Култура

Томаж Пандур – постхумно добитник на наградата за исклучителни достигнувања на МНТ-Фест

На истакнатиот словенечки и светски режисер Томаж Пандур (1963-2016) постхумно ќе му биде доделена наградата за исклучителни достигнувања во областа на театарот во рамките на Интернационалниот театарски фестивал МНТ-фест, на 24 јуни во Македонски народен театар.

Наградата ќе ја подигне неговата сестра, драматургот Ливија Пандур пред изведбата на неговата последна претстава „Фауст“.

МНТ информира дека наградата му се доделува за целокупниот опус и креативноста која ја остави зад себе. „За Пандур се вели дека ако Никола Тесла е гласник на модерната технологија, тогаш Томаж Пандур и неговите проекти го најавуваат театарот на новиот милениум. Неговата сценска естетика е оригинална и тој остави пример за чист пристап, истрајност, изразена виртуозност и безвременска магија. Оценет е како алхемичар во театарот и истражувач на новите медиуми и изразни сретства на актерската игра“, соопшти МНТ.

– Со ненадејното заминување на големиот режисер Томаж Пандур, светскиот театар изгуби едно од најзначајните режисерски имиња на денешницата, човек со огромен креативен набој, потенцијал и енергија и режисер со кој актерите и соработниците уживаа во работата и новитетите во секој нов проект, наведува МНТ за Пандур, кој почина ненадејно во април на проба во МНТ додека ја подготвуваше претставата „Кралот Лир“.

Во средношколските денови Томаж Пандур ја формирал театарската група Тесписов воз – Нов словенечки театар. Дипломирал на Академијата за театар, филм и телевизија, во Љубљана. Во последните десетина години Пандур активно соработуваше со различни театари. По успешната кариера во Словенија и на некогашниот ЈУ-театарски простор, стекна и светско реноме работејќи на разни европски и светски сцени.

Томаж Пандур и Ливија Пандур во Мадрид го основаа театарот Pandur.Theaters, кој многу бргу се наметна со својата програма на европски и светски театар. Режисер е на: „Фауст“ (Љубљана, 2015), „Крал Лир“ (Атина, 2015), „Фаусто“ (Мадрид, 2014), „Медеја“ (Загреб, 2012), „Хамлет“ (Мадрид, 2009), „Калигула“ (Загреб, 2008), „Тесла Електрик“ (2006), „Божествена комедија: Пекол, Чистилиште, Рај“ (Хамбург, 2001/02), „Вавилон“ (Марибор, 1996), „Кармен“ (Марибор, 1993) и „Фауст“ (Љубљана, 1988).

Од 1988 година Томаж Пандур добил низа признанија и награди, како Златна маска на МЕСС (1990), „Бојан Ступица“ за животно дело (1992) и „Изабела Католичка“ – државно признание на Кралството Шпанија (2011).

Наградата за исклучителни достигнувања во областа на театарот, МНТ-фест ја доделува на крајот на фестивалот и досегашни добитници се: лондонскиот Глоуб театар (2014) и истакнатиот унгарски и европски режисер Атила Видњански (2015).

Слични статии