Култура
dojransko ezero

Дојранското езеро е во (многу) лоша еколошка состојба

Во Дојранското езеро се наоѓаат екстремно високи концентрации на отпадни материи, фосфорни и азотни соединенија и ги надминуваат досега забележените концентрации на овие материи во било кој воден екосистем во земјата. Или да бидеме појасни, ова се досега највисоки забележани концентрации  што некогаш биле забележени во некој еко систем во земјата и тие се во границите на 5-та категорија според домашната легислатива за класификација на водите. Кажано со научна терминологија станува збор за хипереутрофна состојба на езерото. Резултатите покажуваат дека во езерото континуирано се влеваат фекалии речиси од сите страни. Жителите во селото Николиќ, што се наоѓа близу до границата со Грција, немаат изградено систем на канализација, каде би можело да се стави пречистителна станица. Отпадните води од нивните живеалишта директно се влеваат во езерото. Но селото Николиќ не е главниот загадувач. Од градот Дојран исто така се влеваат фекалии во езерото. Пречистителната станица работи, но не ја прочистува водата. Показателите зборуваат, а тоа го потврдуваат и мештаните на Дојран, дека од пречистителната станица не излегува прочистена вода. За колекторот велат дека е многу стар а последната реконструкција ги нема дадено очекуваните резултати. Исто така, еден голем број на ново-направени куќи на ридот што се издига во стар Дојран, не се приклучени на канализационата мрежа. Сите тие имаат спроведено цевки што се гледаат а нивните води истекуваат во еден широк дол од каде тие се влеваат во езерото. Според  измерените параметри во однос на количеството на отпадните –хранителни материи оцената на стручниот научен тим е дека езерото се наоѓа во лоша состојба, стои во Извештајот за утврдената состојба на флората и фауната на Дојранското езеро во 2015 година што го презентираше на јавноста Регионалниот центар за животна средина – РЕЦ. Ваквата состојба кога внесот на отпадни материи е енормно голем се нарекува хипереутрофна состојба и доколку не се преземат мерки доаѓа до изумирање на езерото.

dojransko-2

Дел од плажата во стар Дојран

Во однос на анализата со застапеност на алгите, оценката е дека Дојранското езеро е во многу лоша состојба. Високата концентрација на хранителни материи, односно хипереутрофната состојба на езерото, доведува до развој на сино-зелени алги – цијанобактерии, кои ослободуваат многи силни токсини – цијанотоксини. Ова е причината што кај многу туристи, особено деца, се јавуваат симптоми на повраќање, кревање на висока температура, дијареја, вртоглавица, проблеми со дишење, флеки или црвенило на кожата…  Како резултат на високата концентрација на отпадни материи во водата доаѓа до масовно размножување на сино зелени алги во планктонот кои создаваат воден цвет и ја бојат водата во зелено. Посебно значајни во планктонот се видовите од родот Microcystis spp од кои се утврдени дури 8 различни форми- состојба која до денес не е забележана никаде во светот.

Во однос на застапеноста на видовите, поради хипереутрофната сотојба – присуство на материи што не би требало да ги има во такво енормно количество,  утврдено е намалување на бројот на видови, изразен тренд на намалување на густината на популациите, висок ризик на изчезнување на видовите и видови под законска заштита и ендемични видови. Во оваа категорија езерото е класифицирано во лош еколошки статус.

Што се однесува до здравствената состојба на рибите во езерото, извештајот не определува докој степен постои оштетување на рибите. Правена е анализа на еритроцити кај рибите и се забележуваат генетски аномалии во јадрото на еритроцитите, што покажува дека постојат одредени промени во здравствената состојба на рибите. Споредено со човечкиот род тоа би значело рано откривање на канцер, кога се забележуваат одредени промени во клеточната структура. Дојранчаните пак, присутни на трибината укажаа на одредени промени што ги забележале кај рибите. Така рибата „караш“ последните години го сменила изгледот, па  сега по нејзиното тело се наоѓаат флеки. И крапот изгледа поинаку, сега тој станал чуден во очите, тие станале поиспакнати а бојата на неговото месо се обоила во црвено. Раковите се сосема изчезнати, бидејќи тие живеат само во чиста вода.

dojransko-3

Голем број од куќите во Дојран се се приклучени на канализационата мрежа

Во одреден дел од годината, процес што трае со денови е пената што ја исфрла езерото и таа ги освојува бреговите покрај езерото. Оваа пена настанува како резултат на процес при распаѓање на материи, минерализација и сапунификација во тињата. Тоа се редовни хемиски процеси кога езерото е пребогато со храна, т.е е хипереутрофично.

Што се однесува со економските активности поврзани со езерото, оценката е дека тие ќе потраат уште неколку години и полека ќе згаснуваат ако не се преземат конкретни мерки. За колку години тоа ќе се случи, не може да се предвиди однапред и зависи од природните циклуси, дали ќе следат сушни година, бројот на туристите, коишто можат да ги забрзат уништувачките процеси, а свое влијание ќе извршат и климатските промени, кои што најмногу ќе се почувствуваат во овој регион.

Овие поразителни податоци за загаденоста на Дојранското езеро беа изнесени на трибина што се одржа во Дојран, на којашто Регионалниот центар за животна средина – РЕЦ го презентираше Извештајот за утврдената состојба на флората и фауната на Дојранското езеро во 2015 година изработен од осум научници.На трибината беа и претставници на Министерството за животна средина, Републичкиот завод за заштита на здравјето, Советот на општина Дојран, Агенција за туризам, граѓани на Дојран и претставници на невладини организации. Она што беше впечатливо на трибината на која се разви дискусија, беше изненаденоста на претставниците на одредени државни институции, не толку од научните показатели изработени од наши научници, колку од согласувањето и одобрувањето на мештаните, кои изнесоа нивни сознанија и многу примери за лошата состојба на езерото што само се спои со очајничкото барање помош за езерото во последните години. Младиот градоначалник на Дојран со неговото присуство од пет минути не можеше да слушне дека ако не се преземат одредени мерки, нема да има кој да го користи сето она што тој го направи за да го развие туризмот во Дојран.

