Култура

ДРЖАВНИОТ АРХИВ ГИ ПОВИКУВА ГРАЃАНИТЕ ДА ПОДАРАТ ДОКУМЕНТИ ЗНАЧАЈНИ ЗА МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА

Државниот архив ги повикува сите граѓани кои имаат архивски материјал (документација) да го подарат на Архивот како институција која се грижи за колективната меморија и историското минато. Директорот Емил Крстески вели дека на приватните иматели (или правни наследници) им се нуди можност да подарат архивски материјал кој е од особено значење за националната и локалната историја како и за општествено-политичкиот, стопанскиот и културниот живот во минатото.

„На подарениот архивски материјал во Државниот архив и неговите одделенија му се обезбедува соодветно сместување, физичко-техничка заштита, стручно-научно истражување, проучување и обработка како и негово користење за научни цели. Архивскиот материјал наменет за подарување се категоризира според неколку критериуми меѓу кои единственост, реткост и неповторливост на архивскиот материјал, сочуваност, изворност и авторство“, вели Крстески.

Од подарените архивски материјали ќе се формираат архивски фондови, кои во иднина ќе им бидат достапни на истражувачите и од нив ќе произлегуваат вредни изданија од областа на политичката историја, историја на секојдневниот живот, културната историја.

Граѓаните може да се обратат на телефонскиот број 02 3237 211 локали 121 и 122, директно во Државниот архив, Кеј „Димитар Влахов“ бр. 19 во Скопје или на следните e-mail адреси: [email protected][email protected]. Информации за подарување архивски материјал може да се добијат и во одделенијата на Државниот архив во Скопје, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, Велес и Куманово, чии контакт-информации може да се најдат на веб-страница www.arhiv.mk.

Автор: