Култура

Целодневен џез хепенинг на 30 април во паркот „Ибни Пајко“

На 30 април, со почеток од 13 часот, во паркот “Ибни Пајко” ќе се одржи седмото издание на големиот целодневен џез хепенинг под наслов Today It’s All About Jazz, организиран од страна на Здружението за џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје.

Здружението на џез музичари, ЗЏМ Скопје, по 7ми пат го организира централниот настан кој го одбележува Меѓународниот ден на џезот во земјава, за што има и официјална потврда и благодарница од самиот Херби Хенког.  Изминативе 6 години, на сцената на Фестивалот Today It’s All About Jazz настапија огромен број на имиња, некои од нив мега-популарни, а некои пак тука ги направија првите чекори во џез музиката.  На долгата листа се вбројуваат In Between, Bopheads, Летечки Пекинезери, Sethstat, Fierce, Гоце Ствековски Септет, Imaginary Folklore, Тони Китановски Трио, Џоле Грујовски Квартет, Kabadayas, Оливер Јосифовски Трио, Џезна, Михаил Јосифов Квинтет, ЗЏМ Биг Бенд Оркестар, Parussion group,Џијан Емин, Арбен Џафери, Апнеа, Дина Јашари, Pangea: Free The World, Bramha Amity, Гордан Спасовски Трио, Иван Иванов Трио, Џон Илија Апелгрен, SS Project, Offground Ensemble, Агни Авшар, Јордан Костов, Сашо Поповски, Филип Динев.  Сите овие учесници помогнаа во славењето на Меѓународниот ден на џезот, славејќи ги “придобивките на џез музиката како образовна алатка и сила која води кон мир, единство, дијалог и непречена соработка меѓу луѓето.”

Меѓународниот ден на џезот е меѓународен ден прогласен во 2011 година  од страна на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации со цел „да се истакне џезот и неговата дипломатска улога да ги обединува луѓето во сите краишта на светот“.  Овој ден се слави секоја година на 30 април, а идејата за негово одбележување потекнува од џез-пијанистот и амбасадор на добра волја на УНЕСКО, Херби Хенкок. Со Денот на џезот претседаваат Хенкок и генералниот директор на УНЕСКО. Прославата е забележана во календарите и на УНЕСКО, и на Обединетите нации.

“Институтот за џез Херби Хенкок” (поранешен “Институт за џез Телониус Монк”), американска невладина организација со која исто така претседава Хенкок, е водечки организациски партнер за Денот на џезот. Институтот ги координира активностите во земјите-членки на УНЕСКО, како и дел од прославите кои се случуваат глобално.


На целодневен хепенинг ќе настапат следните музички имиња:

Џез за деца и млади
Квартет Акварела
Никола Бочваров Квартет
Филип Динев Трио – Филиp Динев/Тилман Обербек/Јан Цајмец
ЗЏМ Биг Бенд – Преект Запа
Јуре Пукл Орган трио – Јуре Пукл/Марко Чрнчец/Крис Смит
Адедџи “Јорува Одисеја”

Денот на џезот го започнуваме со програма за најмладите.  Со почеток од 13 часот, ќе се одржи креативна џез работилница за деца од 4 до 11 години која ќе ја води пијанистот и композитор, Гордан Спасовски.

Децата – учесници ќе се запознаат со основите на џезот, со музичките инструменти (ритам секција: пијано, бас, тапани, гитара, солистички инструменти), но и ќе бидат дел од процесот на создавање џез музичка композиција која на крајот ќе биде изведена пред публика.

По џез работилницата следува настап на младински џез состав во кој членуваат Петар Марков  – Маруш (гитара), Давид Ѓоргиев (тапани) и Симеон Будро (бас).

Триото настанува во Хамбург, и претставува еден од најавтентичните и најактивните музички џез состави во регионот. Елементи од џез, балканска и класична музика се интегрален дел од композиторскиот печат на Динев. Концертот е навестување на новиот албум на триото, со наслов „Romann“, и второ интернационално авторско издание на Динев, снимено во Хамбург.

Квартетот „Акварела“ е група која од неодамна работи во Скопје. Составена е од Јани Костурски – вокал, Павел Ренџов – тапани, и парот добро познати музичари на македонската сцена: Ѓоко Грујовски – гитара и Маја Капсарова- бас. Името кое го носи овој проект (океанско-сина боја) е тесно поврзан со стилот кој оваа група го негува, а тоа е бразилски џез и боса нова.

На хепенингот ќе настапи и Никола Бочваров квартет. Покрај Бочваров кој е лидер на бендот, го сочинуваат Стефан Алексовски на клавијатури, Иван Петровски на гитара и Александар Ванчовски на тапани. Бочваров е дипломиран контрабасист при Факултетот за музичка уметност во Скопје , оддел за популарни жанрови, додека џез едукација има стекнато на Franz Schubert Konservatorium во Виена. Големото искуство и обемната работа во изминатите дваесетина години го направија еден од најбараните и најмаркантни басисти кај нас.

Новиот албум на Бочваров „Гласна тишина“ е едно од поголемите негови уметнички достигнувања. Тој претставува најдобар опис за неговата креативност, стручност, компетентност и сведоштво за неговото долгогодишно искуство.

Освен домашни џез-имиња, на манифестацијата ќе настапат и гости. Меѓу нив се Јуре Пукл Орган трио заедно со Марко Чрнчец и Крис Смит. Јуре Пукл е словенечки џез-музичар (тенор и сопран саксофон, бас кларинет, композиција) кој свири модерен џез.
Марко Чрнчец е еден од најпознатите современи музичари и најреномираните словенечки музичари, со седиште во Њујорк. На меѓународната сцена, тој е познат како мултиинструменталист, композитор, аранжер и продуцент кој лесно се движи низ жанрови, особено низ џез, класична и популарна музика.
Крис Смит е професор на Универзитет за музика и изведувачки уметности Грац, Австрија. Во Њујорк редовно настапува со Биг Бендот Birdland.

Ќе гостува и нигерискиот пејач Адедеџи, гитарист, композитор, аранжер и мултиинструменталист. Неговиот бенд составен од девет луѓе вклучува некои од најдобрите студиски музичари од Нигерија, најгруви ритам-секција, прекрасни машки и женски придружни вокали и неверојатна дувачка секција кои го надополнуваат афро-бит звукот.
Музиката на Адедеџи се движи во рамките од соул до џез, до блуз, до фанк, до традиционална јорупска музика. Текстот на неговите песни е на јорупски, англиски и Пиџин англиски. Во текстовите, Адедеџи го разгорува традиционалниот идентитет на јорупската култура користејќи гатанки и поговорки и зборувајќи за општеството.

За оваа прилика биг бендот ќе го изведе проектот Запа – неповторливиот Френк Запа, во изведба на ЗЏМ Биг Бендот. Ќе ги чуете композициите на еден од најиновативните и стилски најразновидните музичари на 20 век во Биг Бенд изведба.

Автор: