Култура

ПОЧИНА КОМПОЗИТОРОТ И ДИРИГЕНТ АЛЕКСАНДАР ЏАМБАЗОВ

Легендарниот композитор и диригент и втемелувач на македонската детска и популарна музика Александар Џамбазов почина денеска на 85 години, објави Сојузот на композиторите на Македонија.

Роден на 3 февруари 1936 во селото Стапар во Војводина, Џамбазов го учел музичкото образование во Штип, Скопје и Белград, каде што дипломирал во 1960 година. Веднаш потоа бил поканет да работи во Радио Скопје, прво во Редакцијата за сериозна музика, а потоа во Редакцијата за забавна музика и музичка продукција. Во 1964 е назначен за диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје и на тоа работно место остана до пензионирањето.

Џамбазов зад себе остави исклучително богат творечки опус. Реализираше огромен број снимки и концерти, а особено е значаен неговиот придонес кон развојот на детската музика. Беше иницијатор и долгогодишен диригент на еден од најафирмираните и најстари детски музички фестивали во Европа, „Златно славејче“.

Џамбазов беше основоположник и на фестивалот на забавни мелодии „Скопје“, а пишуваше и филмска, театарска, хорска, класична и поп музика.

За својата работа доби над 40 награди и признанија во Македонија и Југославија, меѓу кои и државната награда „11 Октомври“ и наградата на Град Скопје „13 Ноември”.

Слични статии