Вчера, во „Куршумли-ан“, старата скопска чаршија, започна јубилејното 15-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, кој ќе трае до 22 август.
Објектот Куршумли ан, како и секоја година и оваа година беше исполнет до последното место, а публиката со долготраен аплауз ги поздрави екипата и волонтерите на „МакеДокс“, кои традиционално се претставија со високо кренати главици кромид во рацете пред големото платно на кое што следеа две проекции на двата филма.
На отоврањето беа прикажани два документарни филма, симпатичниот краткометражен документарен филм „Како се мери годината?“ (САД, 2022, 29 мин.) на Џеј Розенблат, кој го следи континуитетот во комуникацијата помеѓу татко и ќерка, почнувајќи од нејзините 2 години па се до нејзиното полнолетство, поставувајќи и ги истите прашања. Режисерот Џеј Розенблат во овој филм го опфаќа периодот од 17 години на неговата ќерка, а во текот нма 29 минути гледачите ја имаат можноста да го видат развојот и созревањето на едно убаво и умно девојче во зрела, паметна и умна девојка. Во рамките на главната фестивалска програма беше прикажан долгометражниот документарен филм „Целулоидно подземје“ (Обединето Кралство / Иран, 2023, 80 мин.) на иранскиот автор Ехсан Кошбахт. По завршувањето на Иранската револуција, настојчив филмски колекционер во Техеран станува нетипичен херој кога храбро решава да спаси илјадници филмови од канџите на новиот исламски режим. Иако е извесно дека го чекаат апсење и мачење, тој одлучно ја чува својата скапоцена тајна – приказната за отпорот и опсесијата, видена низ очите на момчето што му го чува грбот. Приказната се отплеткува на филмското платно години подоцна, откако ќе заминат во егзил во Лондон, сликајќи возбудлив портрет на постреволуционерен Иран.
Јубилејното 15-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ се одржува со мотото „Копање емоции низ времето“. Тематскиот фокус годинава е ставен на кинотечните архиви од повеќе држави. Ќе бидат прикажани филмови од Централниот државен филмски архив на Албанија, Хрватскиот државен архив, Националниот филмски институт на Унгарија, Словенечката кинотека, Архивот на југословенската кинотека, Црногорската кинотека, Бугарскиот национален филмски архив, Романскиот национален филмски архив и Кинотеката на Македонија. Програмата ќе биде отворена вечерва, во 21 часот, во „Куршумли-ан“, со проекција на филмови од архивата на македонската Кинотека.
-Многубројните филмски наслови што годинава ги донесуваме од сите кинотеки на Балканот се доказ дека имаме од што да учиме, ако сакаме. И дека само ако го чуваме сето она што е запишано и меморирано, ќе можеме одново да го читаме и толкуваме и да го користиме во нови приказни. Архивите се тука и за да ни ги доотворат очите, да ни ја доближат и другата страна од приказната, па и третата и да нè соочат со нашите сопствени убедувања. Без архивите тешко дека ќе можеме да разбереме зошто светот е ваков каков што е или, пак, да го преиспитаме нашето место во него како социјални, политички и романтични души, рече Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.
Во рамки на отворањето на фестивалот, во Куршумли ан поставена е „AeternaNova“ – изложба на фотографии на Здружението за истражување, заштита и промоција на културното наследство ВУЛГУС (@vulgus_mk). „AeternaNova“ (кованица од латинските термини „вечна“ и „нова“) презентира нов начин на промовирање и претставување на облековната култура од крајот на 19-иот и почетокот на 20-иот век, конципирајќи ја како мода, наместо како традиција. Проектен тим на изложбата се Филип Петковски, куратор и режисер, Марко Марјановиќ, фотограф, и Ивана Мојсовска Головска, постпродукција на фотографија. Во изложбата се користени народни носии од колекциите на Костадин Балкански, Дамјан Ристовски, Ансамбл „Студио Фолклор“ и Фолклорно студио „Етнос“. Изложбата ќе биде поставена до 22 август во Куршумли ан.
На втората вечер, на 16 август, „МакеДокс“ ќе ги прикажува филмовите од предвидената програма уште на два објекти – во Сули ан и на платото пред Музејот на Македонија. Во централниот фестивалски објект – Куршумли ан ќе биде отворена програмата со тематскиот фокус, кој годинава е ставен на кинотечните архиви од повеќе држави. Програмата ќе биде отворена во 21 часот, во Куршумли ан со проекција на филмови од архивата на македонската Кинотека.
Во рамките на тематската одредница на фестивалот во сегментот „Македокс+“ ќе се одржи работилница за архивски практики во филмот со наслов „Замислување архиви“. Работилницата ќе се одржи од 15 до 19 август, во студиото „Фх3х“, со менторите Кумјана Новакова, режисерка чие авторство се базира врз истражување, а работи и како филмска кураторка и предавачка, и Влад Петри, романски филмски режисер со голем интерес за политички и општествени теми.
Работилницата ќе спои четири внимателно избрани режисери или тимови. Во фокус е идентификувањето различни стратегии и можности за визуелно конципирање на архивите, со што се проширува креативниот опсег при снимањето филм. Преку ова интензивно заедничко искуство учесниците ќе имаат можност да се приближат до суштината на секој филмски проект, дискутирајќи за различните потенцијални пристапи за секој филм во кој се користат архивски материјали.