Почетна / Насловна / Настани / „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума го отвора 47. ИФФК „Браќа Манаки“
„Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума го отвора 47. ИФФК „Браќа Манаки“
— 2 септември, 2026
На годинешното 47 издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера, „Браќа Манаки“, ќе се одржи од 19 до 25 септември во Битола, премиерно ќе бидат прикажани два домашни филма, едниот на отворањето и вториот на затворањето на фестивалот. Филмот СКЕЈТАЊЕТО НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА на режисерката Дина Дума и кинематограферот Фредерик Нуаром ќе биде прикажан на отворањето на ова 47 издание на фестивалот, којшто ја имаше својата македонска премиера по успешното претставување на фестивалот Трајбека во Њујорк и на Филмскиот фестивал во Сараево. Вториот македонски филм, кој ќе го затвори фестивалот е на Срѓан Јаниќиевиќ, и е негов прв филм со наслов, „Нема да ви се верува што се случи претходно“. Овој филм деновиве ќе ја има својата меѓународна премиера на Филмскиот фестивал во Олденбург. Камерата е на Дејан Димески, кој ја има освоено наградата Бронзена Камера 300 на фестивалот „Браќа Манаки“ во 2017 година за филмот ЖАБА во режија на Елмир Јукиќ, а неговите филмови БАЛКАНОТ НЕ Е МРТОВ (2013), ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ (2016) и МИМИ (2022) претходно биле дел од програмата „Камера 300“.
Во Битола доаѓа човекот кој е познат на светско ниво како автор на екстремно квалитетни слики како директор на фотографија и умешно ја корсити светлината, но повеќе е познат по тоа што ја користи темнината, односно сенките. Човек кој во Битола ќе ја донесе атмосферата на трилерот, бидејќи тој ги изработи најдобрите трилери во светската кинематографија- Џеф Кроненвет е годинашен лауреат на Специјална Златна камера 300 за особен придонес во филмската уметност, најави на денешната прес-конференција директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.
Како автор на некои од највпечатливите и највлијателните визуелни ремек-дела во современата кинематографија, Кроненвет донесе револуција во филмскиот јазик. Неговата долгогодишна, култна соработка со режисерот Дејвид Финчер ни ги подари антологиските кадри во филмовите како Боречки клуб (Fight Club), Социјална мрежа (The Social Network), Исчезната (Gone Girl) и Девојката со тетоважа на змеј (The Girl with the Dragon Tattoo), кои му донесоа и две номинации за Оскар.
Познат како вистински „мајстор на светлината и сенките“, Кроненвет е пионер во дигиталната ера на кинематографијата. Тој успеа да го доведе дигиталниот формат до совршенство, користејќи прецизна психологија на кадарот каде што секое движење на камерата и секој зрак придушено светло директно ја отсликуваат внатрешната состојба и тензија меѓу ликовите.
Мајсторот на светлината, сенките и супериорната дигитална естетика доаѓа во Битола за да го прими највисокото признание и да застане рамо до рамо со великаните на светската кинематографија. Со доделувањето на ова признание, Кроненвет се приклучува на клубот на великаните на светската кинематографија кои ја понеле Специјална Златна камера 300 со што Битола уште еднаш цврсто се позиционира како центар на светската филмска уметност.
Свеченото врачување на наградата ќе се одржи во рамките на претстојното издание на фестивалот во Битола кога на Дан Лаустен и Џеф Кроненвет ќе ги примат наградите.
Џеф Кроненвет е годинашен лауреат на Специјална Златна камера 300 за особен придонес во филмската уметност
Доксевски годинава го најави просуството и на бројни значајни филмски имиња, меѓу кои Јануш Камински, полско-американски кинемтографер и двоен оскаровец, кој е добитник на Златна камера 300 на ИФФК „Браќа Манаки“, но никогаш не дојде во Битола и годинава ќе ја имаме можност и Камински да биде дел од свеченото отворање на Фестивалот.
Селекторот на главната компетиција, Слаѓан Пенев информираше за филмовите кои ќе бидат прикажани на свеченото отворање и затворање на Фестивалот, а се дел од главната селекција која брои 12 филмови.
