Култура

Неапол, град на контрасти, толку привлечен за снимање, во уште едно ремек дело „Носталгија“

Неапол e град на контраст, со прекрасни места и екстремно грди делови, каде царува екстремна сиромаштија, град познат по нарко мафијата, град каде има најмногу дилери на дрога. Зошто тој град е толку привлечен за снимање, беше едно од прашањето поставено на прес конференцијата по повод прикажувањето на филмот „Носталгија„ на Марио Мартоне, на вториот фестивалски ден на 44. „Браќа Манаки“ во официјална селекција за наградата „Камера“ 300. Кинематографер на филмот е Паоло Карнера, кој многу успешно ја завршил неговата работа на филмот, говореше на прес конференцијата за текот на снимањето, за одличниот главен актер, за локациите кои воопшто не се измениле во текот на 40 години, период во кој се одвива филмот.

Карнера бил ангажиран од режисерот Мартоне, откако претходно работел на серијата „Гомора“ која исто така е снимена во овој град, кога со свои очи гледал како работат дилерите така што веќе му биле познати локациите. 

-Сакавме градот да го прикажеме преку очите на главниот лик, бидејќи тој се враќа во родното место по 40 години и одново го открива својот роден крај. Неапол е град на контрадикции, изобилува со голем број прекрасни палати од една страна, но и со екстремна сиромаштија, раскажа Карнера.

Филмот кој предизвикува длабоки емоции, кои воглавно ни ги пренесува главниот лик, кој се враќа во неговиот роден град и последните денови ги поминува со неговата мајка, а во една многу необична и емотивна сцена тој ја зема во раце и ја носи да ја искапе.

-Овој момент беше трогателен и зад камерата. Многу длабоко емоционално ја доживеавме, затоа што додека работевме сите помисливме на сопствените мајки, се присети Карнера.

Филмот „Носталгија“ е италијанско-француски драмски филм од 2022 година, косценарист и режисер е Марио Мартоне, а снимен е  според роман од 2016 година на Ермано Реа. Филмот имаше премиера во официјалната конкуренција за Златна палма на 75. Кански филмски фестивал на 24 мај 2022 година.

Од селекцијата на кратки филмови, денеска на прес-конференција беше претставен филмот „Солзите на нештата“, чиј кинематографер Виктор Мас е во Битола и раскажа дека идејата била да го доловат чувството на стаписаност, после една прекината врска. Во филмот се говори на полски и на бугарски јазик и, токму тоа многу помогнало во одлуката комуникацијата меѓу ликовите да оди преку писма кои гледачот ги слуша и доживува како поезија.

Љубителите на документарните филмови имаа можност да го погледнат филмот „Сонот на Аурора“, кој работи со соништа, а кинематограферката Драгана Јовановиќ проговори на средбата со новинарите за соништата на различните протагонисти и како соништата може да станат филмски материјал.

-Сакав да ја разработам фасцинацијата од заспаното женско тело. Станува збор за занемарена психа, бидејќи токму таа се манифестира во соништата., вели Јовановиќ.

Кинематограферката од Естонија Елен Лотман на Фестивалот „Браќа Манаки“ доаѓа четврти пат, а годинава нејзиниот филм „Заспаниот ѕвер“ предизвика големо интересирање кај публиката.

-Воодушевена сум од Фестивалот „Браќа Манаки“. Четврти пат сум тука и секогаш кога заминувам си велам морам да дојдам повторно, рече Лотман.

Филмот е трилер и прикажува едно мало место во Естонија, каде мажите преку цела недела одат да работат во Финска, жените се оставени да се снаоѓаат сами и тоа се одражува на децата кои стануваа сурови, злобни, насилни. 

-Децата денеска или се премногу контролирани или воопшто не се контролирани, а конкретно во овој филм тие прават една грешка, а потоа за да ја затскријат грешката прават уште поголема грешка, раскажа Лотман.