Култура

АВТЕНТИЧНОСТА И АНГАЖМАНОТ НА КОСОВСКИОТ ТЕАТАР

(Кон Косовскиот театарски шоукејс, одржан од 24 до 29 октомври 2023 година во Приштина, Косово.)

Косовскиот шоукејс е дефинитивно најинтересниот театарски настан кој има за цел да го презентира Косовскио театар на театарските практичари и теоретичари ов Европа и светот, а кој во исто време ја пружа можноста за вмрежување и споделување на идеи и дебати. Исклучително густата агенда и програма на овој шоукејс нуди големи можности да се навлезе во ангажманот на Косовскиот театар, во неговиот артизам, а секако и во неговиот начин на мислење. Театарот во прв ред подразбира автентичност, а во својот крвоток мора да носи извесен ангажман затоа то неговиот глас е моќен и слоевит. Актуелноста на тематската определеност, аспектите и начините на интерпретација на политичките вриежи во Европа, а особено на овие простори се континуирана возбуда на Косовскиот театар, па токму таа определеност е она најинтересното што би ја возбудила и публиката, но и театарската критика. Овој шоукејс кој секоја година се одржува на крајот од месец октомври го има истиот редослед на активности како и минатата година со тоа што оваа година овој шоукејс може да се пофали со многу повеќе гости што зборува за силната актуелност на Косовскиот театарски момент. Една од благородните новини беше презентирањето на ИЕТМ мрежата за современа театарска уметност во која членуваат повеќе од 400 асоцијации и здруженија, а која на една од дебатите ја претстави Аса Ричардсдотир театарска активистка од Исланд, генерална секретарка на истата.

Репертоарот на овој шоукејс е од исклучително значење затоа што подразбира театарски проекти во Приштина и во уште неколку градови од Косово, проекти кои генерално ги претставуваат Косовските театарски уметници, нивниот театарски израз и енергија. Тука можевме да ги погледнеме претставите: „1984“ по Џорџ Орвел, во режија на Игор Менѓиски, а во продукција на Националниот театар на Косово во Приштина, едно дијаметрално различно видување на дистопискиот роман на Орвел, проект кој проблемот на човечноста и мирот го реактуелизира со денешните воени превирања во Европа,  „Преговарање за мир“ по текст на Јетон Незирај, а во режија на Блерта Незирај, кој беше централен проект на овој театарски настан, претстава во копродукција на Ќендра Мултимедија, Театрот дела Пергола од Италија, Евро-сцена на Лајпциг од Германија, Градските театри на Прага од Чешка, Р.А.А.А.М. од Естонија, фестивалот Мителфест од Италија, Контакт од Босна и Херцеговина, Театарот Црна кутија од Норвешка, и My Balkans од Србја и САД. Оваа претстава се занимава со хипокризијата на мировните преговори пишувана и режирана во една ирониска констелација, претстава која конечно зборува за предизвиците на политичките недоразбирања и аспектот на третирањето на малите нации наспроти големите политички движења. Кога сме веќе кај копродукциите можевме да ја погледнеме и претставата „Гаџо (млади европејци)“ во копродукција на Ќендра Мултимедија и Народниот експериментален театар „Кујтим Спахиволи“ од Тирана, Албанија, која говореше многу директно за проблемите на скриените нации во контекстот на лошо интерпретираната демократија и човековите права, особено динамична претстава која со својата ирониска нишка ги долови сите пречки и недоразбирања на скриените народи во вителот на глобалните политички и социјални движења. Тука ја имаме и мошне интересното видување на митот за „Антигона“ во изведба на театарот од Ѓаково, додека театарот „Ода“ од Приштина ја изведе претставата „Арбри“, инспирирана од драмскиот текст на Флоријан Зелер „Татко“ во режија на Лирак Челај. Во продукција на Хартефакт, во театарот „Додона“ беше изведена претставата „Кратка историја на бургери и други приказни“ во режија на Андреј Носов. Секако, не беше избегнато и новото читање на класиците како што е претставата „Мера за мера“ по драмата на Вилијам Шекспир во режија на Алтин Баша и во изведба на Градскиот театар Хади Шеху од Ѓаково, а од Театарот од Гњилане можеже да се проследи претставата „Градина на сенките“ по текст на Сара Нехир, а во режија на Настасија Домаратска. Кога ќе погледнеме на овој избор ќе констатираме дека доминираат симболистичките начини на мислење, но и една разновидност на режиските концепти кои ги отвораат другите аспекти особено на древните и ренесансните класици, но ги имаме и текстовите кои се занимаваат со косовското прашање, со аспектите на малите нации во големата слика на Европа, како и социјалните и општествени турбуленции кои поремено ја брануваат европската стварност, а најмногу политички треперливите подрачја како што е Балканот.

Во овој контекст шоукејсот ги вклучува и дебатните настани, а и презентацијата на театрите и фестивалите, настан наречен „Театарски маркет“, како и презентирањето на новите драматски гласови, настан наречен „Нови драми, нови светови“ во којшто од страна на косовските актери беа читани извадоци од драмите на Вера Молина, Зејнеп Качар, Зимбер Келменди и нашата Миа Ефремова, а во режија на Бутринт Паша. Овој настан го збогатија кратките разговори на Јетон Незирај со авторите на драмските такстови. Дебатите, како што кажавме погоре се неизбежен дел од овој мошне интересн шоукејс, па така она што го сврти вниманието на театарската публика беа двата панели: „Театар во време на социјална криза“ во којшто учествуваа Катја Кистен од Украина, Ема Џордан од Северна Ирска, Англија, Атина Статаки од Грција, Рој Хоровиц од Израел, а кој беше модериран од Верити Хејли од Велика Британија и панел дискусијата „За трендовите и детерминираноста на вредноста“ модерирана од Наташа Трипни, а во која зедоа учество Барбара Поцек од Словенија, Марк Јоман од Холандија и Улриха Џонсон од Шведска.

Косовскиот шоукејс е пресек не само на театарскиот живот во Косово, туку е презентација и на театарските превирања и во Европа. Присуството на голем број на театарски практичари и мислители од Европа и светот ги отвори вратите не само на вмрежувањето, туку и на компаративноста на театарското промислување и неговите пораки. Ќендра Мултимедија од година во година овој театарски настан го развива со се подлабока вертикала правејќи го достапен и транспарентен и за светските медиуми како што е Гардијан. Всеволд Мејерхолд во еден миг проговорува за театарот многу сурово и директно: „Сакам да горам од духот на времето. Сакам сите слуги на сцената да ја препознаат својата возвишена судбина. Вознемирен сум поради неуспехот на моите другари да се издигнат над интересите на тесните касти кои се туѓи на интересите на општеството во целина. Да, театарот може да одигра огромна улога во трансформацијата на целото постоење“. И секако, Косовскиот шоукејс е токму тоа: релевантен и легитимен чинител во трансформацијата на човековата егзистенција.

Сашо Огненовски

Tagged with:

Слични статии