Jадеме производи со штетни адитиви
— 10 декември, 2017Кај нас се продаваат храна и пијалаци што содржат материи што во многу земји се забранети и за кои стручњаците тврдат дека штетно влијаат врз здравјето на луѓето
Адитиви што се забранети во повеќе земји во светот може да се најдат во производи што се продаваат во нашата трговска мрежа, предупредуваат стручњаците. Тие тврдат дека некои од артиклите се произведуваат во земјава, а други се увезуваат под сомнителни околности. Стручњаците за здрава храна нагласуваат дека спорните додатоци во производите штетно влијаат врз здравјето на луѓето.
Притоа, загрижува фактот што најголем дел од тие производи се наменети за деца. Станува збор за различни видови гумени бонбони, сокови, чоколади и други производи.
Во едно пакување гумени бонбони тие откриле четири штетни адитиви од вкупно седум што ги содржи производот. Бонбоните немаат сертификат за безбедна храна, а не поседуваат ниту декларација на македонски јазик. На пакувањата нема информации за тоа кој ги увезува во земјава, па од Ековита се сомневаат дека истите се донесени илегално.
Според стручњаците, најопасни се синтетичките бои, вештачките засладувачи и засилувачите на вкусот. Тие велат дека во многу од земјите во светот, какои и во земји од Европската Унија се забранети адитивите означени со броеви 102, 110, 129 и 133. Се работи за индекси со кои се означени жолта, портокалово-црвена и сина боја.
Адитивиот со број 129, кој ја претставува портокалово-црвената боја, е забранет во многу земји во светот. Со испитувањата во тие земји било констатирано дека овој додаток предизвикал рак кај глувците што биле подложни на експериментот. Адитивот се употребува во слатки производи, пијалаци, козметика, лекови и друго.
Тој адитив бил забранет во Норвешка, Данска, Белгија, Франција, Германија, Швајцарија, Шведска, Австрија и во други земји.
Стручњаците за здрава храна велат дека треба да се следи примерот на овие земји што се далеку пред нас во регулирањето на оваа материја.
Според сознанијата на стручњаците адитивот 110 имал негативни влијанија на бубрезите. Животните кај кои биле вршени испитувањата со овој адитив имале зголемен процент на тумори.
Адитивот 102, кој исто така претставува жолта боја, а е познат и како тартазин, спаѓа меѓу најопасните. Го има во пијалаци, слатки, конзервирана риба, супи и слично, а негативно влијаел на тироидната жлезда.
Бојата тартазин може да предизвика алергиски реакции особено кај луѓе чувствителни на аспирин. Затоа, според светските кодекси, ова е единствената боја што, ако е дозволена во некоја земја, освен со индексот за боја, мора да се означи и со своето комерцијално име, како предупредување за купувачите.
Од Дирекцијата за храна која работи во состав на Министерството за здравство потенцираат дека „Правилникот за адитиви што може да се употребат за производство на храна е комплетно усогласен со регулативите на ЕУ“.