Култура

Промоција на „Страв од чекорење“ од Ѕвездан Георгиевски

Во бистрото „Комедија“ во Скопје, утре на 25 март, со почеток во 18 часот, ќе се одржи промоција на романот „Страв од чекорење“, од Ѕвездан Георгиевски. Книгата е во издание на „Бегемот“, 2025 година.

Промотор на романот ќе биде Војо Љ. Цветановски, пантомимичарски етиди ќе изведе Дарко Вељиќ, делови од романот ќе чита Енџи Николоска, а за музиката ќе се погрижи Костадин Шурбановски.

Ѕвездан Георгиевски (1961) е автор на седум книги (публицистика, романи, раскази) и на десeтина преводи. Уредил повеќе зборници, алманаси и списанија.

Тој е долгогодишен новинар, уредник и колумнист, а во моментот работи како извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“.

„Страв од чекорење“ се претставува како роман што го става времето во самиот центар на приказната, не само како околност, туку како физичка и суштинска категорија што дејствува како главен лик. Токму во тоа лежи и неговата необичност. Во книжевноста ретко се случува времето да не биде само рамка во која се движат настаните, туку носечка сила што отвора прашања и го диктира внатрешниот ритам на делото

Слични статии