Култура

Фросина Пармаковска: Крик за враќање на вредностите што во меѓувреме за’рѓале

„Одбројување“ е насловот на Вашиот трет роман, добитник на наградата „Роман на годината“ за 2017 година, која ја доделува новоформираната Фондација за промоција и унапредување на културата „Славко Јаневски“, награда за која во 2014 година, додека ја доделуваше згаснатиот „Утрински весник“, со вториот роман „Вишнова хроника“ бевте во најтесен избор. И покрај сè, не се откажавте од овој етаблиран книжевен натпревар, напротив.

Наградата „Роман на годината“ е голем мотив, како и за секој романсиер во Македонија, така и за мене, па влезот во финалето со мојот претходен роман не значеше ништо друго, туку огромна радост и дополнителен стимул за понатамошно учество во конкурсот. Самото финале за оваа награда е огромен успех за еден роман и му обезбедува подолг живот и повеќе читатели. Победата, пак, верувам дека носи уште повеќе придобивки во таа насока.

По повод соопштувањето на наградата, деновиве со голем пиетет посочивте колку Ви значи што неа ја доделува фондација што го носи името на писателот Славко Јаневски. Дали и неговото творештво влијаело во оформувањето на вашиот светоглед, со оглед и на фактот дека дипломиравте на Филолошкиот факултет на Катедрата за општа и компаративна книжевност, а магистриравте на Институтот за македонска литература?

– Да, Славко Јаневски е едно од најголемите имиња во нашата литература и да се носи ова име како признание за напишан роман е колку и неописливо задоволство толку и огромна одговорност кон споменот на неговиот лик и дело. Книгите на Славко Јаневски, поконкретно неговата трилогија „Миракули на грозомората“, ми се едни од омилените македонски четива, кои неколкупати ги препрочитував во фазата кога повеќе се занимавав со магичниот реализам, воедно, и се ретки примери за присуство на овој книжевно-уметнички феномен во нашата литература.

Мошне умешно и силно, уште од почетокот на „Одбројување“ го вовлекувате читателот во туробниот свет на нараторката, безимената млада жена што до последната страница говори за битката што ја води со самата себе, со безимениот, психички болен маж, кој некогаш повеќе го сакала, со потребата за љубов и слобода, говори за битката со неговото семејство, со малограѓанската средина… Што Ве иницираше индиректно, а можеби и директно да го создадете ова дело?

– Ме иницираа самите потреби на ликот – во ова писмо, како и во „Вишнова хроника“, првичната идеја ми беше повеќе врзана за ликот. Овде, тоа е млада жена заглавена во една реалност, со болен маж, љубовник и илјадници интимни, но и етички недоумици, како своевиден тест што таа го полага. Ставена во еден ваков општествен контекст, нејзините одлуки престануваат да бидат само нејзини, туку се на увид на средината таква каква што е. Една од работите што ме иницираа да зборнам за потребите на еден ваков лик беше обидот за негово „озвучување“, за негова „видливост“, како и охрабрување кон поголемо преиспитување на личната свест и сопствениот вредносен систем наспроти критериумите на толпата која, честопати, се покажува како прилично вознемирена.

Ви беше ли потребна стручна консултација со социолози, психолози и психијатри во составувањето на ликовите на безимената жена и маж и нивниот меѓусебен свет?

– Истражувачкиот пристап го користам и во двата мои последни романи, ја проучувам темата која има битно место во светот што го прикажувам. Но, покрај тоа, за мене е доста значаен и непосредниот пристап и дијалог со луѓе чиј профил може да се најде во ликовите што ги опишувам, без разлика дали станува збор за тинејџери, зависници, душевно болни луѓе итн. За овој роман имам консултирано и психолози и гинеколози, што за потребите за градење на ликот, што за потребите на веродостојно раскажување на определен настан.

Романот е издаден во 2017 од „Или-или“ и досега претпоставувам до Вас допираат реакции на читатели и читателки. За што говорат едните и другите, со оглед на фактот дека жената во романот е таа која одбројува и го бара светлото во тунелот?

– Имаше доста позитивни реакции и ја користам оваа можност да им се заблагодарам на сите мои читатели, кои го читаа и го коментираа не само овој, туку и претходниот роман. Она што можам да го забележам, не се однесува на прашањата на родот, туку многу повеќе кон начинот на раскажување, а кој е својствен и за машкиот наратор и главен лик во „Вишнова хроника“ и за женскиот наратор и главен лик во „Одбројување“. На читателите им се допаѓа, првенствено нарацијата во прво лице, искрениот пристап, емоционалната исполнетост на ликовите, како и стилот на долги реченици кој го следи текот на нивната свест, а за кој во повеќе наврати, имам прочитано пораки да не го менувам.

Во „Одбројување“ може да се препознаат и повеќе стереотипи за (не)функционирањето на семејствата на овој простор, стереотипи и во доживувањето на болните и на различните од средината луѓе. Сметате ли дека се поочигледниот недостиг на емпатија и пожртвуваност оправдано се поврзува само со брзиот и современ начин на живот?

– Недостигот на емпатија и пожртвуваноста колку што е условено од брзиот ритам на живеење, толку е индивидуално прашање кое во голема мера зависи од подготвеноста на еден човек да се соочи со тешкотиите што му се појавуваат во животот, од неговата лична духовна наобразба, но и од нејзиното практикување. Во таа смисла „Одбројување“, конкретно последниот настан на буквалното и метафорично одбројување во болницата е еден крик на свеста во обид да се повратат некои вредности што „за’рѓале“ некаде попатно низ сите тие прерани и мачни животни премрежиња и, за среќа, се покажува дека не е доцна тоа да се случи. Целта со таквиот расплет на настаните, а којашто ми беше многу важна уште во првите нацрти на романот, ми беше крајот да дава недвосмислена порака за надеж, да е исполнет со живо(с)т, ведрина во облик на оптимизам кој, се чини, денес, на сите помалку или повеќе ни недостига.

Вашиот роман „Вишнова хроника“ е преведен на бугарски и на украински јазик. Колку сте задоволна од досегашните искуства со издавачите од Бугарија и во Украина и од приемот на романот кај тамошната публика?

– Во украинскиот превод и, општо, во тамошниот развој на настаните имам помалку увид, но ме радува самиот факт што е достапен кон значително поголем број читатели. Околу бугарското издание, пак, сум мошне задоволна затоа што имаше и две промоции, едната на Саемот за книга, другата во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија и приемот од бугарската публика беше навистина одличен. Така, соработката со бугарскиот издавач продолжува, па според последната комуникација, и доколку излезе сѐ според планот, и „Одбројување“ ќе биде наскоро достапен за бугарските читатели.

Подготви Катерина Богоева

Автор:

Слични статии