Култура

Отворен 16. „МакеДокс„ со филмовите „Бардо“ и „Само на „Земјата“

Со краткиот документарен филм „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова и долгометражниот документарен филм „Само на земјата“ на Робин Петре, започна 16. Фестивал на креативен филм „Македокс“.

Долгометражен документарен филм „Само на земјата“

Филмот „Бардо“ (Чешка, Словачка / 2025 / 27 минути, ја прикажува граничната состојба помеѓу смртта и повторното раѓање, инспириран од бардо, тибетско име за оваа состојба. Авторката Вјера Чакањова тргнува на фасцинантно метафизичко патување кон темнината, а гледачот беше сведок на слики кои се менуваат по облик, форма и боја какви што сите ние ги гледаме кога ќе ги затвориме очите. Преку генеративна анимација, таа ги придвижува и материјата и мислите со амбиентална музика како придружник во комплетното доживување .

Долгометражниот документарен филм „Само на земјата“, Данска, Шпанија / 2025 / 92 минути, на Робин Петре е филм за пожарите во Јужна Галиција, Шпанија, една од најранливите зони на шумски пожари во Европа. Филмот ги прикажува луѓето што живеат таму но и животните коишто се уште повеќе погодени. Во оваа област живеат најмногу диви коњи во светот, но како резултат на климатските промени бројката од 22 илјади сега е намалена на 10 илјади коњи. За време на се пожешките лета филмот ја прикажува борбата и тешкотиите со кои се соочуваат овие луѓе, тука се и огромниот број поставени ветерници за производство на струја но тие не се бесшумни, напротив произведуваат звуци што пречат на животните но изгледа и придонесуваат во менување на климата во овој регион.

На отворањето на 16-тото издание на „МакеДокс“ во името на екипата се обратија Сара Феро и Дарко Набаков, кои прво упатија благодарност до публиката што беше присутна во Куршумли ан на отворањето на „МакеДокс“ под мотото: „Кому му е гајле за реалноста?“

– Во овие осум дена, на пет различни локации, ќе можеме заедно да погледнеме повеќе од 75 филмови, да учествуваме во бројни дискусии со авторите по проекциите, да бидеме дел од два мастер класа, две изложби, пет дискусии под смоквата, три денови со документарнaта индустрија и, секако, да слушнеме многу ноќни приказни – истакна Сара Ферро.

– Живееме во време во кое вистината се менува побрзо отколку што можеме да ја сфатиме. Во време кога границата помеѓу фактите  и фикцијата станува сè потенка. Затоа потребата да гледаме на работите внимателно, креативно, критички и со грижа никогаш не била поголема – додаде Дарко Набаков.

Двајцата изразија особена благодарност до две иницијативи што одлучија да берат гајле за сите нас, а не само за себе. Најпрвин, SupportKochani, за сè што направија за повредените од трагедијата во Кочани, и потсетија дека сметките за донација остануваат отворени. Втората благодарност ја упатија на луѓето од „Спас за Дошница“, кои неуморно се грижат за сите нас, за да живееме во здраво и природно опкружување.

На отворањето на фестивалот на 21 август во Куршумли-ан беше отворена изложба на фотографии од Томислав Георгиев кои произлегоа од Патувачкото кино на „МакеДокс“ во Кочани.

По филмската програма, вообичаено пред многубројните посетители меѓу кои и голем број странски гости одржаа концерт, гитаристот Мухамед Ибрахими, а по него продолжи со диџеј-сет на Шурбе.

Мухамед Ибрахими е мултиинструменталист на жичени инструменти од Скопје, познат по својот неконвенционален, интуитивен и длабоко инспиративен пристап кон гитарата, мандолината и сазот (традиционален долговратен жичен инструмент). Неговата музика спојува различни стилови – блуз, рок и амбиент – но останува цврсто вкоренета во ориенталната (суфи) традиција и албанско-балканскиот фолклор.

Мухамед Ибрахими од концертот во Сули ан

Преку оваа смела, но елегантна фузија, Ибрахими создава уникатни звучни пејзажи каде што се појавуваат изненадни хармонии, нудејќи му на слушателот автентично и восхитувачко музичко доживување.

Диџеј-сет на Шурбе

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ се одржува на неколку локации: Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје. Мото на 16. „МакеДокс“ е „Кому му е гајле за реалноста?“. На фестивалот ќе бидат прикажани 75 документарни филмски остварувања, а се очекува присуство на околу 100 гости од странство.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.

Шеснаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм на Република Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасада на Франција, Француски институт, Амбасада на Кралството Холандија, Австриска Амбасада, Казино Австрија, Грчки филмски центар, Гете институт, Скопско смут, Амбасада на Република Чешка, Чешкиот културен центар во Софија, Младинскиот културен центар, Музеј на Македонија, Археолошки музеј, Факултет за ликовни уметности, такси „Глобал“.

Медиумски покровители на 16. „МакеДокс“ се МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Култура, Бета, Трн, Блен.мк и Медуза.

Слични статии