(Кон претставата „Сите сме птици“ во режија на Слободан Унковски, во продукција на Македонскиот народен театар од Скопје. Главни улоги: Дамјан Цветановски, Сара Климоска, Ѕвездана Ангеловска, Николина Кујача, Никола Ристановски)
Важди Муавад е драмски автор кој пишува за апатридите чија припадност секогаш е прашање на идентитетската флуктуалност. Како либански емигрант тој во целата своја библиографија го отвора прашањето на поместувањето на таа идентитетска вредност и на општественото опстојување како квалитет на животот и осмисленоста. По првата негова пиеса „Вили Протагорас се заклучува во тоалетот“ која исто така е мотивирана од императивот на слободата и проблематиката на имиграцијата, Муавад се наметнува како исклучително оригинална писателска и театарска фигура во поновата светска драматика.
Негово есенцијално дело е „Изгорени“ инспирирано од Либанската војна, драмски текст кој доживеа голем број на преводи и изведби, а по кој канадскиот режисер Дени Велнев и го сними истоимениот филм, номиниран за Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. „Сите сме птици“ е последниот негов текст каде што е во фокус Израелско-Палестинската војна и каде што главниот мотив е човековото идентитетско јадро. Оваа пиеса е интересна на две нивоа: тајната што је крие семејството која е плод на хаосот на војната и љубовта меѓу младата Палестинка Вахида и младиот Евреин која се прекинува исто така со експлозија по која младиот Еитан останува во кома. Низ овие тематски лавиринти Муавад развива сјајна приказна со одлично извајани ликови, приказна во која суровоста на војната не заобиколува никого, а скептицизмот и предрасудите се само решетките на националистичките духовни затвори. Во овој текст за разлика од „Изгорени“ каде што исто така растуреното семејство на покојната страдалничка од Либанската војна Навал се обидува да ја пронајде својата органика, се занимава со припадноста и небрежната измама, но и со идентитетските конвулзии на една војна која не запира со децении.
Палестинката Вахида е втурната во разбрануваното море на едно семејното недоразбирање кое ја отфрлува најмногу заради нејзината национална припадност, а љубовната приказна налик на Ромео и Јулија авторот ја држи како мал зрак на надеж кога смртта и на крајот си доаѓа по своето. Слободан Унковски овој грамаден текст на Муавад го рассејува низ релациите на ликовите и низ ситуациите давајќи му примат и на приказната. Во концептуална смисла нема големо поместување од она што го нуди текстот, но внатре, во животот на самите сцени и во развојот на ликовите се чувствува таа суптилност и духовитост на неговиот режисерки ракопис. Текот на сцените развива цел еден живот на сцената кој е благотворен и не расипувајќи ја приказната формира тенок, ненаметлив аспект на резигнираност кој по малку наликува на Чехов. Унковски не ги собира сцените за на претставата да и даде побрза динамика, туку ги остава да одѕвонат кај гледачот, да се метаболизираат пораките и да се отвори рецептивниот момент. Целата претстава која трае повеќе од три часа се движи по тој раб на додржување на автентичноста за сметка на динамиката. Но, се чини дека Унковски ја добил битката со тие недоумици и распослал една добро фундирана театарска епика која донесува на свет приказна што застрашува, не затоа што не сме слушнале трагични случки за веме на Израелско-Палестинската војна, туку заради тоа што пресвртните моменти се она што одредуваат цела една генеалогија и цела една животна филозофија. И секако, најмногу заради тоа што оваа војна се уште не е завршена и секако ќе донесе уште такви приказни какви што ќе донесе Руско-Украинската војна.
Оваа идентитетска сага на Важди Муавад, како дел од цивилизациското страдање на дваесет и првиот век со себе носи и прекрасни ликови кои во ова видување на Унковски се исклучително доминантни. Овде пред се мислам на младиот пар, Ромео и Јулија на таа Блискоисточна криза кои многу вдахновено ги толкуваат Дамјан Цветановски и Сара Климоска. Дамјан Цветановски донесува лик на млад научник, пацифист кој решително го отфрла од себе товарот на националните недоразбирања и традиционалните наслаги на неговото семејство. Неговиот Еитан е динамичен и полн со емоција, лик со чија комплексност овој сјаен малд актер одлично се носи. Држејќи ги нишките на неговата органичност, младиот Цветановски креира млад и прогресивен човек кој не потпаѓа под влијание на предрасудите и се обидува да се избори за своите слободоумни мисли каде на прв план ја става својата интимна релација. Сара Климоска се чини како да го натопила својот лик со резигнацијата од отфрленоста и обидот да биде потчинета. Таа е храбра млада девојка која во име на љубовта се соочува со се она со што е најпроблематично за неа. Емоционалниот хабитус на ова актерка го носи овој лик со многу сигурност и умешност. Ѕвездана Ангеловска е, би рекол највпечатливиот лик во претставата. Нејзината Леа, бабата на Еитан е динамична старица чија животна искра се уште не згаснала. Тајната на семејството потекнува од неа и таа не се срами од својата жртва за својот син и за својот внук. Ѕвездана Ангеловска го гради овој лик многу инвентивно со духовити назнаки на големата старосна разлика и со достага која блика од нејзините очи. За разлика од неа, Нора на Николина Кујача е стамена мајка која не подлегнува на манипулации и е подготвена на се. Цврстината на овој лик е најголемиот квалитет во интерпретацијата на Кујача на овој лик и е совршен антипод на другите ликови. Остра и бескомпромисна, Нора на Николина Кујача на крајот и се крши под налетот на судбината, а оваа исклучително талентирана актерка го прави тоа со голема умешност. Конечно, тука е и најтрагичниот лик, Давид, таткото на Еитан, закоравен Евреин кој не сака да чуе за Палестинците, а најмалку за љубената на неговиот син. Никола Ристановски одигрува ригиден татко посветен на традицијата и националниот идентитет кој сосема се распаѓа кога ја слушнува големата тајна на семејството. Одлична креација на Никола Ристановски која возбудува и плени. Од епизодните улоги би ја споменале онаа на Тина Трпковска, ликот на Еден низ којшто Муавад ги преточил сите пораки од оваа пиеса. Чувствителниот војник Тина Трпковска го одигрува многу вдахновено со големи емотивни амплитуди и таа впечатливост е се чини алката што ги спојува и двете линии и на текстот и на претставата.
