Култура

Награда за најдобра режија на Кумјана Новакова за филмот „Молкот на разумот”

Наградата за најдобра режија во програмската секција „Envision”, на најголемиот светски фестивал за документарен филм ИДФА во Амстердам, ја доби Кумјана Новакова за нејзиниот долгометражен филм „Молкот на разумот”, кој во Амстердам ја имаше својата меѓународна премиера.

Наградата ја доделува петчлено жири, a фокусот на натпреварувачката секција „Envision” е на меѓународни или светски премиери на филмови со посмела форма, каде што авторите и авторките на реалноста ѝ пристапуваат од поинаков агол и ги истражуваат најдалечните граници на документарната уметност.

Во своето образложение за наградата за најдобра режија за Кумјана Новакова, меѓународното жири истакна: „Членовите на жирито ја истакнуваат режисерката за нејзиното ригорозно презентирање на форензички докази и неверојатната храброст на жените чие сведочење овозможи силувањето да биде меѓународно признато како воено злосторство. Кумјана Новакова на филмски начин направи овие злосторства никогаш да не ги заборавиме”.

Филмот „Молкот на разумот” на Кумјана Новакова својата светска премиера ја имаше ова лето на Сараевскиот филмски фестивал, каде ја освои наградата „Срцето на Сараево” за човекови права.
Кон средината на декември филмот ќе има специјална проекција во Скопје. „Молкот на разумот” реализиран во македонско-босанска копродукција е поддржан со уметнички грант од страна на балканската истражувачка мрежа БИРН.

Извор: https://www.slobodenpecat.mk/