-Програмата „Камера 300 на 47-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се состои од дванаесет филмови кои својата меѓународна премиера ја имале во 2026 година на некои од најголемите филмски фестивали во светот.
Меѓу нив и два нови домашни филмови, со кои ќе биде отворен и затворен фестивалот. Филмот СКЕЈТАЊЕТО НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА на режисерката Дина Дума и кинематограферот Фредерик Нуаром ќе ја има својата македонска премиера по успешното претставување на фестивалот Трајбека во Њујорк и на Филмскиот фестивал во Сараево. Ова е втор филм на Дина Дума кој ќе биде прикажан во главната програма на „Манаки“, по дебитантскиот СЕСТРИ, прикажан на 42-то издание на овој фестивал во 2021 година.
Вториот македонски филм во програмата „Камера 300“ ќе биде НЕМА ДА ВИ СЕ ВЕРУВА ШТО СЕ СЛУЧИ ПРЕТХОДНО во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, а директор на фотографијата е Дејан Димески. Овој филм деновиве ќе ја има својата меѓународна премиера на Филмскиот фестивал во Олденбург. Димески има освоено Бронзена Камера 300 на фестивалот „Браќа Манаки“ во 2017 г. за филмот ЖАБА во режија на Елмир Јукиќ, а неговите филмови БАЛКАНОТ НЕ Е МРТОВ (2013), ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ (2016) и МИМИ (2022) претходно биле дел од програмата „Камера 300“.
Уште еден филм од оваа програма во чие создавање има македонски удел е филмот СРАМ И ПАРИ на режисерот Висар Морина и кинематограферот Јанис Мазух, во германско-косовско-словенечко-македонско-белгиско-албанската копродукција. Филмот забележа голем успех годинава на многу фестивали, премиерно беше прикажан на почетокот на оваа година на Санденс фестивалот, каде ја освои една од главните награди – големата награда на жирито за драмската програма (World Cinema Grand Jury Prize: Dramatic).
Од непосредното соседство ни доаѓа и филмот ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ, во режија на дебитантката Јелена Максимовиќ, а кинематографер е Паул Шпенгеман. Овој филм кој ќе биде деновиве премиерно прикажан на Филмскиот фестивал во Венеција, во програмата „Хоризонти“ е копродукција помеѓу Србија, Бугарија, Словенија, Црна Гора, Хрватска и Германија, а регионалната премиера ќе ја има токму на ИФФК „Браќа Манаки“.
Меѓу останатите филмови во програмата „Камера 300“, имаме уште неколку големи режисерски и кинематограферски имиња, а дел од нив и претходно учествувале на фестивалот „Браќа Манаки“.
Тандемот Илкер Чатак и Јудит Кауфман по вторпат ќе биде во главната програма на „Манаки“, откако пред две години ја освоија Златната Камера 300 за филмот НАСТАВНИЧКА КАНЦЕЛАРИЈА. Овој пат, нивната напната психолошка, семејна и политичка драма ЖОЛТИ ПИСМА доаѓа во Битола по успешна фестивалска промоција низ многу европски и светски фестивали, како и една од најголемите филмски награди – Златната мечка од Берлинале.
Уште два препознатливи режисерско-кинематограферски тандеми чии дела биле и претходно учесници на нашиот фестивал ќе бидат претставени во годинешнатта програма. Тандемот Павел Павликовски – Лукаш Жал со филмот ТАТКОВИНА, последниот од „историската трилогија“ на Павликовски, по антологиските ИДА (2013) и СТУДЕНА ВОЈНА (2018), добитници на Сребрена и Бронзена Камера 300 на ИФФК „Браќа Манаки“. Другиот тандем, Андреј Звјагинцев – Михаил Кричман, ни го носи филмот МИНОТАУР, по претходното гостување на програмата на „Манаки“ со ЛЕВИЈАТАН (2014) и БЕЗ ЉУБОВ (2017).
