Македонскиот главен град Скопје денеска беше прогласен за европска престолнина на културата за 2028 година на церемонија во Домот на европската историја во Брисел. Одлуката ја соопшти денеска Европската комисија, која следеше по вчерашната презентација на апликациите на земјите кои беа во потесен избор за оваа престижна титула, каде што свое обраќање имаше и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Скопје ја доби довербата за организација на годината во која ќе се слават македонската и европската култура во нашиот главен град и во земјава, а беше во конкуренција со Будва, Црна Гора.
„Изборот на Скопје за престолнина на културата во Европа за 2028 година е голем успех за македонската култура. Скопје е подготвено да одговори на предизвикот. Всушност, Скопје како да се создавало низ вековите и за овој предизвик. Под европското и македонското знаме ќе ја подигнеме креативната енергија за таа да да се рашири и низ целиот континент. Има ли подобро место за тоа од Скопје?“
Сите скопјани и сите македонски граѓани, без разлика на нивната етничка, верска, родова, социјална, културолошка и каква било друга определба, се обединети во задоволството нивниот град, нашето Скопје, да ги отвори ширум портите и со својата култура да ја прегрне културата на Европа. Од центарот на Европа, директно во срцето на Балканот“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска по соопштувањето на одлуката.
Експертите од Европа ја препознаа искрената посветеност на Градот и на Владата на Северна Македонија, на стручните тимови, во повеќегодишниот процес на подготовка на апликацијата и заложбите на нашата држава во негувањето на европските вредности. Во тој контекст, министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, рече дека на оваа титула гледаме како на заедничка придобивка преку која со нашите национални културни вредности ја збогатуваме колоритноста на идентитетската карта на Европа и создаваме заеднички културен простор во кој сите се добредојдени.
„Скопје не е двонасочна улица на која културите се разминуваат. Не е ниту крстосница на која некоја култура има предност. Скопје е точка на средба на култури и нации, на историја и иднина, на културно-историски споменици и локалитети кои ги носат лузните од многубројни катастрофи – земјотреси, поплави, пожари.
Но, кога имате моќна културна база и град со големо културно богатство, кога имате стамени жители и многу пријатели, тогаш градот одново и одново се подигнува. Затоа, Скопје треба добро да се запознае. На Скопје не му се суди од првото видување“, изјави во Брисел министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, по прогласувањето на Скопје за „Европска престолнина на културата за 2028 година“.
Во овој капитален проект за секој град и држава од Европа се вложува со години однапред и по завршувањето на годината на манифестацијата. Затоа, Градот Скопје и Владата на оваа презентација ги изложија заедничките ставови за соединување на сите инфраструктурни и кадровски капацитети, како и потребните средства за исполнување на барањата и на европските стандарди за успешна презентација и афирмација на културните, општествените, економските и туристичките вредности на земјава пред светот.
Министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека оваа македонска победа е пример за применливоста на мотото дека културата не познава поделби.
„Иако со градоначалничката припаѓаме на две крајно различни, би рекла и спротивставени политички гледишта, погледот кон 2028 ја поттикна нашата далековидост и културата на дијалог. Зашто никој од нас не знае каде и што ќе биде за 5 години, но ќе знаеме каде сме биле денеска и дали доволно сме направиле за нашата престолнина и за нашите граѓани.
Препознавајќи ја суштината, вредноста, но и тежината на титулата Европска престолнина на културата, Владата, преку Министерството за култура, се обврза на безрезервна поддршка, и финансиска и кадровска и инфраструктурна. Сите национални установи и институции на културата ќе бидат во служба на ʼСкопје 2028ʻ. Во исто време, ги повикуваме на креативна мобилизација и независната културна сцена, младите автори, иновативните луѓе од креативните индустрии, невладиниот сектор, туристичките работници, занаетчиите, локалните бизниси. Имаме потенцијал кој, убедена сум, нема да ја пропушти шансата да се покаже во своето најдобро издание. Ова е наша заедничка инвестиција во една незаборавна година, година во која Скопје ќе биде достојна и впечатлива европска престолнина на културата“, вели министерката Костадиновска-Стојчевска.
