Култура

Познатиот австриски режисер Улрих Зајдл е лауреат на „Киненова, фестивал кој се отвора утре со „Јон Вардар против галакцијата“ на Гоце Цветановски

Австрискиот режисер Улрих Зајдл е годинешен добитник на Наградата за животно дело на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“.

-Со нас денеска е еден од најинтересните филмски автори, сценарист, режисер и продуцент, Улрих Зајдл од Австрија. Режисерот кој уште пред да го побуди вниманието во 2001 година со „Тегобни денови“, го побуди вниманието и пред тоа на многу филмски фестивали со своите необично креативни документарци кои до коска ги соголуваат неговите протагонисти и проговоруваат за тривијалноста и хипокризијата на западното општество, начинот на кој тоа општество ги гради своите стереотипи и како ни ги наметнува. Добитник е на многу награди, но истата година, кога ја добива наградата на жирито во Венеција, во 2001 година, ФИПРЕСЦИ во Братислава го наградува со награда за филмот „Dog Days“, рече на денешната прес-конференција Гена Теодосиевска, уметнички директор на МФФ „Киненова“, претставувајќи го годинашниот лауреат.

Пред да режира наративни играни филмови, Зајдл ги режираше наградуваните документарци: „Добра вест“ (1990), „Љубовта на животните“ (1995) и „Модели“ (1998). „Исус, знаеш“ (2003) беше премиерно прикажан во официјалната конкуренција во Карлови Вари, каде што ја освои наградата за најдобар документарен филм, додека „Во подрум“ (2014) и „Сафари“ (2016) беа прикажани вон конкуренција во Венеција. Неговото долгометражно деби „Кучешки денови“ (2001) ја освои Големата специјална награда на жирито на Венецискиот филмски фестивал. „Увоз, извоз“ (2007) беше премиерно прикажан во официјалната конкуренција во Кан. Следеше неговата меѓународно признаена, наградувана трилогија „Рај“.

Зајдл на прес-конференцијата во Скопје проговори за тоа како наместо свештеник станал режисер, и им порача на младите режисери најпрво да ја запознаат околината, па потоа да се определат за оваа професија.

-Јас бев набљудувач и така научив за општеството и за меѓучовечките односи. Се прашував: Што е човекот сам по себе? И затоа почнав прво со документарните филмови. Заблуда е да се мисли дека документарниот филм дава објективен приказ и дека ја претставува стварноста каква што е, рече Зајдл.

По природа вели дека е љубопитен човек и многу се радува што е во Македонија.

-Почестен сум што добивам награда за животно дело, но верувам дека моето животно дело сè уште не е завршено. Драго ми е што во деновите што се пред мене ќе имам можност да се запознам со многу нови нешта овде, рече Зајдл.

„Киненова“ освен тоа што продолжува да кани европски филмски режисери продолжува да ја одржува нишката на поддршка на македонската кинематографија. Во таа насока и проекцијата на првиот анимиран долгометражен филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски, кој утревечер во 20 часот го отвора Фестивалот во киното „Фросина“ во МКЦ.

-Ова е македонска премиера на која ѝ претходеше светска премиера. И овој филм како секое уметничко дело се раѓа низ борба. Главен елемент во филмот е хуморот кој потсетува на „Автостоперскиот водич низ Галаксијата“ и иако се случува во Универзумот сепак се случува овде, истакна Игор Анѓелков, селектор на главната програма на Фестивалот.

Покрај тоа што филмот е прв македонски долгометражен анимиран филм, тој е и најголемиот копродукциски проект во регионов.

-Успеавме да собереме огромна екипа од преку 150 луѓе од 5-6 држави и сега почнуваме и со фестивалска и кино дистрибуција на филмот. Драго ми е што филмот е завршен по 10 години работа и покрај предизвиците од ковид пандемијата, па и административни препреки, но сега е овде и публиката може да ужива во него. Сега чувствувам дека направивме нешто што е важно за нашата земја. Хуморот е специфичен и се плашев како ќе биде прифатен, но засега одлично поминува. Но, исто така важен дел од филмот е темата за толеранцијата и антивоена порака, која покрај хуморот доминира во филмот, рече режисерот Гоце Цветановски.