Покрај старите пријатели на фестивалот, преку оваа програма имаме чест да ги запознаеме и новите мајстори на филмската фотографија, меѓу кои е и бразилскиот кинематографер Адолфо Велозо, кој минатата година му се претстави на поширокиот филмски свет со визуелната лирика во фимот СОНИШТА НА ШИНИ во режија на Клинт Бентли. Неговиот удел во филмот КРАЛИЦА НА ОТВОРЕНО МОРЕ, режиран од Ленс Хамер, е значителен, со суптилно засилување на атмосферата на агонија и емотивно разорување, претворајќи ја оваа семејна драма во визуелно интензивно и вознемирувачко искуство.
Меѓу новиот бран кинематографери, како активни соучесници во создавањето на значајни современи филмски дела и чие време допрва доаѓа, во рамките на програмата „Камера 300“ ќе ги видиме и делата на Гералд Керклец (со филмот РОЗА, во режија на Маркус Шлајнцер), Ана Драгичи (со филмот АТЛАС НА УНИВЕРЗУМОТ, во режија на Паул Негоеску), Ману Тилински (со филмот ЛАВ НА МОЈОТ ГРБ, во режија на Тониа Мишиали) и Жонгџианг Лианг (со филмот НЕПОЗНАТА ДЕВОЈКА во режија на Зоу Џинг), рече Пенев.
-Овогодинешнaтa натпреварувачка програма за најдобра камера во документарен филм на 47-от Меѓународен фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе представи десет филмови снимени во шеснаесет земји, фокусирајќи се на најновите ликовни истражувања во современиот документарен филм, информираше Кумјана Новакова, селектор на документарната програма.
Со седум филмови снимени во 2026 година и три во 2025 година, селекцијата ги спојува етаблираните и новите кинематографски гласови од Балканот, Европа, Блискиот Исток, Африка и Северна Америка.
-Селекцијата обединува не околу една единствена тема, туку напротив, преку исклучителната разновидност на кинематографски пристапи. Избраните филмови се движат помеѓу документарен пристап, доку-фикција, перформативен филм, архивски пракси и нови слики, и експериментални форми. Низ лични и интимни приказни до историски теи и географски истражувања, селектираните филмови се фокусираат на прашањата за политиките на сеќавање, борбите против насилството и опстанокот.
Формално – посебна карактеристика на програмата е подеднаквото внимание што им се посветува на филмови со различно траење и форми – од кратки дела до долгометражни филмови – потврдувајќи го документарниот филм како простор на континуирано експериментирање со можностите на подвижната слика. Како фестивал посветен на кинематографијата, селекцијата става посебен акцент на сликата како начин на размислување: не само како средство за документирање на светот, туку и за негово повторно преиспитување, реконструкција и замислување.
-Најинтересните факти на прв поглед: 10 филмови, 16 претставени земји и/или простори на продукција, 7 филмови од 2026 година и 3 од 2025 година, опсег на времетраење: од 15 до 109 минути.
Родова застапеност: 4 филмови се режирани или ко-режирани од жени, 5 филмови се режирани или ко-режирани од мажи, 1 филм е ко-режиран од жена и маж.
Низ многу различни географски подрачја – од Судан до Иран и Оман, од Косово и Балканот до Франција, Шпанија и на други места – филмовите се враќаат на прашањата за: раселување и миграција, сеќавање и историски траги, пејзажи обележани со насилство или трансформација, отсуство и загуба, тела како архиви, и можноста за повторно читање на историјата преку слики, подвлече Новакова.
Годишната Меѓународна краткометражна програма носи 15 филмови и продолжува една важна традиција на ИФФК “Браќа Манаки“ – да открива нови кинематографери, но и да ги следи авторите кои повторно се враќаат на фестивалот со нови филмови, соопшти селекторката на кратки филмови на Фестивалот, Марија Апчевска, која заедно со Атанас Велковски го направија годинашниот избор.
Во селекцијата се среќаваат филмови од најзначајните светски фестивали но и нови авторски откритија.