Во насока на успешни подготовки за годината кога во Скопје ќе се вкрстат европската и домашната култура, Костадиновска-Стојчевска посочи дека од полза за нас се сите заложби и резултати што како држава и култура ги постигнуваме низ регионалната соработка, иницијативи, програми – од Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа, преку Берлинскиот процес до регионални иницијативи за Западен Балкан, како и повеќегодишното драгоцено искуство и поддршка преку програмата „Креативна Европа“ и партиципирањето во „Културните патеки на Европа“.
Во организација на Министерството за култура и туризам, вчера, во Музејот на македонската борба за самостојност се одржа јавна расправа по Предлог-текстот на Националната стратегија за развој на културата за периодот 2026–2030 година, на која министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, ја истакна важноста на културата како двигател на општествениот, економскиот и демократскиот развој…
Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Катедрата за графика и трансмедиумски практики и Фондацијата „Драгутин Аврамовски-Гуте“, во Сули Ан во 19:30 часот, по 39 пат ја организираат изложбата СТУДЕНТСКА ГРАФИКА – ДРАГУТИН АВРАМОВСКИ – ГУТЕ. На отворањето на изложбата ќе биде доделена наградата за најуспешно графичко дело реализирано во…
Во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура“ која се одржува во Белгија, Националниот џез оркестар ќе настапи на 5 мај во престижниот културен центар „BOZAR“ во Брисел, со својата програма „Македонски сновиденија“. „Macedonian Dreams“ („Македонски сновиденија“) е уникатна фузија на македонски фолклорни мотиви и современ џез, вистинска музичка приказна која Националниот џез оркестар со…
Во Венеција пристигна уметничкиот тим што ќе ја претставува Македонија на 61. Биенале за уметност. Венециското биенале, веќе 130 години е една од најпрестижните културни институции во светот. Првата Меѓународна уметничка изложба била организирана во 1895 година. Отворањето на Македонскиот национален павилјон е закажано за петок, 8 мај, во 18.30 часот, каде ќе биде изложен…
Со балетската класика „Лебедово езеро“ во изведба на НУ Национална опера и балет во Антверпен, денес свечено започнуваат „Деновите на македонската култура“ во Белгија , престижна манифестација што ја претставува македонската уметност во нејзиното најрепрезентативно и најсјајно издание пред европската публика. Националната опера и балет настапува со едно од највеличествените дела на класичниот репертоар, потврдувајќи…
Промоцијата и дистрибуцијата на филмот „Малдорор“ од Фабриц ди Велц кој се прикажуваше изминатиов период во кинатата низ регионот, во Македонија го заокружуваме со три проекции (7, 8 и 9 април) во Кинотека. Филмот ја освои наградата на публиката на Јадранската мрежата на фестивали (Adriatic Audience Award), која беше доделена на 31. издание на Фестивалот на…
Небојша Јовановиќ викендов го почна снимањето на својот нов филм со работен наслов „И Божана сака чоколадо“, копродукција меѓу Македонија, Србија и Молдавија, работен по сценарио на Ева Камчевска и Небојша Јовановиќ. -Ова е храбар филм за немоќта на едно општество да се осознае, за последиците од неприфаќањето на сопствените и изборите на другите, за…
Во бистрото „Комедија“ во Скопје, утре на 25 март, со почеток во 18 часот, ќе се одржи промоција на романот „Страв од чекорење“, од Ѕвездан Георгиевски. Книгата е во издание на „Бегемот“, 2025 година. Промотор на романот ќе биде Војо Љ. Цветановски, пантомимичарски етиди ќе изведе Дарко Вељиќ, делови од романот ќе чита Енџи Николоска,…