НЕ МУ СЕ СМЕЕ, МУ СЕ ПЛАЧЕ
— 21 декември, 2023(Кон претставата „Младоста последна умира“, авторски проект на независната трупа „Пресврт“ вообличен како текст на Ева Камчевска во продукција на Петар Антевски и во колективна режија. Главни улоги: Никола Ристески, Јанка Лефкова, Лазар Христов, Ангела Стојановска)
Повеќе од индикативна е состојбата на младите театарски иметници во нашата држава. Создавајќи критична маса, младите актери, режисери, драматичари, продуценти и други театарски профили веќе почнуваат гласно да проговоруваат за нивниот статус во театарскиот живот чија институциналност е крајно разнишана од безидејноста и неодлучноста. Претставата „Младоста последна умира“ е создадена од дилемите на младите актери и актерки на кои професионалниот живот како поминуваат годините полека им исчезнува од пред очите. Оваа едночасовна претстава е одиграна во аголот на поранешната печатница на Нова Македонија, а нивната ангажираност и доследност во одигрувањето на улогите е за секоја почит. На прославата на триесеттиот роденден на една актерка се собираат нејзините пријатели актери и токму тука ги отвораат проблемите со кои се соочуваат во своето секојдневие, а тоа е социјалната констелација и секако нивната финансиска стабилност. Оваа претстава ме потсети на средбата со еден млад актер во Њујорк пред десетина години со кого се запознав посетувајќи ги воркшопите на Барбара Ван, сопственичката и основачка на Medicine Show Theater, инаку добитничка на Оби наградата и актерка која играла кај Антониони итн. Тој во меѓувреме работеше како бармен и при нашата средба во книжарницата на Барнс и Нобл ми раскажа дека се овидува на паузите да ги повтори своите монолози на Дон Жуан од пиесата на Бернард Шо „Дон Жуан во пеколот“ кои беа некаде околу седум, а тој не сакаше да ги скрати заради нивната значајност.
По завршувањето на неговата смена што траеше од девет до пет часот, отидов да ја гледам таа два и пол часовна претстава во театарот каде што тој брилјираше и имаше неколку аплаузи на отворена сцена. Заминувајќи кон дома ми кажа дека ова е негов додатен ангажман, дека работата во Барнс и Нобл му е финансиски примарна и дека за две недели оваа претстава ќе престане да се игра и дека тој повторно ќе биде „на берза“ за нова улога. Ангела, Лазар, Јанка и Никола веќе зботуваат со тој јазик. Никола се обидува да запише втор факултет за да најде порелевантен ангажнам од економска гледна точка, Јанка е во недоумица дали да ја прифати работата во кол центар, а Лазар и Ангела одбиваат да станат жртви на своите идеали. Каде е театарот и каде се можностите социјалната агонија на овие ликови/актери да престане и тие да постанат релевантни театарски чинители со свој цврст кредибилитет? Моќта на оваа претстава која е исткаена од искуствата не само на овие четворица актери туку и на сите оние кои чекаат да застанат на сцената и ја трошат својата младост е огромна. Овде не можеме а да не проговориме и за независната сцена во Македонија која зазема се поголем замав и ја има во се поголем број, а тоа е секако состојба која резултира со институционалната индолентност која веќе станува поразителна за целиот театарски живот во земјата.
А она што е круцијално во овие проекти е ентузијазмот кој се чини дека е неуништив и кој ќе биде единствениот што веројатно ќе ги придвижи нештата од мртвата точка. Актерската енергија во оваа, би ја нарекол, „автобиографска“ претстава е за секоја пофалба. И Лазар христов и Ангела Стојановска, и Јанка Лефкова и Никола Ристески своите улоги ги извадиле од своите лични недоумици и дилеми, па така оваа претстава е дел од нивниот духовен живот, од нивните стравови и безднадежности, но е дел и од нивната верба во театарската уметност како дел од социјалниот и општествен ангажман, дел од едно живеење кое час поскоро треба да се поправи и освежи за да не бидат и тие дел од оние кои ќе го напуштат овој простор обидувајќи се како странци да се прилагодат на други средини. „Не му се смее, му се плаче“, е една од репликите во оваа претстава и тоа не е дел од патетична тирада, тоа е сублимирана состојба која многу брзо треба да се надмине за да се избегне една неминовна и непосакувана катастрофа.
„Младоста последна умира“ има контекст на една вечност во која младоста го има приматот, а староста е дел од сеќавање кое за овие, но и за сите други театарски уметници треба да биде полно со приказни од сцената, со улоги што ќе донесат ловорики и страст, љубов и ангажман.
Рецензија на Сашо Огненовски