Култура

ПСЕВДОИСТОРИЈАТА НА АМЕРИКАНСКИОТ СОН

(Кон претставата “Yankee Rose” по текст на Слободан Обрадовиќ, а во режија на Милош Лолиќ и во продуквија на Белградскиот драмски театар. Главни улоги: Даница Максимовиќ, Ивана Николиќ, Иван Заблаќански, Димитрије Цинцар Костиќ, Лука Грбиќ)

Американскиот сон е акварелна визуелизација на американскиот мит чија глобална горчлива судбоносност изела многу големи уметници во зенитот на нивниот креативен живот. Големата поетеса Рита Дав вели: „Американскиот сон е фраза со која ќе треба да се бориме целиот живот. Тоа значи многу нешта за различни луѓе. Мислам дека го редефинираме сега“. Секако дека на оваа сентенца би додале : „…и овде.“ Претставата на Милош Лолиќ се занимава со флуидниот аспект на тоа „овде“. Инспиративниот текст на Слободан Обрадовиќ кој е еден вид параболичен пресек на американската слава и сјај зборува за симптоматиката на конзумеризмот која ги подигнува доволно високо големите имиња на музиката, филмот и книжевноста за да не можат да се симнат од небесните височини. Ова фигуративно објаснување на животите на славните кои завршиле пред да почнат е можеби и асоцијација на превртената ракавица која во текстот на Обрадовиќ се модифицира во наратиција со добро спакувана мултизначност. Режисерот оваа драмска парабола ја вовлекува во една метасимболистичка констелација која подразбира силна исповедна енергија, но и една рејвенхиловска дијалошка обоеност која импонира најмногу заради глобализирањето на т.н. „американски мит“.

Самата фраза Yankee Rose означува атрактивна, американска жена која во концептот на Лолиќ е координата во која се распоредува целата таа американска митолошка пластика. Се чини дека е тоа релевантно затоа што неговата режисерска дистанцираност од позиција на совршено суровиот и грешен дваесетти век зборува за дијалектолошката поврзаност на идеалното општество со хипокризијата на наместената визуелизација. Така оваа Yankee Rose која има море од асоцијации како што е Ен Никол Смит како прва и највертикална, па преку нумерата на Дејвид Ли Рот од неговиот дебитантски албум „Јади ги и смеј се“ во оваа интерпретација делува трансродово собирајќи ја целата американска митологија во својата мрежа најпрво преку трагичните биографии на големите актери и актерки, а потоа преку возбудата од нивната меморабилија која ден денес е најскапиот пазар во Америка. Лолиќ тој спој го прелева во многу инересно, но и дискутабилно режисерско видување на она што било возбуда на дваесеттиот век глазирано со горчливо-слаткото чувство на забава. Исто така е симптоматично да се говори за постдрамско обележје на ова режисерско видување од едноставна причина што исповедната структура на самиот текст корепондира со приказна за личност која е на некој начин прототип за тој лажен сјај на Америка, а која некаде зад целото дејствие е сепак флуктуална. Овој режисерски концепт се занимава со прототипови, како всушност и самиот драмски текст и тоа е најголемата вредност на целата претстава.

Затоа и станува збор за една псевдоисторија која низ режисеровото естетско дистанцирање отвора многу важни прашања од типот: како понатаму кога целата оваа митологија е истрошена и совршено неинтересна? Можеби и затоа главната хероина е постара актерка потоната во шминката и глазурата на американската убавица. Даница Максимовиќ ја одигрува оваа хероина многу вдахновено и многу сочно употребувајќи го целиот нејзин актерски арсенал и креирајќи лик на вистинска амриканска дива полна со предрасуди и небулози, една дама чиј животен век е исткаен од лажни копнежи и емотивни бури. Кога сме кај емотивниот предзнак, Даница Максимовиќ оваа улога одлично ја води низ емотивните набои создавајќи лик за паметење. Таа како голема актерка гради комплексен лик кој зазема лавовски дел од целата претстава. Секако, нејзиниот ритам и биографско поигрување се една многу продуктивна актерска дистанца достојна за секоја почит. Овде се наметнуваат  и ликовите на американската моќ кои како визуелизирана фактографија постануваат подвижни експонати на прототиповите присутни во сите американски конструкти на дваесеттиот век. Тука најголем впечаток оставаат Димитрије Цинцар Костиќ и Иван Заблаќански како два антиподи на американската моќ, исклучително живописни ликови на кои донекаде им се придружува и младиот Лука Грбиќ чиј лик како да излегол од блескавите модели, млади надежи во американската филмска индустрија. Минималистичката персифлажа присутна во скоро целата претстава како да ја сузбива сатиричноста што блика од текстот на Обрадовиќ. Имено,  појавата на маските кои проговоруваат како Лари Кинг, Опра Винфри итн. што го потенцираат тој „наместен“ хумор на американската телевизија проследен со наместени аплаузи и топлата човечка приказна која ја сакаат сите овие ликови, а најмногу добро набоената американска дива е другата страна на медалот. Младата Ненси некаде при крајот од претставата запејува и таква, природна, plain, како што би рекол американскиот суптилен жаргон си заминува од сцената без помпи, без скандали, без гламур. Тука и завршува гламурот со добро наслоен колорит, секогаш проследен од смртта. Со тивка песничка, но со многу отворени прашања што е релевантен крај на претстава која се занимава со аспектот на митологизирањето на човекот. Кога сме кај визуелизацијата еден од најубавите сегменти на оваа претстава е костимографијата на Марија Марковиќ Милоев која е составена од реплики на американската типологизација и која во мракот на празната сцена делуваат многу реалистично што одлчно се вклопува во режисерското видување на Лолиќ. Таа амбивалентност е типична и за музиката на Невена Глушица која е повеќе конспирација отколку инспирација од американската цивиилизација и сето тоа во една многу интересна комбинација на псевдоисториско толкување на американскиот мит.

Но, каде е тука нашата цивилизациска систематика? Каде е нашиот начин на рекомпонирање на човекот? Дали на овие простори им недостасува оваа смртоносна сласт и духовна лага? Тука се наметнува еден многу содржаен цитат на големиот рок музичар Брус Спрингстин кој вели: „Целиот свој живот го потрошив во просудба на разликата меѓу Американската реалност и Американскиот сон.“ Милош Лолиќ во оваа претстава заборува за американскиот сон од чии остатоци се поеле сите уметнички жедби на луѓето од овие простори. Смртта како финална секвенца на таа лага е претопена во суицидот кој денес станува систем на вредности, а суровоста на скандалот кој е една од најважните алатки на американскиот сон станува секојдневие со голема закана за истребување. Ен Никол Смит, Мерилин Монро, Џејмс Дин, Елвис Присли оваа цивилизација на многу наврати ги нарекува икони. Нивната младост се стопила во сеќавањето, но исчезнала во реалноста на векот кој не е многу скоро зад нас. Овој, дваесет и први век не кореспондира со таквите икони, барем не како гореспоменатите, а не и како Yankee Rose, рекламната Атена на земјата што се уште ја држи доминацијата на забавата и во ова столетие. Кратковечните, секако нема да го видат нејзиното детронизирање. Само ќе го почувствуваат.

Фотографии на Драгана Удовичиќ

Сашо Огненовски

Слични статии