Култура

Скопскиот аквадукт ќе добие нови културни и рекреативни содржини

Скопскиот аквадукт  ќе доживее целосна заштита и конзервација преку акција што ја најавија претседателот на Владата на Р. Македонија, Зоран Заев, министерот за култура Роберт Алаѓозовски„ градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на општина Бутел Велимир Смилевски. Оваа акција треба да го претвори овој монументален историски објект воо привлечно место со повеќе рекреативни и културни содржини. 

Како прв чекор во оваа акција било чистењето на овој простор,  кој во изминатите години беше претворен во дива депонија, оставен и запустен без никаква грижа. Понатаму ќе се  продолжи со интензивна акција, која треба оваа локација да ја претвори во атрактивна дестинација за граѓаните на Скопје, на Македонија, но и за регионалните и светските туристи. 

Претседателот на Владата посочи дека во годината посветена на европското културно наследство, нашето внимание е кон грижата за нашите културни и историски богатства.  „Го покажавме тоа и со усвојувањето на мерките за заштита на Охрид, со што ја спречивме опасноста за губење на статусот на светско наследство под заштита на УНЕСКО. Го спречивме пропаѓањето на црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново, ја заштитивме галеријата со престари икони во Музејот на Македонија и многу други зафати. Апелирам до сите институции и граѓани – неопходно е сите заедно да се грижиме и да ги чуваме убавините на Македонија“, порача премиерот Заев.

Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски информираше дека по повеќегодишно институционално запоставување, во 2018 година преку буџетот на за култура се издвоени 1.100.000 денари за изработка на Проект за конзервација и реставрација на Скопскиот аквадукт. „За оваа наша уникатна знаменитост, подготвени сме да вложиме и повеќе за да го спречиме нејзиното пропаѓање и да го заживееме овој прекрасен дел од градот. Први за конзервација се најзагрозените делови на акведуктот, а понатамошната реконструкција ќе се одвива внимателно и стручно во неколку фази.  Освен тоа, Министерството ќе ги поддржи програмски и културните содржини кои ќе ги реализираат Градот и општините на чија територија е локалитетот и контактните зони“. Министерот Алаѓозовски појасни дека последните посериозни инвестиции во геотехничките и геофизички истражувања, сондирањата и анализата на материјалите на Акведуктот се реализирани пред неколку години, претежно со меѓународни донации, додека нашите институции беа прилично пасивни игнорирајќи го овој атрактивен локалитет, кој наместо да го оствари својот културен, туристички, рекреативен, еколошки потенцијал, беше претворен во една голема депонија. „Благодарни сме за директната поддршка на Владата за оваа заедничка иницијатива, со која уште еднаш демонстрираме дека заштитата на културното наследство е врвен приоритет за сите институции и на тоа ќе продолжиме да работиме посветено и со заеднички сили“, рече министерот Алаѓозовски.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов информираше за активностите кои ќе ги преземе Градот на локацијата, пред сè околу означувањето, пристапот, зазеленувањето, урбаната опрема и другата комунална инфраструктура, а важни новини ќе бидат рекреативната патека по брегот на Серава до Вардар, која ќе се спои со рекреативната патека на кејот и Градскиот парк, како и летната сцена во контактната зона со Аквадуктот, која ќе биде вкопана и нема да ја наруши визурата на локалитетот а ќе овозможи простор за одржување манифестации со капацитет од 1000 посетители. Општината Бутел, која со помош на компании – донатори успеа да ја исчисти депонијата од оваа локација, како што посочи градоначалникот Велимир Смилевски, ќе се грижи за хигиената, чувањето на локацијата и ќе обезбеди локална комунална инфраструктура. 

Автор:

Слични статии