-Од Кан доаѓа „Неколку нешта што се случуваат покрај реката“ на Даниел Соареш, со кинематографија на Марта Симоеш, како и „Татковина“ или буле по име Јанто“ на Бертолд Вајуди, снимен од Ноа Бем. Од Санденс доаѓа „Блескав мраз“ на Хана Ширбек, со кинематографија на Винсент Прохороф, додека меѓу познатите имиња во програмата е и Роби Рајан, кинематографер на „Лажен накит“ на Џеси Мусалем.
Особено значајно е и силното македонско присуство во годинашната програма, преку авторите Леон Ристов и Самир Љума со „Никола, Никола“, Милена Витман и Марина Колоска со „Раѓање“ и Наум Доксевски, кинематографер на “Очите на Берна“.
Истовремено, програмата има значајно женско авторско присуство – од режисерките Лхагвадулам Пурев-Очир, Доротеа Синг Жанг, Милена Витман, Џеси Мусалем, Мел Ночети, Јелица Јериниќ и Хана Ширбек, до кинематограферките Марта Симоеш, Марина Колоска, Виржини Судеј и Мел Ночети, истакна Апчевска.
На годинешното 47 издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера, „Браќа Манаки“, ќе се одржи од 19 до 25 септември во Битола, премиерно ќе бидат прикажани два домашни филма, едниот на отворањето и вториот на затворањето на фестивалот. Филмот СКЕЈТАЊЕТО НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА на режисерката Дина Дума и кинематограферот Фредерик Нуаром ќе биде прикажан…
Долгометражниот игран филм „17″, во режија на Косара Митиќ и во продукција на „Црна Мачка Продукција”, е избран за македонски кандидат за наградата Оскар, во категоријата најдобар меѓународен долгометражен филм. Одлуката ја донесе Комисијата за избор на национален кандидат за Оскар при Друштвото на филмските работници на Македонија, чиј состав е прифатен и одобрен од…
Оваа година КРИК – фестивал за критичка култура ќе биде домаќин на најзначајниот, напровокативниот и актуелен филозоф на 21 век, Мартин Хеглунд. На 29 јуни во понеделник, во 20:00 часот, во Музеј на современа уметност, овој познат филозоф ќе одржи предавање со наслов: „Овој живот – критика и еманципација“, кое се заснова на неговите тези…
Во организација на Министерството за култура и туризам, вчера, во Музејот на македонската борба за самостојност се одржа јавна расправа по Предлог-текстот на Националната стратегија за развој на културата за периодот 2026–2030 година, на која министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, ја истакна важноста на културата како двигател на општествениот, економскиот и демократскиот развој…
Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Катедрата за графика и трансмедиумски практики и Фондацијата „Драгутин Аврамовски-Гуте“, во Сули Ан во 19:30 часот, по 39 пат ја организираат изложбата СТУДЕНТСКА ГРАФИКА – ДРАГУТИН АВРАМОВСКИ – ГУТЕ. На отворањето на изложбата ќе биде доделена наградата за најуспешно графичко дело реализирано во…
Во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура“ која се одржува во Белгија, Националниот џез оркестар ќе настапи на 5 мај во престижниот културен центар „BOZAR“ во Брисел, со својата програма „Македонски сновиденија“. „Macedonian Dreams“ („Македонски сновиденија“) е уникатна фузија на македонски фолклорни мотиви и современ џез, вистинска музичка приказна која Националниот џез оркестар со…
Во Венеција пристигна уметничкиот тим што ќе ја претставува Македонија на 61. Биенале за уметност. Венециското биенале, веќе 130 години е една од најпрестижните културни институции во светот. Првата Меѓународна уметничка изложба била организирана во 1895 година. Отворањето на Македонскиот национален павилјон е закажано за петок, 8 мај, во 18.30 часот, каде ќе биде изложен…
Со балетската класика „Лебедово езеро“ во изведба на НУ Национална опера и балет во Антверпен, денес свечено започнуваат „Деновите на македонската култура“ во Белгија , престижна манифестација што ја претставува македонската уметност во нејзиното најрепрезентативно и најсјајно издание пред европската публика. Националната опера и балет настапува со едно од највеличествените дела на класичниот репертоар, потврдувајќи…
Напишете коментар