Култура

НЕМИРНИОТ БРОД НА ЧОВЕЧНОСТА

(Кон 68 Стериино позорје кое се одржа од 26 мај до 3 јуни 2023 година во Нови Сад, Србија)

Овогодинешното Стериино позорје, 68-мо по ред, постави многу прашања, а остави и многу дилеми. Неговиот репертоар, поточно компетитивниот дел кој селекторот Миливое Млаѓеновиќ го озаглави како „Човечноста – угорнини и стрмоглавења“ се занимаваше со вечната битка на човекот за зачувување на својот идентитет, својата духовна вредност и својот ангажман. Дилемите кои овој фестивал ги отвора се наоѓаат најмногу во стилската територија. Имено, веќе неколку изданија со ред Стерииното позорје е еден вид на театарска арена во која копјата ги кршат конвенционалното театарско промислување и она новото кое теоретичарите љубат да го наречат „постдрамски“ театар со наративно јадро и, колку и да звучи генерализирано, една авангардна поетика базирана на подалечните аспекти од текстот. Компетитивната програма во ова издание на овој исклучително маркантен фестивал се состоеше од осум претстави: „Деца“, по романот во стихови на Милена Марковиќ, во адаптација и режија на Ирена Поповиќ Драговиќ во продукција на Народниот театар од Белград; „Зошто спиеш на подот“ по романот на Дарко Цвијетиќ во адаптација и режија на Кокан Младеновиќ и во продукција на Српскиот народен театар од Нови Сад, Градскиот драмски театар „Гавела“ од Загреб, Народниот театар од Сараево и Меѓународниот театарски фестивал МЕСС; „Покојник“ од Бранислав Нушиќ во режија на Егон Савин и во продукција на Црногорскиот народен театар и Центарот за култура од Тиват, Црна Гора; „Yankee Rose“ од Слободан Обрадовиќ во режија на Милош Лолиќ во продукција на Белградскиот драмски театар; „52 Херци“ од Тијана Грумиќ во режија на Мојца Мадон во продукција на Словенечкиот народен театар од Нова Горица, Словенија; „Приспивна за Алексија Рајчиќ“ од Ѓорѓе Косиќ во режија на Југ Ѓорѓевиќ во продукција на Народниот театар од Белград, Фондацијата Нови Сад – европска престолнина на културата и Стерииното позорје; „Госпоѓица“ по новелата на Иво Андриќ во адаптација на Вања Ејдус и во режија на Ѓурѓа Тешиќ и во продукција на Народниот театар на Решублика Српска од Бања Лука; „Ноќна фраерка“ од Александар Поповиќ во режија на Бранислав Миќуновиќ во продукција на Народниот театар од Ниш. Различните режисерски видувања и шареноликоста на драмските и театарските форми зборуваат за еден мошне густ и динамичен продукциски дијалог во којшто формата и режисерското проседе го отворија тој естетски крстопат каде што се намекнаа и дилемите како пораката на театарската претстава кон човекот и хуманоста да биде посодржајно и подлабоко пренесена. Секако, тука беше и меѓународната селекција „Кругови“ како придружна програма каде што беа застапени три театарски продукции: „Ноќ со Алекса“ по текст на Марко Томаш, во режија на Ивица Буљан, а во продукција на Хрватскиот народен театар од Мостар (БИХ), „Тена – хроника на распаѓањето на една убавина“ по текст на Јосип Козарац во адаптација и режија на Дражен Ференчина, а во продукција на Градскиот драмски театар „Гавела“ од Загреб, Градскиот театар Јоза Ивакиќ од Винковци, Театарот Луденс, Центарот за доживотно учење и култура од Бјеловар и Градскиот театар од Пожега и „Убавата Вида“ по текст на Сташа Прах во режија на Марјан Неќак, а во продукција на Театарот Копер и Словенечкиот стален театар од Трст, Словенија.

