Култура

14. МакеДокс: Документарниот филм се повеќе се прифаќа од страна на публиката

Многу насмевки, убава енергија исполнета со младост и ентузијазам, но пред се дружење исполнето со топлина и добро расположение, професионализам и добра организација, голема посетеност како и одличниот избор на филмовите, го одбележаа 14. МакеДокс, кој се одржа од 17 до 24 август.

„Границите на документарниот филм се поместуваат, се прошируваат, експандираат и документарниот филм не е повеќе традиционално раскажување на приказна, туку тоа е еден  уметнички и авторски израз во донесување на тие релевантни приказни“, изјави селекторката на документарната програма на Сараевскиот филмски фестивал, Рада Шешиќ, на годинешното издание на овој фестивал, резервиран во август, во термин пред МакеДокс.

Публиката го прифаќа со се поголемо внимание документарниот филм, и тоа се случува и на МакеДокс, кој посебно оваа година беше одлично посетен, (особено на проекциите во 21 часот во Куршумли Ан, на кои немаше празно столче). Документарниот филм нуди најразлични приказни и раскажува различни судбини, преку кои за момент се гледаме самите себеси, за подобро да сфатиме кај сме и што сакаме, дека не ни е толку лошо во животот и дека на тој пат треба да го извлечеме најдоброто од себе. А начинот на кој се раскажани и темите кои се одбираат се релевантни  не само за земјите во кои се направени туку и пошироко, за целиот свет. Се повеќе се јавуваат нови автори, меѓу кои се се повеќе режисерки, продуцентки и, иако филмовите се ниско буџетни тие се работат со голем ентузијазам и љубов.

„Секоја година,  за нас како организациски тим, е посебна, со оглед на тоа што знаеме колку љубов и енергија вложуваме за да се случи МакеДокс… И понекогаш магијата на фестивалот се случува поради локациите на одржување, понекогаш поради програмата и гостите на фестивалот, понекогаш и поради самиот кромид…. Но овој пат, на ова издание на фестивалот како да се створи една магична симбиоза меѓу публиката, програмата, гостите и локациите на одржување на фестивалот и почувствував една огромна љубов од страна на публиката, една чудесна радост и позитивна енергија, дека тука сме, заедно сме и дека на публиката МакеДокс и значи речиси исто колку и нам… И тоа е, навистина, голема награда за нас, голем поттик за да продолжиме понатаму…. Така што, да, Златен кромид на годинешното издание на МакеДокс добива публиката, вели Петрула Велјановска од МакеДокс.

Петрула Велјановска, (во средина) во разговор со авторот Петер Хамер на „Означена територија- приказна за скапоценото“

Фестивалот се отвори со краткиот „Над рудникот“ на Тео Аудоар и Лова Карлсон (Франција, каде во мало гратче во Шведска цели куќи се движат, се лизгаат, односно се поместуваат на нова локација, токму поради рудникот, па тие изгледаат како да танцуваат. Потоа следеше германскиот филм „Танцувајќи ја Пина“ на Флоријан Хејсен Сиоб (Германија),  посветен на легендарната танчарка и младите танчари кои повторно го откриваат нејзиниот кореографски стил. Во овој филм беа користени архивски снимки од познатата Пина Бауш, а вакви снимки со временска дистанца беа користени и во одличните неколку филма прикажани на МакеДокс оваа година, одлично вкомпонирани во филмовите, правејќи ја приказната покомплетна и издржана, давајќи го оној потребен уметнички и авторски печат. Таков филм е „Аполонија“, портрет на млада жена, сликарка,  кој опфаќа 13 години во кој таа се обидува да  го најде своето место во уметноста. Видовме снимки од нејзиното раѓање, дури и зачнување, извадени од еден куп видео касети коишто ги снимал нејзиниот татко, кој раководeл со неговиот приватен театар.

„Љубов марки и смрт“ германски филм на Сем Каја и Мехмет Акиф, одличен филм од 98 минути коишто летнаа за час. Тоа беше посебно уживање да се видат снимки, исто така одлично сместени во целата приказна, со гастарбајтерите од Анадолија, Турција, кои биле регрутирани во раните 1960-ти години и тоа 2 милиони луѓе од страна на Германија, која барала работна сила и од други земји. Возбудлива приказна за нивните страдања по татковината и нивните сакани и, (не)снаоѓањето во новата средина, а лек за душата е секако музиката којашто се менувала со тек на времето па така денеска може да се зборува за формирање на независната музичка култура на овие луѓе и нивните деца и внуци во Германија.

Сцена од филмот „„Љубов марки и смрт“ германски филм на Сем Каја и Мехмет Акиф

Филм кој предизвика најголем интерес и со рекорден број на гледачи, беше диптихот на Мила Турајлиќ, „Неврзаните“ и „Филмски герили“, два долгометражни филма, кој го прикажува раѓањето на „Третиот свет“, свет на неврзаните земји со непроценлив материјал забележан од снимателот на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито, Стеван Лабудовиќ – витален човек од 88 години, кој многу интересно и на моменти духовито, раскажува за историските настани и моменти од сите тие патувања со Тито на бродот „Галеб“, за пожртвуваноста, љубовта и тежината на сите тие снимања што денес во голем број се чуваат во архивата на „Филмске новости“ во Белград.

Режисерката Мила Турајлиќ, на „Неврзаните“ и „Филмски герили“ после проекцијата на првиот филм на средба со гледачите

Големо интересирање предизвика и одличниот филм „Тело“ на Петра Селишкар, приказна за животот на нејзината долгогодишна пријателка, професионална пијанистка, Уршка, поранешен модел, којашто се бори со ретки автоимуни болести. Во филмот се вметнати снимки од личната архива на режисерката и одлично се вклопени во интерес на приказната која ни носи интимни разговори во борбата и истрајноста во која Уршка останува храбра и го задржува својот ведар дух.

