Култура

„Пејзаж на вознемиреност“ во МСУ посветена на климатски промени и еколошки предизвици

На деветти март, четврток, во Музејот на современа уметност, ќе се отвори изложбата „Пејзаж на вознемиреност (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени)“, посветена на климатските состојби и еколошки предизвици.

Пејзажот на вознемиреност се однесува на промените во животната средина, коишто генерираат ургентни состојби преку екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот, девастираната животна средина, неконтролирани траектории на експлоатација на основните ресурси, како водата и воздухот, глобален раст и несакани миграции.

На изложбата ќе се претстават авторите, Тихомир Топузовски, Ивана Васева, ОПА (Опсесивно посесивна агресија) – Денис Сарагиновски и Слободанка Стевческа, Ивана Мирчевска, Дарко Алексовски, Никола Узуновски, Зорица Зафировска, Кирил Арсовски, Биљана Гаревска и  Дарко Базерко.

Во рамки на изложбата ќе следува и јавна програма која ја отвора Адам Ночек, професор по Филозофија на науката и технологијата од Државниот универзитет Аризона во САД на 12 март (недела) во 12 часот.

 „Делата од оваа изложба се резултат на соработката помеѓу уметници, експерти, активисти, формални и неформални здруженија, институции, овозможувајќи видливост, предлагајќи или  поттикнувајќи решенија, или претставуваат форми на активизам  кои ја инволвираат јавноста околу постоечките проблеми и предизвици“, велат кураторите Топузовски и Васева. 

Изложбата е дел од истоимениот проект во кој беше вклучено шестмесечно истражување а се одвиваше на неколку локации во градовите, Велес, Битола, Преспа и Скопје. Проектот се реализираше во соработка со еколошките друштва, „Вила Зора од Велес, иницијативата „Битола на Точак“, јавната институција Национален парк Галичица и Природонаучниот музеј на Р.С. Македонија. Во рамки на истражувањето  се дискутираше за можни соработки, користење на уметнички пристапи и методологии преку кои ќе се влијае до соодветните институции за решавање на низа ургентни проблеми. Соработници на изложбата се: еколошко друштво „Вила Зора“, Велес, Институт за комуникациски студии Скопје, Природнонаучниот музеј на Р.С. Македонија.  Проектот е целосно финансиран од ФООМ (Фондацијата Отворено општество – Македонија).

Автор:

Слични статии