МОТ од 21 до 27 септември на 41. издание
— 14 септември, 2016Интернационалниот театарски фестивал „Млад отворен театар“ (МОТ) годинава, по 41. пат ќе се одржи во Младинскиот културен центар (МКЦ), со официјален почеток на 21 септември и ќе трае до 27 месецов. На фестивалот ќе се изведат претстави од Романија, Унгарија, Србија, Словенија, Косово, Швајцарија и Македонија.
Претставата „Вашето кралство“ на трупата Форте компани од Унгарија, во режија на Чаба Хорват ќе го отвори Фестивалот МОТ. За ова издание за првпат во Скопје ќе се претстави и режисерот Томас Остермаер, кој бил најавуван од поодамна.
Генералниот менаџер Златко Стевковски на денешната прес-конференција информира дека во пресрет на фестивалот, во рамки на МОТ+ програмата, вечер од 19 часот до 27 септември во холот на МКЦ ќе биде отворена изложбата на фотографии и постери на еден од најистакнатите македонски фотографи Љупчо Илиевски. Изложбата вклучува фотографии со театарска тематика, направени во периодот од 1984 до 1996 година, од изданијата и репертоарите на МОТ.
Стевковски информира дека за 24 септември е предвидена промоција на книгата „Рапсодија за театарот“ од Французинот Ален Бадју кој, како што рече, е еден од најголемите живи филозофи во Европа и светот. Извршниот продуцент Русе Арсов ја презентираше програмата на годинешниото издание на МОТ:
– 21 септември отворање со „Вашето кралство“ на трупата Форте компани од Унгарија во 20 часот
– 22 септември во 20 часот ќе се изведе претставата „Ние, европски лешеви“ во режија на Себастијан Хорват, а во продукција Љубљанскиот младински театар,
– 23 септември, во истото време, претставата „Галеб“ во изведба на театарот „Види“ од Лозана, а во режија на Томас Остермаер за кого Арсов истакна дека доаѓа за првпат во Македонија и дека според него „е еден од трите најдобри режисери на денешницата“.
-24 септември е претставата „ОФФ – Надминување на границите“ во режија на Золтан Пушкаш на Театарот „Ујвидеки Чинхаз“ од Нови Сад во 20 часот, по што ќе следува копродукцијата „Вуншконцерт“ на кореографката Маура Моралес
– 25 септември најавени се три претстави: „Без наслов – Симбол“ во кореографија на Андријана Данческа на Скопскиот танцов театар (19 часот),
„Коските што доаѓаат доцна“ од Националниот театар од Приштина во режија на нашиот Мартин Кочовски (20 часот) и „Да го поздравиш и да ми го бациш“ во режија на Билјана Радиноска на „Артопија“ (22 часот).
26 септември ќе настапи Прешерн театарот од Словенија со претставата „Мртовецот доаѓа по љубената“ во режија на Јернеј Лоренци (20 часот) и „Случајот Хармс“ во режија на Дино Мустафиќ, а продукција на „Театар Комедија“ од Скопје
27 септември ќе се затвори Фестивалот со романската претстава „Мртва точка“ во режија на Раду Африм во продукција на „Тома Карагиу“.
Од утре до 19 септември во џепното кино на МКЦ ќе има програма „Шекспир на филм“, што се реализира во соработка со Британскиот совет во Скопје. Влезниците се бесплатни и преводот е обезбеден. За оние кои ќе обезбедат билети за претставите на МОТ до 21 септември, ќе можат да ги купат со попусат од 30 отсто.