Култура

Филмот „Малдорор“ од Фабрис ди Велц, добитник на наградата на Јадранската мрежа на фестивали

За најдобар филм на Јадранската мрежа на фестивали (Adriatic Audience Award), е прогласен филмот на режисерот Фабрис ди Велц, „Малдорор“, во кој приказната во филмот се базира на вистински настани во Белгија. Овој филм беше одбран од страна на публиката на Јадранската мрежа на фестивали по пат на гласање, а беше прикажан и на последното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, каде публиката имаше можност да гласа за филмови од оваа група. Наградата беше доделена на 31. издание на Фестивалот на авторски филм во Белград.

Целта на востановување на оваа награда, Adriatic Audience Award е промоција и поголема видливост на европските филмови, па оттука филмот ќе се прикажува од 19 март до 9 април во градовите низ регионот на поранешна Југославија, и тоа во Белград, Сараево, Херцег Нови, Љубљана, Загреб, Битола, во Кино Манаки на 20 и 21 март и Центар за култура 25 и 26 март, потоа во Охрид, ФИОФА 27 и 28 март, и во Скопје, во Кинотека на 7, 8 и 9 април и Синеплекс.

„Малдорор“ е трилер инспириран од вистински настани од Белгија во средината на деведесеттите години. Приказната започнува кога две девојчиња исчезнуваат, а младиот и импулсивен полициски регрут Пол Шартие е распореден во тајна единица наречена „Малдорор“, формирана за да следи опасен сексуален престапник. Кога операцијата не успева, разочаран од ограничувањата на правниот систем, Шартие се впушта во соло потрага решен да ги пронајде и изведе сторителите пред лицето на правда.

Филмот претставува силен и реалистичен приказ на борбата против длабоко вкоренетото зло, но и на општеството кое потфрла пред најранливите. „Малдорор“ е првиот дел од планираната трилогија на Фабрис ди Велц за темната страна на белгиската историја, моќта и правдата. Филмот ја имаше својата светска премиера на Филмскиот фестивал во Венеција.

Критичарите особено го нагласија интензитетот и атмосферата на филмот. Порталот „Screen Daily“ наведува дека „Малдорор“ наликува на епските приказни за злосторства и казна што ја карактеризираа американската кинематографија во седумдесеттите години, особено филмовите на Сидни Лумет, додека ди Велц ги претвора вистинските настани во сложена и повеќеслојна приказна за полицаец чија потрага по правда доаѓа во конфликт со сите блиски до него. Растечката тензија, моралните дилеми и личните последици го прават овој филм моќен и возбудлив трилер.

Според порталот Cineuropa, „Малдорор“ е амбициозна и повеќеслојна филмска фреска за Белгија во деведесеттите години – за нејзините институционални дисфункции и колективни трауми, но и за разгранетата природа на злото. Во овој филм, ди Велц се свртува кон полицискиот жанр, носејќи ја публиката во срцето на сицилијанската заедница во Шарлроа во средината на деведесеттите години, во приказна инспирирана од случајот на Марк Дитру.

Филмот „Малдорор“ освои најмногу гласови од публиката со сумирање на резултатите од сите фестивали-членки на Јадранската мрежа, вклучувајќи го Филмскиот фестивал во Сараево, Филмскиот фестивал во Херцег Нови, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Фестивалот на авторски филмови, Филмскиот фестивал во Загреб и Фестивалот „Браќа Манаки“ во Северна Македонија.

Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион е поддржана од потпрограмата МЕДИА на Програмата „Креативна Европа“.

Слични статии