„Сите сме птици“ има совршено визуелно пакување. Грандиозната сценографија на Бранко Хојник која е составена од високи ѕидови кои движејќи се откриваат мноу асоцијативни простори и костимографијата на Розе Трајческа Ристовска чија задушена колоритност ја носи целата резигнација на приказната се извонредно опкружување кое придонесува оваа сага да биде совршено доловена и доживеана. Секако, музиката на Ирена Драговиќ Поповиќ во овие констелации можеме да ја доживееме како насмевка и плач на целата претстава, музичка илустрација што пленува со својата емотивност.
Важди Муавад е еден од најоригиналните драмски автори на дваесет и првиот век. Наговата интерпретација на војната и апатридите не е патетична. Неговите драми говорат за идентитетското недоразбирање и за кучињата на војната чии челусти се полни со омраза и смрт, но на начин што ќе ги отвори интимните истории кои ја ткаат таа поетика на вечното насилство и бесмисленост. „Сите сме птици“ е приказна од која се заледува крвта не заради националната нетрпеливост, туку заради неразбирањето на човековата функција во цивлизациските кругови, а тоа е да се осмисли неговиот живот и да се разбере неговата порака.
Наградата за најдобра режија во програмската секција „Envision”, на најголемиот светски фестивал за документарен филм ИДФА во Амстердам, ја доби Кумјана Новакова за нејзиниот долгометражен филм „Молкот на разумот”, кој во Амстердам ја имаше својата меѓународна премиера. Наградата ја доделува петчлено жири, a фокусот на натпреварувачката секција „Envision” е на меѓународни или светски премиери на…
(Кон претставата „Браќа Карамазови“ по романот на Ф.М. Достоевски, во режија на Оливер Фрљиќ, а во продукција на ЗКМ од Загреб, Хрватска. Главни улоги: Уго Корани, Дадо Ќосиќ, Адријан Пездирц, Катерина Бистровиќ Дарваш, Линда Бегоња) „Браќа Карамазови“ се пишувани неколку години откако Александар II ги отвора јавните судови и го ослободува коланот за печатот „дарувајќи“…
„Песната на пророкот”(Prophet Song), роман со дистописка визија на Ирска зафатена од тоталитаризам, е добитник на Букеровата награда за 2023 година. Автор на романот е 46-годишниот ирски писател Пол Линч кој за првпат ја добива оваа престижна книжевна награда. Дејството е сместено во Даблин, а во фокусот е семејство кое се соочува со застрашувачки нов…
Паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“ на 170-та сесија, која штотуку заврши и е последна оваа година, го поддржа филмскиот проект на режисерката Дина Дума „Скејтбордингот не е за девојчиња“ со износ од 350.000 Евра. „Оваа година македонската кинематографија финансиски е поддржана и на последната 170-та сесија. Третиот македонски проект кој годинава доби средства е „Скејтбордингот не…
(Кон 48-то издание на Младиот отворен театар одржано од 8 до 18 ноември 2023 година во Скопје) Театарот со својата актуелност неизбежно станува нераскинлив дел од ткивото на општествените и политички движења особено на овие простори. МОТ веќе скоро пет децении е токму тоа: театарски фестивал кој не потклекнува на ниедно искушение и тој е…
Старото училиште ,,Димитар Влахов” во преспанското село Љубојно ќе се реконструира и ќе се адапира со 32.8 милиони денари. Овие средства во буџетот на Министерството за култура ќе бидат обезбедени во 2024 и во 2025 година. „Владата, Министерството за култура и Завод и музеј Битола презедоа обврска старото училиште во Љубојно да биде обновено и да се ревитализира во чест на македонскитедејци…
(Кон Косовскиот театарски шоукејс, одржан од 24 до 29 октомври 2023 година во Приштина, Косово.) Косовскиот шоукејс е дефинитивно најинтересниот театарски настан кој има за цел да го презентира Косовскио театар на театарските практичари и теоретичари ов Европа и светот, а кој во исто време ја пружа можноста за вмрежување и споделување на идеи и…
Актерот Мето Јовановски, еден од доајените на македонското глумиште почина на 77 години. Јовановски во 1971 завршил Театарска академија во Софија, Бугарија и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје. Неговата глумечка кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапувал уште пред да се запише на студиите. Оттогаш, за многу…