Ропството на секојдневието
— 3 мај, 2023(Кон претставата „Како паднало дрвото“ по текст на Катарина Морано во режија на Жига Дивјак и во продукција на Словенечкиот народен театар од Љубљана, Словенија. Главни улоги: Јанез Шкоф, Силва Чушин, Грегор Зорц, Маруша Маер, Тимон Штурбеј)
Пишувајќи за оваа претстава на Жига Дивјак имам потреба да го споменам Харолд Пинтер и неговата изјава дека: „претставите немаат никаква врска со личниот живот. Не според моето искуство. Во секој случај, драмата има врска не со вашата тема, туку со тоа како ја третирате. Драмата вклучува болка, загуба, жалење – за тоа е драмата!“
Интимните стории на Катарина Морано (како и во Талози) се интроспективно заробвуање на најцврстото јадро во светот – семејството. И во овој драмски текст се работи за семејство, за понирање во тектониката на дребните случувања, за опонирањето на релациите од кои не може да се избега, за една наметната деструкција од која се чини дека се нема спас. „Како паднало дрвото“ е реконструкција на внатрешна болка која и покрај тоа што секогаш мислиме дека ја носиме одвнатре, ние ја заловуваме од надвор и во споредбената борба се обидуваме да станеме поинакви и да негираме a priori, да се задушуваме во непотребните и бесмислените преорганизирања на семејните врски. Се чини дека, повторно исчекорувајќи од конвенционалноста (ако во театарот воопшто има конвенции), Жига Дивјак низ овој режисерски ракопис зборува за болното релативиризање на вредностите и за духовната беда чија вирусна интервенција е секогаш кратка, но остава големи последици. Човековата сензација е миговна и носи впечаток кој долго време не го напушта неговиот спиритуален живот. Така во „Како паднало дрвото“ ситната дисторзија предизвикува експлозија која ги отвора компримираните влијанија од надвор за кои во семејството нема место. Токму за тоа говори и Пинтер во сите свои драми разглобувајќи ја семејната мапа и растегнувајќи ја таа болка која се претвора во намислена деменција и која прави отуѓувањето да биде единствениот спиритуален лакмус на човекот. Жига Дивјак го остава текстовниот водопад да струи во една реалистична насока, додека сите други асоцијации во претставата се сосема далечни. Запловувањето во реката на недоразбирањето е многу тешко и секое напуштање на логиката создава дисторзија која гради кули од социјално заробеништво.
Актерската енергија е од голема важност и е една од круцијалните нејзини вредности затоа што аспектите и приказните на сите членови од семејството совршено се вклопуваат во тој асоцијативен простор кој подразбира гранки од дрво и семејни реквизити кои пак од друга страна се отелотворуваат во ударни музички инструменти. Таткото на Јанез Шкоф и мајката на Силва Чушин се почетната брачна синтагма која ја водат главната недоумица и која исто така се претвора во силна енергетска бура во актерската енергија на Тина Врбњак како најстарата ќерка Анита, Нина Иванишин, како средната ќерка Тамара и Маруша Маер како најмладата ќерка Лила. Целото тоа интерферирање го подигнува нивната актерска игра која е поттикната од ударните интрументи, тапаните врз кои ликовите ја истураат целата болка, немир и гнев. Тоа, се чини дека го формира и ритамот на целата претстава во којшто многу органично се вклучуваат и Урош Фурст како Боштјан, партнерот на Анита и Грегор Зорц како Матеј, партнерот на Тамара. Групниот звук на тапаните ја отвораат гамата на страдањето кое потекнува од никаде и завршува некаде во несфатената илузорност на бракот, на интимата, на припадноста. Овде се и уште два лика: Рок, пријателот на најмалата ќерка од детството кој прекрасно го одигрува Исток Драбик Југ и неговиот брат Јака со којшто започнува претставата и којшто метафорички се сраснува со дрвото, одлична актерска партија на младиот Тимон Штурбеј.
„Како паднало дрвото“ е наслов со интактна ремнисицентност и наведува на размислување за смислата на семејните релации. Затоа и го споменав Пинтер. Целата драматика на неговите пиеси согорува во реминисцентните бранови на ликовите кои се татковци, ќерки, синови, дедовци, мајки, љубовници. Во оваа претстава низ расфрланите столови, ударите врз тапаните и голите гранки од дрвото се протнува една животворност која е само гола желба за живот. Тој живот е удавен во лошо поставените вредности на кои Жига Дивјак укажува и во другите негови претстави.
Визуелниот аспект на оваа претстава има совршено сива глазура која се потенцира и со едноставната сценографија на Игор Васиљев, како и со темните бои на костимите на Тина Павловиќ. Актерите инпонираат и со совршено совладаната умешност на тапаните под водство на инструкторот Марјан Станиќ, а мрачната музичка лустрација е на Блаж Грацар.
Овде ќе споменеме и уште еден голем драмски автор кој се вика Том Стопард и кој во една прилика рекол: „Безнадежен сум во погледот внатре во себе обидувајќи се да видам како функционираат работите и зошто.“ И се чини дека е тоа точно. Она што е во нас функционира низ калливите бранови на безнадежноста, а надворешните влијанија се најважниот двигател кој исто така започнал од некаква внатрешна одлука или идеја. „Како паднало дрвото“ знаат сите, но не се осудуваат од тоа да направат поголема драма од онаа што тлее во нив, во таткото, мајката, ќерките и нивните мажи. Одлуката што понатаму, кога свеста ја има многу малку е тајновита и далечна.
Фотографии на Петер Ухан
Рецензија на Сашо Огненовски