„Медена земја“ во конкуренција за најдобар светски документарец на „Санденс
— 16 јануари, 2019Влегувањето на „Медена земја“ во официјална конкуренција на долгометражни документарни филмови на еден од најзначајните фестивали во светот е од големо значење за екипата на филмот, но и за македонската кинематографија. „Санденс“ е најголем американски фестивал од А категорија на независен филм и еден од најпрестижните во светот, на ниво на фестивалите во Берлин, Кан, Венеција и други. Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција на „Санденс“ – рече продуцентот Атанас Георгиев.
- Тригодишната работа на „Медена земја“ направи да созрееме и ни ги смени некои правила на коишто живеевме. Голема благодарност до двете фамилии кои ни дозволија да влеземе во нивните животи и кои не прифатија со цело срце. „Медена земја“ не е само филм кој го направивме. „Медена земја“ е животно училиште за сите нас, кое нѐ научи на многу поскромен однос кон животот и многу побескомпромисен пристап кон самото создавање филм. Може да се рече дека за големината на она кое го направивме и ќе го оставиме на светот да го види и самите сѐ уште не сме доволно свесни – рече режисерката Котевска.
Филмот е во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, а продуцент е Атанас Георгиев, кој ја направи и монтажата. Сниматели се Фејми Даут и Самир Љума. Зад музиката стојат членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут.
„Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија, покрај течението на реката Брегалница. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на земјините ресурси.
- Филмот го покажува животот, опфаќа раѓање, живот и смрт. Главната порака е дека треба да има фер поделба во однос на користење на природните ресурси. Тоа всушност е и принципот на одгледување на пчелите на Атиџе, која половина од медот го зема за себе, а половина им го остава на пчелите. Човекот треба да зема од природата колку што му треба, но и да остави за оној кој тоа го произведува – во случајов пчелите. Со ова не само што им овозможува на пчелите да преживеат, туку обезбедува сигурен извор на храна и за себе, тогаш кога тоа ќе ѝ биде најпотребно – открива режисерот Љубо Стефанов.
Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Снимањето на „Медена земја“ почна во 2015 година, а филмот лани ја освои наградата „Најдобро дело во развој на 23. Сараевски филмски фестивал. Премиерата во Скопје ќе се одржи на почетокот на март, а детали за датумот и местото на одржување ќе бидат соопштени по враќањето на екипата од САД.
По премиерата во Парк Сити, ќе следуваат уште 4 проекции во овој град, а две се планирани во Солт Лејк Сити. За претставувањето за време на „Санденс“ ангажиран е публицистот Рајан Вернер, кој ќе организира промотивен настан за „Медена земја“, на кој ќе се дегустира автентичниот мед, собран од Атиџе, главниот протагонист во филмот. Планирани се и работилници, интервјуа, презентации, а закажани се и две претпремиерни проекции за новинарите и за филмските критичари во Њујорк и во Лос Анџелес.