Извештајот е работен во рамките на проектот „Развивање на капацитетите за одржливост на Дојранското езеро“, финансиран од Медитеранскиот центар за климатски промени од Венеција и фондацијата ЦЕПФ од Вашингтон. Македонија може да ги осети најмногу последиците од климатските промени и затоа и овој регион е земен за истражување, потенцираше претставникот од ЦМЦЦ од Венеција Драгана Бојовиќ. Истражувањата се правени во текот на три научни истражувачки кампа во текот на оваа 2015 година на пролет,  лето и есен на Дојранското езеро и на Николичка река што се влева во ова езеро.

– Целта на ова истражувањето е отворено да се претстават состојбите и отворено да се разговара за спроведување на итни мерки за заштита на езерото, бидејќи постојат мерки и може да се спроведуваат, само треба ние како општество да се организираме, потенцираше  Катарина Георгиевска, директор на РЕЦ, презентирајќи го извештајот.

dojransko-4

Професор Светозар Шкариќ:„Во владејачката структура постои договор за апсолутен молк дека езерото е во најдобра состојба, дека ништо не му фали“ 

Професорот по уставно право Светозар Шкариќ, роден дојранчанец, изрази задоволство дека ова е чекор, макар и почетен, да се сврти вниманието на јавноста и да се укаже дека овде има проблем. Во владејачката структура постои договор за апсолутен молк дека езерото е во најдобра состојба, дека ништо не му фали и дека треба уште поголем број туристи да се привлечат.  Тој го праша претставникот на Заводот за здравствена заштита дали знае дека секое лето многу голем број туристи се разболуваат и дека бројот на туристите, во годините што доаѓаат, ќе се намалува, бидејќи голем број на граѓани веќе знаат дека со Дојранското езеро нешто не е во ред. Тој ја праша Катарина Георгиевска, којашто го презентираше извештајот на оваа трибина, која е нејзината оцена за езерото? Дали таа смета дека езерото претставува опасност за здравјето на луѓето? Катарина Георгиевска одговори дека сите добиени параметри од истражувањето говорат дека езерото претставува опасност за здравјето на луѓето.

– Езерото се наоѓа во една агонија по вина на човекот а со вакви ад-хок решенија нема да се постигне многу, ја започна дискусијата еден постар жител на Дојран, кој се претстави како пензионер. Тој помни години наназад кога секој месец се земале мостри на осум точки во езерото и редовно се следела сотојбата на водата. Трската која што зафаќа голема површина од езерото се сечела секоја година. Обновената млада трска  претставува филтер на езерото и на воздухот. Некогаш езерото даваше улов од 500 тони риба на годишно ниво, денес е прашање дали се ловат  50 тони риба годишно! Ова е проблем кој треба државата да почне да го решава во координација со Грција, рече пензионерот.

dojransko-5

 „Со вакви ад-хок решенија нема да се постигне многу“,учесник на трибината кој се претстави како пензионер од Дојран. 

На трибината можеа да се слушнат и некои податоци од граѓаните на Дојран, што не се научно истражени и потврдени. Така беше изнесен податок од еден граѓанин дека милта со која што се мачкаат туристите за подобро здравје, всушност е многу токсична, пред се ради присуство на модрозелените алги но и радиоактивна поради наносите на ураниум што ги носи Николичка река. Пред неколку години била земена мостра од милта и однесена на испитување, но не се знае што станало со резултатите и каде тие денес се наоѓаат.

Дојранското езеро стана споменик на природата во 2011 година согласно Законот за заштита на природата . Бидејќи Правилникот за валоризација на заштитени подрачја е донесен една година подоцна, во 2012 година, Дојранското езеро е прогласено за споменик на природата без претходна изработка на Студија за ревалоризација на Дојранското езеро, и истата не е изработена до денес. Езерата имаат способност сами да се прочистуваат и кога  не би постоел субјективниот фактор како загадувач, езерата во овој случај Дојранското езеро не би имало потреба од никакви интервенции. Бидејќи човекот се јавува како најголем загадувач, тој и треба да му помогне на езерото за да опстои и да биде корисно на општеството.

dojransko-6

Патека покрај езерото со засадени палми

Слични статии

1 Comment

  1. Александр Стефанов 18 март, 2016 at 17:40

    Од секогаш сум критичен кон секого, меѓутоа морам на Љ. Георгиевски да му честитам за спасот на езерото, со изградбата за дополнување. Еден ретко успешен проект, видлив со голо око за секого и секогаш. Едноставно успешен проект за кој РЕТКО кој ќе рече не чини, споредено со грчките палати низ Скопје ја рачеме. Грчки партенони коишто слабо имаат врска со барок, а на секоја зграда има дорски столбови и порта со триаголен нартекс – чиста Елада. Толку за политка. Е сега зинав кога прочатив дека езерото иако има околу 40% повеќе вода од 1988 кога Грците партенонлии, го уништија, а пак е загадено – евтрофично. Би било греота, спасено од исушување, а да не биде за употреба – капење, пиење, полевање. Мислам оти не треба многу за да се спречи натамошната евтрофизација. Системот за пречистување мора да се поправи, а со колектор да биде покриен секој дел кадешто има доток на валкана вода и од кај нас и откај Егејската страна. За ова мало и убаво природно езеро не треба многу.