(Кон претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“ по текст на Едвард Олби, во режија на Ивица Буљан, а во продукција на Мини Театарот од Љубљана, Словенија. Главни улоги: Наташа Барбара Грачнер, Бранко Штурбеј, Бенјамин Крнетиќ, Клара Кук)
Драмскиот текст на Едвард Олби „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“ е своевиден пресврт во американската драматика во којшто овој исклучително значаен драмски автор зборува за гнилоста на институцијата брак во време кога Америка веќе почнуваа да ја разнишуваат превирањата околу родовите релации и смислата за неговото постоење. И покрај тоа што е далечно референтен на големата британска пистаелка Вирџинија Вулф, насловот на самата пиеса е земен од цртаниот филм на Волт Дизни „Трите мали прасиња“, но искуството на самиот Олби во врска со него се содржи во изјавата во која вели: „Бев една вечер на пиво во еден бар и во бањата видов „Кој се плаши од Вирџинија Вулф? издлабено во сапунот. Кога почнав да ја пишувам драмата, таа реченица повторно ми се појави во мислите. И секако, Кој се плаши од Вирџинија Вулф значи кој се плаши од големиот лош волк – кој се плаши да живее живот без лажни илузии. И навистина ми се чини дека е тоа прилично типична, универзитетска, интелектуална шега.“ Ивица Буљан во својот режисерски концепт се занимава токму со тој волк кој навлегува во „семејниот мир“ и ги откопува тајните и стравовите од кои и двајцата сопружници не можат да се ослободат. И покрај тоа што се чини дека реалистичниот третман е најприсутен во ова негово видување на култниот текст на Олби, Буљан во својот режисерски ракопис прави едно алегорично раздробување на ликовите па така голем дел од ситуациите стануваат апсурдни исто онака како што шеесет одини подоцна од настанувањето на овој текст истите проблеми што ги третира тој се бесмислени и депласирани. Оваа пиеса без остаток се занимава со смислата на бракот и начинот на неговото одржување, исчезнивањето на сексуалноста или нејзино ковертирање под влијание на фантазмагориите на двајцата сопружници. Во оваа режија на Буљан младиот брачен пар кој доаѓа на гости кај Џорџ и Марта навлегува во уште поголема раскалашеност која како да вели дека во ова време на преинформираност нема место за било каква родова и институционална револуционерност. Во каноните на родовите преинсталирања, ова видување на Ивица Буљан, не поместувајќи се од реалистичните состојки открива едно внатрешно превирање што прави овој драмски текст да звучи многу модерно и актуелно. Имено, оваа претстава во негова режија може да се пофали со еден исклучително екстровертен израз кој не само што е продуктивен, туку е и по малку иновативен. Наташа Барбара Грачнер гради една многу елоквентна Марта која на совршено живописен начин успева да го деконструира својот грижливо граден персоналитет. Нејзината Марта е пијано „инфантилна“, заводлива со еден многу елегантен, но и персифлажен сексипил, а е и со длабока вертикала во емотивниот израз. Нејзините актерски бравури се многу импресивни, но егзактни и говорат за огромниот талент и умешност на оваа голема актерка на Словенечкиот театар. Таа знае како живее нејзината емотивно девастирана Марта, знае каде да ја отвори нејзината душа и каде да се поигра со својата судбина, но знае и како да му се одмазди на својот веќе одамна емотвно згаснат сопруг. Џорџ на Бранко Штурбеј говори со јазкот на напуштен маж кој како да не сака да признае дека одамна се збогувал со мачоизмот којшто грижливо го беше чувал толку години. Бранко Штурбеј со голем осет за суптилноста во градењето на овој лик не навлегува во голема екстравертност, успевајќи од ликот да ја сочува таа „одглумена“ стаменост и машкост. Заедно со Наташа Барбара Грачнер, овој брилјантен актер ги открива најсокриените дамари на Џорџ кој во негово толкување е длабоко загрижен за своето се порапидно пропаѓање.
Срамежливиот млад пар Ник и Хани во интерпретација на Бенјамин Крнетиќ и Клара Кук од срамежливи младич и девојка се претвораат во раскалашен пар кој совршено наликува на младите парови опфатени од виорот на пороците на дваесет и првиот век. Бенјамин Крнетиќ својот рационален и пристоен Ник го претвора во сатир чија експлозивност ја соблазнува Марта, експлозивност која овој млад актер одлично ја одигрува. Тој во еден момент станува актер на своите еротски фантазии и таа експресија на Крнетиќ во тој миг станува и маркантно расположение на целата претстава. Хани на Клара Кук на некој начин го доживува истото преобразување кое се движи од фина и пристојна девојка до испијането и безобразно девојчиште чија грациозност заминала заедно со неколкуте испиени чаши алкохол.
Актерската органика е еден од главните двигатели на ова многу интересно видување на текстот на Олби. Фукнционирајќи многу компактно сите четири актери прават оваа претстава да звучи исклучително актуелно и модерно. Секако, тука допринесува и визуелниот момент, т.е. сценографијата на Александар Дениќ која дневната соба кај Марта и Џорџ ја разбива отворајќи го просторот околу неа, но ја врамува во зборовите што поминуваат низ нивните лица како еден вд на графика што потсетува на она што останало од говорната индикативност на Олби, како и костимографијата на Ана Савиќ Гецан која иако се движи во просторот на конвенционаналноста, импонира со една чудна, ненаметлива колоритност. Изборот на музика совршено конвенира со дејствието, а него го направил актерот Бенјамин Крнетиќ кој со својата актерска енергија доста добро го метаболизирал јадрото на режисерската поетика на Ивица Буљан.
„Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“ е сторија за сите бракови што ја издржуваат или не ја издржуваат битката на здодевната нституцја. Џорџ Марта на Ник и Хани без остаток и мошне отворено им покажуваат што ќе ги најде кога ќе стапат во брак и дека „ништо нема да биде како порано.“ Бракот се создава за да се истроши, затоа правната легислатива го употребува зборот „конзумира“. Во сликата за порозноста на американскиот брак на Олби има и вистина, но има и иронија за која, за жал, Ивица Буљан вели дека ја живееме залажувајќи се себеси дека сме успешен дел од социјалното и општествено милје. Оваа претстава е пресек на едно лудило што се случува зад четирите ѕида на браковите чија пропаст е исто така начин на живот, начин на сфаќање на партнерот и негово оттуѓување како нераскинлив дел од преживувањето во овој грешен дваесет и први век.
Рецензија на Сашо Огненовски