Култура

„Домаќинство за почетници“ на Столевски го отвори 44. издание на „Браќа Манаки“. Дамевски:Фестивалот е место на слободната мисла на филмските уметници

Во преполната сала во Домот на културата во Битола, вчера, со проекцијата на филмот на Горан Столевски „Домаќинство за почетници“ како и претходно со доделувањето на главните награди, „Златна ѕвезда„ и награда за животно дело, што ги доделува Интернационалниот фестивал на филмска камера ИФФК „Браќа Манаки“, се отвори 44 издание на овој фестивал. Во текот на наредните седум фестивалски дена, ќе бидат прикажани 80 филмови, ќе се одржат работилници, прес конференции со познати гости, а тоа се кинематографери и режисери, ќе се одржат презентации на познати фирми поврзани според нивната дејност со филмот, изложби и тркалезни маси заклучно со 29 септември, кога вечерта со проекцијата на исто така, македонски филм и со доделување на наградите за најдобрите, ќе се затвори фестивалот со исто така македонски филм „Лена и Владимир“ на Игор Алексов. Фестивалот оваа година има рекорден број на гости, особено од странство е значителна, во споредба со изминативе години близу 400 гости.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, му ја врачува наградата за животно дело на Питер Бижу

-Создавањето на еден филм, на едно уметничко дело, па и на Фестивал секогаш започнува со скок во непознатото. Возбудлив, но и застрашувачки. За среќа тој скок во непознатото најчесто резултира со едно прекрасно патување и завршува со резултат што им носи големо задоволство и на публиката и на создавачите на филмот. Затоа одново и одново скокаме во непознатото, рече директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски, за кого овој фестивал ја изразува слободната мисла на филмските уметници и големите мајстори на филмската фотографија.
Фестивалот е домаќин на највисоки претставници на француското, британското, кинеското, австралиското, шпанското, корејското, германското, грчкото, спрското, чилеанското и американското друштво на кинематографери, истакна Дамевски.

Директорот на ИФФК „Браќа Манаки“ Симеон Мони Дамевски

-Битола благодарение на првите сниматели на Балканот, браќата Милтон и Јанаки Манаки претставува светски гласник во областа на кинематографијата. Уникатноста на творештвото најсилно допира низ моќта да се привлече посетителот, да се задржи неговото внимание и истиот да стане дел од патувањето на прекрасното непознато. Вечерва повторно го славиме ентузијазмот и успехот на двајцата мечтатели кои ја зачуваа севкупната бесмртност на човештвото низ сите нивни фотографии и филмски снимки, истакна градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
По повод доделувањето на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ пред присутните говореше претседателот на ДФРМ, Игор Иванов Изи кој се осврна на битката на филмските работници за подобри услови за филм, подобар стандард на филмските работници и подостоинствен живот.
-Како обврска на нашата генерација останува конечно стандардизирање на буџетот за филм во рамките на државниот буџет и решавање на статусот на филмските работници. Секој ден сме поблиску до решение и колку и да звучи невозможно, ќе се случи, рече Иванов најавувајќи го секретарот на ДФРМ, Томи Салковски кој и ја врачи наградата на Лабина Митевска, годинешен лауреат на наградата „Златна ѕвезда“ што го доделува ДФРМ.
Митевска истакна дека за да се создаде едно врвно дело потребно е да ги сакаме нашите автори, да им овозможуваме да создаваат слободно, без цензура, и да постои континуит во таа поддршка, бидејќи уметноста не е веќе привилегија, таа е потреба.

Лабина Митевска, добитничка на „Златна ѕвезда“
-Особено ми е значајно ова признание бидејќи доаѓа од мојата фела и што ја добивам во овој град во кој се вљубив пред многу години. Веќе триесет години работам во оваа фантастична професија. Македонија има многу нешта што може да и ги понуди во светската кинематографија. Имаме одлични автори, добри приказни и фантастични локации, рече Митевска.
На годинешниот лауреат, кинематограферот Питер Бижу, наградата Златна камера 300 за животен опус му ја врачи министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
-Многу сум среќен што сум во Македонија и што го добивам ова прекрасно признание од Фестивалот „Браќа Манаки“, се заблагодари Бижу, чие појавување на сцената во Центарот за култура во Битола беше проследено со огромен аплауз од публиката која на нозе го поздрави оскаровецот.
Костадиновска Стојчевска рече дека Фестивалот „Браќа Манаки“ ги негува вредностите на врвната визуелна уметност и е чувар на споменот за љубопитните браќа Манаки за кои дотогаш непознатото било голем предизвик.
-Вечерва сакам да нагласам дека збирката на движното културно наследство ФОНД 580 „Браќа Манаки – Битола 1853-1964“, која се наоѓа во Државниот архив – одделение Битола, е прогласена за културно наследство од особено значење, во поткатегорија исклучително значење. Збирката од над 1.200 артефакти е оригинално сведоштво за едно бурно време на Балканот и своевиден раопис од европска важност. За историјата на светската кинематографија и да не зборуваме, зошто браќата Манаки беа први на Балканот, меѓу првите во Европа. Македонската кинематографија им ја должи сета почит. Оттаму радува ентузијазмот и страста на овој фестивал од година во година, со децении да ја надоградува љубовта кон добриот кадар, рече Костадиновска-Стојчевска.
На свеченото отворање беше изведен перформанс во режија на Дејан Пројковски. Националниот џез оркестар и детски хор ја изведоа „Another brick in the wall“ од „Пинк Флојд“ со што на сцената и во гледалиштето се ширеше филмската магија на „Пинк Флојд: Sидот“ од лауреатот Питер Бижу.