Култура

Мирко Попов: „Мораме да се бориме за секој милиметар нормалност. Психички ни е неопходна таа борба. И музиката ни е неопходна.“

Навикнат сум да живеам во комплетно недоразбирање со мнозинството. Порано мислев дека ако дадам сè од себе, во еден момент ќе се разбереме и ќе заживееме среќно и весело до крајот на животот. Тоа кога бев млад. Сега кога сум поискусен, кога можам да ги согледам дури и резултатите од сопствените залагања, јасно ми е дека никогаш нема да се разбереме со мнозинството. Се задоволувам со влијанието кое го имаме, без да очекувам некој тоа да ми го потврди, или признае. Признанието го гледам во привилегијата да продолжам со својата работа, опкружен со квалитетни луѓе, со кои остварувам високо ниво на комуникација.



Не ги сакам миговите кога со болка констатирам дека нашава средина е скиселена од зачмаеност и буквално едвај чека да паднат таквите како мене.

Но, мора да се живее во реалноста. Јас имам работа за завршување. Имам песни за правење, имам албуми за издавање, имам идеи за буткање под носот на оние кои имаат потенцијал да ги прифатат и да продолжат да ги развиваат. Должен сум му на животот кој ми е подарен и сè додека сум тука ќе го правам она што сум го одбрал и изградил за себе. Нема да се ослободите толку лесно од ПМГ.

Поинаквите идеи секаде имаат сериозен проблем. Колку и да нашата цивилизација концептуално се базира на постојана промена, промените речиси секаде се најмалку добредојден гостин. А инаквите идеи подразбираат и предизвикуваат промени. Општеството кое на време ќе сфати дека промената е благослов, е општество кое не само што ќе опстане, туку и ќе се издигне по сите параметри.

Од тој ракурс, ние сме загрижувачки конзервативна средина. Носителите на промените кај нас, без разлика дали се работи за авангарден музичар или напреден политичар, плаќаат тешка цена за сопствената способност да погледнат во иднината.

Но за мене токму во тоа лежи и предизвикот, па ако сакате и смислата на животот на поединецот: да креира подобри услови за живот за себе и за другите, да го унапреди општеството. Цената е небитна. Борбата е вечна. You got to fight for your right to party, што би рекле генијалните БИСТИ БОЈС.

Императивот е квалитетна музика. За така мала средина, со толку малку финансиски потенцијал, располагаме со неверојатен талент, но и љубопитност за креација на музика. Просто е неверојатно колку се луѓето инспирирани, позитивно музички наелектризирани и имаат потреба да се изразат. Изобилство разноликост и сосем неочекувани сонични правци и задоволства. Човечкиот потенцијал знае да биде пресуден. Не само потенцијалот за создавање музика интересна за поддршка, туку и потенцијалот за меѓусебна соработка. Гледаме во перспектива. Посакуваме, па и се дрзнуваме да планираме развој. Се обидуваме да се опкружиме со луѓе кои размислуваат на ваков начин. Фразата „комерцијални ефекти” звучи како научна фантастика тука. Дискографска индустрија не постои, постојат ентузијасти и визионери и само од нив денес зависи постењето на современата автентична македонска култура. Ни се живее поубаво, по секоја цена.

Македонската музичка сцена, како и секогаш, зависи од ентузијазмот на поединците. Кој колку ќе направи за себе и за другите, толку и ќе има во реалноста. Отсуството на музички пазар, музичка индустрија, или било каков концепт за развој на културата од страна на државата, оди во прилог на мојата констатација. Македонија не е ниту дел од мапата на која циркулира светската концертна музичка понуда, а особено не од аспект на нашите бендови и нивната инволвираност. Ние сме толку мала средина што никој нема интерес да нè внесе во било каков бизнис ток. Од друга страна, поголемите наши промотери се однесуваат крајно потценувачки кон домашните автори и буквално им го гушат развојот.

Ако сакаме да бидеме инволвирани барем од уметнички аспект, повеќе од потребна е државна стратегија, која за жал ја нема. Од време на време сведоци сме на парцијални излети, кои повеќе одразуваат желба на култивирани поединци во државниот врв за напредок, но организиран настап сепак отсуствува.

Така повторно се враќаме на ентузијазмот на поединци. Но тој ентузијазам за мене е најпрекрасното нешто на светот. Можеби токму тајната состојка која го одржува пламенот на автентичната потреба на Македонецот да се занимава со музика.

Не е сè во бизнисот, напротив, но би сакал да ги видам нашите автори како живеат квалитетно од сопствениот труд.

Мораме да се бориме за секој милиметар на нормалноста. Пред сè психички ни е неопходна таа борба. А и музиката. Музиката ни е неопходна.

Извадоци од интервју за Слободна Европа, 02.03.21.

Преземено од Оно.мк

Автор:

Слични статии