Култура

Длабоко фундиран минимализам

(Кон претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен во режија на Нина Николиќ во продукција на Македонскиот народен театар – Скопје. Главни улоги: Никола Ристановски, Ѕвездана Ангеловска, Благој Веселинов, Дарја Ризова, Сашка Димитровска)

Ибзеновиот драмски опус е еден од оние што најконкретно кореспондира со денешното време. И „Нора“, и „Хеда Габлер“, а еве и „Народниот непријател“ се пиеси чија драматска опипливост се чувствува и во оваа, современа урбано-морална контаминација. Секако, писхолошките контекстуализирања на драмската предлошка се најголемиот писателски инструментариум на овој драмски класик кој, повторно би рекле, на многу наврати го чувствуваме како современ автор.

„Народен непријател“ е пиеса што се занимава со посветеноста на граѓанинот на местото каде што се вгнездил неговиот социјален и општествен живот. „Мнозинството никогаш не е во право“, или можеби “што ќе ти е правото кога немаш моќ“ се индикативни фрази на фрагилната демократска субординарност која резултира со катасторофи и пре еден век, но и сега. Овој текст импонира токму со тоа: со моќното артикулирање на аргументацијата каде што психолошкиот момент е рецидив на она што ќе дојде како лоша политичка проценка и ставање на последиците под тепих. Приказната која ја развива Ибзен е совршено апликативна на ова време каде што посветеноста на научникот е кафкијанска борба против системот во којшто како што покажува Ибзен нема родова припадност, а емоциите и соживотот се спакувани во гола реторика и политичка деструктивност.

Нина Николиќ ја насетила препознатливоста на текстот и во својот режисерски ракопис започнала да се занимава со деталите и со она што „виси во воздухот“. А што е тоа? Тоа е долгогодишното недоразбирање меѓу сите општествени чинители на она што со децении се нарекува „животен простор“, а секогаш се преформулира како „изборен апарат“. Во овој режисерски концепт има една нишка на натурализам кој преку Бергмановите добро опремени кујнички и остави и Милеровите жолчни расправии се префрлил во денешното милје на добро спакувана социјална редундантност. Нина Николиќ се посветува исклучиво на актерот, така што сето она што таа го прави не е видливо во прв план, но е и тоа како препознато низ слоевитата актерска игра. Она што го нарекуваме „реализам“ во оваа претстава е добро стокмен натуралистички цинизам каде што се она што е недоречено е нечујно, а се она што е опсцено може да се смета за недолично. Во овие рамки нејзината режија ја има онаа чудесна вмреженост со актерската енергија и нејзините најдрагоцени мигови се токму релациите и чистите ситуации во дејствието од алфа до омега.

Голем дел од актерската гама во претставата е онаа на Никола Ристановски кој ликот на д-р Томас Стокман, лекар во општинската бања го игра совршено инспиративно. Неговиот лик е комплексен, артикулиран до крај, со емотивна партитура каде што сите мигови се со животна веродостојност. Неговите монолози се документаристички длабоки, тој го игра Стокман живеејќи го и низ неговиот проблем како да сака да испрати своја, лична порака кон сите што не се почитуваат себеси, а со тоа и другите. Во еден негов монолог тој емотивниот наплив го здржува за потоа повторно да го испушти не можејќи да ја издржи ситуацијата која е совршено деструктивна. Ристановски одигрува ангажиран интелектуалец кој до крај не се откажува од својата филантропија. Во верзијата на Остермаер во продукција на театарот Шаубуне, каде што Стокман го игра познатиот германски актер Стефан Штерн во есенцијалната сцена на дијалогот на Стокман со неговиот брат, градоначалникот Петар Стокман дијалогот се пренесува на публиката која се свклучува со свои согледби за потоа повторно да се врати позиционирајќи ја оваа претстава како една од првите промотори на т.н. whisteblowers (свиркачи). Ова го споменувам за да потенцирам дека Никола Ристановски целата оваа многу интересна интервенција на Остермаер ја компримирал во неговите сјајни монолози кои на негов својствен начин и се дијалог со публиката во кои неговата реторичност е точна, аргументираноста несрушлива, но резигнацијата страшно погубна. Петар Стокман на Благој Веселинов е со сосема поинаков сензибилитет. Овој одличен млад актер совршено добро го извлекува ригидитетот на овој лик градејќи суштество кое многу добро го препознаваме и во нашата политичка и општествена околина. Во морална кал, со крајно девастирана аргументација, неговиот Петар Стокман е монструм чија хуманистичка „активност“ многу наликува на денешната алузивност. Веселинов е воздржан, но со силна тензичност на човек кој за нишка може да го изгуби својот статус и тоа од својот брат и многу иронично загрижен што токму неговиот брат е тој што сака да го поткопа. Неговиот лик има тенки валери на емотивност, но овој одличен актер знае да го води во вистинската насока. Ѕвездана Ангеловска одигрува една малку посубмисивна, но ангажирана сопруга на Томас Стокман која се обидува да ги согледа ситуациите од сите страни. Нејзината Катарина е жена која не излегува од окружјето на својот сопруг, но е и жена која е свесна за тоа дека нејзиното семејство треба да живее. Ангеловска го гради овој лик со голема умешност, со совршена смисла за повремената дезориентираност на нејзината Катарина, таа игра жена што го сокрива својот страв од губиток на изворите за живот, таа е жена која никогаш не го напушта својот маж, но не сака да остане без потпора и за своите деца.

Исто така комплексен лик и голема актерска бравура на ѕвездана Ангеловска. Од останатите ликови со својата стаменост и циничност се наметнува Сашка Димитровска која ликот на Ховстад, уредничката на „Народниот гласник“ го одигрува многу остро, со акцентирана агилност на новинарка која сепак балансира на двете страни за да си го задри своето место цврсто на земја. Димитровска формира лик на ситен авторитет со големи амбиции кој паѓа пред моралните искушенија, но е со прилично широк простор на гласовната и поттекстна артикулација. Кога сме веќе кај силната ртикулираност мораме да ја споменеме и ќерката на Томас Стокман, Петра, млада револуционерна девојка која застанува на страната на свјот татко, а која многу точно и вдахновено ја одигрува младата актерка Дарја Ризова. Во остаатите улоги извонредно се вклопуваат и: Јана Велјановска (Ејла), Александар Михајловски (Билинг), Нино Леви (Аслаксен), Мартин Ѓоргоски (Капетан Хорстер), Петре Арсовски (Мортен Кил) и малата Ана Арсовска како Мортине, најмалата ќерка на Стокман.

Во минималистичката конципираност на визуелниот момент доминираат елементи кои не се прозаично подредени, туку се дел од една инсталација што започнува со комплексот цевки од кои се испушта чад, а завршуваат многу асоцијативно во домашна атомосфера каде се готви, се чита весник и се дочекуваат гости. Ова интересно сценграфско решение е на Вишња Вујовиќ, додека костимите со по малку згаснат колорит се на Ивана Каранфиловска Угуровска. Една од подоминантните компоненти на претставата е музиката на Јоргос Дусос чија динамика одлично кореспондира со самото дејствие, но е и еден вид на симболистичка илустрација за моралниот распад со универзално значење.

„Народниот непријател“ е пиеса со универзален предзнак и говори за хипокризијата на секое општество. Претставата на Македонскиот народен театар од Скопје е претстава со длабока сонда во времето чиј репетиториум е со ехо на денешните морални и етички деструктивни процеси и е уметнички чин со длабока порака која се надеваме дека конечно некој ќе ја слушне.

Фотографии на Кире Галевски

Рецензија на Сашо Огненовски

Слични статии