Режисерката на „Тело“ Петра Селишкар, го најавува филмот „Спроти ветрот“ на Сарвник Каур

Норвешкиот „Песни од земјата“ е филм со прекрасна фотографија и со многу ретки сцени од тешко достапната и убава природа: фјорд во средината и глечер од едната страна, но и суровоста на истата природа, кога цели фамилии гинат под налетот на глечерот.  

Во овие одлични филмови спаѓа и француско-индискиот филм „Спроти ветрот“ на Сарвник Каур, со најмногу освоени награди по фестивалите во светот, за кој монтажата, на инсистирање на режисерката, ја имаат работено Атанас Георгиев и Благоја Неделковски а музиката е на Игор Василев Новоградска.

На четири локации, Куршумли-ан, Сули-ан, Плато пред Музеј на Македонија и во МКЦ, дојдоа 100 гости од странство, беа прикажани 75 документарни остварувања, оригинално направени и авторски многу издржани и интересни, селектирани во пет натпреварувачки категории: главна програма, нови автори, кратки документарни филмови, студентска програма, етички идеи).

Куршумли Ан, една од локациите каде се одвиваа проекциите на филмовите

„Кромид“ за најдобар филм во Главната програма ја доби „Помеѓу револуциите“ на романскиот режисер Влад Петри. Филмот задира преку револуциите и граѓанските немири за да откријат гласови од жени од една далечна ера. Нивните надежи и желби, љубовта и пријателството ни носат неверојатни емоции. „Нема да исчезнеме“ на украинската режисерка Алиса Коваленко доби посебно признание со образложение дека „филмот е приказна за созревањето и дека иднината постои и е вредна за исчекување“.

Романскиот режисер Влад Петри на филмот „Помеѓу револуциите“ добитник на наградата „Кромид“ за најдобар филм во главната програма

„Млад кромид“ за најдобар филм од програмата „Нови автори“ ја доби грузискиот филм „Волшебната планина“ на авторскиот тандем Мариам Чачија и Ник Војт: „Спомените се нешто кревко, а овој филм покажува како и личните и историските сеќавања можат да бидат распарчени. Филмот нуди свеж и уникатен пристап во истражувањето и ископувањето на личните трауми / ужаси. Филмаџиите го ткаат личното, политичкото и физичкото во визуелно, речиси, клаустрофобично искуство од она што се случило во минатото и сегашноста истовремено укажувајќи кон актуелното.“ Посебно признание во оваа категорија доби филмот „Куќата за талкачки души“ на шпанскиот автор Пабло Лаго Дантас.

Жиро комисијата за доделување на наградата „Кромид“: Наталија Либет, Родолфо Кастиљо – Моралес и Јелена Максимовиќ

Во категоријата за кратки документарци „Сечкан кромид“ ја доби маестрално режиран краток документарец „Излез“ на руските автори Евгенија Арбугаева и Максим Арбугаев: „На еден далечен арктички брег во една запустена колиба, еден осамен човек ги поминува деновите чекајќи нешто. И кога нешто ќе се случи, сликите, речиси, надреалниот арктички свет со стотици илјади моржови на брегот одеднаш откриваат шокантни последици од климатските промени.“ Посебно признание доби „На работ на водата“ на шпанските автори Марија Елорка и Ињиго Салаберија заради „личната контемплативна приказна за креативниот процес, користејќи архивски снимки кои документираат промени предизвикани од човечки фактор низ текот на времето“.

Комисијата во состав Марина Костова, Барбара Орлич-Шчипула и Драган Вон Петровиќ одлучуваше за наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец

„Кокарче“ за најдобар студентски филм ја доби „Ачевик, песната на храбрите жени“ на Елина Кастлер, бидејќи „филмот се занимава со темата на исцелување и тага на еден непретенциозен и прониклив начин. Филмот е сведоштво за силата и отпорноста на жените.  Посебно признание од селекцијата на студентските филмови доби „Силосот“ (Budapest Silo) на Зофија Пацолаји од Унгарија. Жирито беше импресионирано од слоевитото портретирање на протагонистот Јозеф. Филмот не затвора очи пред суровата реалност на тешката работа, но ја покажува човечноста во неа, како и издржливоста и посветеноста. Одбивајќи да се откаже од неговиот сон за подобар живот, ова е моќно и трогателно сведоштво за човечкиот дух.

Филм со најдобри етички идеи ја додели на „На Адаман“ на Николас Филибер,  „Едноставен, прекрасен, совршен.“ Станува збор за филмско остварување кое го портретира уникатниот центар за грижа кој плови сред реката Сена во срцето на Париз. Таму се добредојдени возрасни луѓе што страдаат од психички нарушувања за да се поврзат со времето и просторот околу себе.

Комисијата за наградата за филм со најдобри етички идеи во состав Андреас Јунсен, Серџо Трефо и Васко Маглешов

На статуетките кои им беа врачени на наградените автори се аплицирани различни форми на кромид, кој со својата слоевитост е симбол на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Автор на статуетките е Андреј Марјановиќ.

Мастерклас со Мила Турајлиќ, во Даут пашиниот амам

На 14. МакеДокс се одржа мастерклас со Мила Турајлиќ, во Даут пашиниот амам, а го водеше францускиот продуцент Виктор Еде, а работилница одржа и светски познатиот дански монтажер Јеспер Осмунд. Имено, со оглед на тоа што данските документарни филмови се секогаш добро скроени, дури доведени до перфекција при монтирањето на филмот, токму поради ова, на годинешното 14.издание на МакеДокс, земја во фокус беше токму Данска, со прикажани 12 филмови снимени во овваа земја.

Слични статии