 

Она што импонира во ова издание на Стерииното позорје покрај разноликоста на начините на мислење е и големата актерска енергија од чии извори всушност се отворија сите аспекти на театарскиот каузалитет. Големата актерска посветеност ја заостри сликата на режисерската матрица, го актуелизира текстовиниот материјал и му додаде на театарскиот израз голем ангажман. Тука, низ дамарите на театарскиот имагинариум можевме да ја погледнеме темната страна на митот и сивата сенка на фолклорната агностика (Приспивна за Алексија Рајчиќ), можевме да се свртиме кон страдањата од Босанската војна (Зошто спиеш на подот), да ја разбудиме конекцијата на српската драмска класика со ововремснките трауми (Покојник, Госпоѓица), да се преиспитаме и во остриот сатиричен јазик на секогаш современиот Алексдандат Поповиќ (Ноќна фраерка), но и да ги проблематизираме цивилизациските болки кои произлегуваат од семејството и преку театарските ходници повторно се враќаат во толкувањето на човековите вредности (52 Херци, Деца, Yankee Rose), summa summarum, да ги опипаме цивилизациските апологии и противречности прекрстувајќи ги со нашите убедувања и прерасуди. Се чини затоа и слекторот Млаѓеновиќ оваа селекција ја конектира со човеноста, со хуманистичките конвулзии кои во третата деценија од дваесет и пвриот век се и тоа како на тест. Стерииното позорје во ова издание може да се пофали со цврсти режисерки концепти, со извонредна визуелизација на скоро сите театарски продукции, а секако и со надоаѓачката иновативност која со себе ја носат новите тетарски уметници, а која можеби со текот на времето ќе стане некој друг театарски светоглед.

Долгогодишната битка на театарскиот израз на оваа фестивалска сцена се чини дека ги одредија и наградите кои овојпат ги добија половина од претставите во компетиција, па така жирито во состав: Лилјана Пешикан Љуштановиќ, Иста Степанов, Јуре Новак, Владимир Венцел и Иван Меденица главната Стериина награда за претстава во целина му ја додели на претставата „Приспивна за Алексија Рајчиќ“, која се овенча и со уште четири Стериини награди: за текст на Ѓорѓе Косиќ, за актерско остварување на Вања Ејдус, за музика на Невена Глушица и за сценски говор на Лилјана Мркиќ Поповиќ. Интересно е тоа што шест Стериини награди понесе Словенечката претстава „52 Херци“ која беше најистражувачка и најрадикална во режиското видување и тоа: на Матија Рупел за актерско остварување, на Урша Видиц за сценографско решение, на Ивана Перцан Кодарин за млада актерка, награда од фондот „Дара Чалениќ“, Стериината награда „Дејан Пенчиќ Полјански“ на тркалезната маса, наградата на публиката, како и специјлната награда на жирито за кохерентност и целовитост на уметничко остварување. Но, најмногу награди, осум, на овогодинешното Стериино позорје понесе претставата „Yankee Rose”и тоа за: режија на Милош Лолиќ, за актерско остварување на Даница Максимовиќ, Марија Марковиќ Милоев за костимографија, Невена Глушица за музика, Лилјана Мркиќ Поповиќ за сценски говор, Стериината награда од фондот „Дара Чалениќ“ за млад актер на Лука Грбиќ, додека наградата за глумачка бравура која го носи името на големиот актер Зоран Радмиловиќ и припадна на Даница Максимовиќ, младиот актер Димитрија Цинцар Костиќ беше добитник на наградата за епизодна улога што ја доделува продуцентската куќа SCOMEDIASCO, награда која ја делеше со младата актерка Александра Плескоњиќ за улогата во претставата „Зошто спиеш на подот“, претстава која понесе уште две Стериини награди и тоа: Саша Крмпотиќ за актерско остварување, Амила Терзимехиќ за сценски движења и Кокан Младеновиќ, Мина Петриќ, Дарко Цвијетиќ, Дубравко Михановиќ и ансамблот на претставата за сценска адаптација.

Очигледно е дека инвовативните и истражувачки концепти ги собраа ловориките на овогодинешното издание на Стерииното позорје, но очигледно е и тоа дека постоењето и на двете визури во регионалниот театар предупредува дека реализмот е некаде во фундаментот на секое театарско движење. Кога сме веќе кај движењето и динамиката, мораме да нагласиме дека српската драматика ги има сите аспекти на толкување на нејзините поттексти, пораки и актелности. Овој фестивал остана верен на нејзиниот развој за што зборуваа и бројните придружни настани како што беа и промоциите на книги кои се случуваа во четири дела и каде што беа промовирани многу значајни театарски публикации, а од особено значење беше и конференцијата која беше посветена на српската драматургја, нејзиното поттикнување и сценско третирање.

Стерииното позорје и во ова издание покажа дека е еден од театарските гиганти не само во регионот на земјите кои останаа како независни по распадот на Југославија, туку и во Европски параметри говорејќи за значението на српскиот сценски јазик и за широката гласност на пораката што ја носи човечноста која навистина се бори со стрмогавењата и незивесностите за повторно да го достигне подемот и да го направи човекот ангажиран и посветен.

Сашо Огненовски

Слични статии