветен на препораките кои би ја обезбедиле подобрата иднина на македонската книжевност во странство, препораки кои генерално се однесуваат на трансформирањето на сегашниот Сектор за книга во македонското Министерство во релевантна Агенција за книга по примерот на ЈАК во Словенија, агенција која би имала повеќе функции покрај презентирањето на македонската книга во странство, а тоа се: промовирањето на нашата литература во странство, обезбедување на достоен финансиски третман на преведувачите и авторите блиски до европските стандарди, како и за создавање грант-линии што ќе дадат поддршка на многу сегменти од развојот на книгата на македонскиот автор вон границите. Од огромно значење во таа смисла се и релевантните награди за прведувачите и авторите, но и семинарите кои треба релевантно и легитимно, континуирано да ги детектираат состојбите во пулсирањето на преводот и презентирањето на македонската книжевност во странство. Давајќи концизен преглед на сите македонски дела преведени на речиси сите европски јазици, оваа студија формира слика за состојбата во преведувањето на македонските автори и дела во Европа, слика која треба и да нè загрижи, но и да нè поттикне да размислуваме каде е македонската книжевност на европската и светската книжевна мапа, дали нашите автори се доволно преведени, дали ги имаме и оние автори чии дела се со голема уметничка вредност, а не нашле начин да дојдат до читателите надвор од нашата земја, кои се критериумите за податливост на македонските автори кон читателите во другите земји.

Индикативноста на самиот наслов говори дека од насушна важност е да бидат вклучени „сите драјвери“ затоа што македонската книжевност со својата комплексност и стилска автентичност треба да биде преведена и презентирана надвор од нашата земја.

Рецензија на Сашо Огненовски

Слични статии