Култура

НAТАЛОЖЕНОТО МИНАТО

(Кон претставата „Талози“ по текст на Катарина Морано во режија на Жига Дивјак во продукција на Градскиот театар од Љубљана, Словенија. Главни улоги: Маја Зупанчич, Исток Драбик Југ, Матеј Пуц, Мојца Функл, Мирјам Корбар)

Секоједневието својот заеднички именител го има во нашето интимно искуство. Она што го носиме со себеси како интелектуален и емотивен багаж се залепува за незабележливата географија на домот, во дијалозите што ни го исполнуваат времето и не прават здодевни, напнати, разочарани, среќни, но не и мудри. Зошто не и мудри? Претставата „Талози“ по текст на Катарина Морано не вовлекува во тоа раздробување на предметите инсталирани во нашата интима кои ги пренесуваме од еден простор во друг, можеби ги исфрлуваме од истиот тој простор, некако метафорично го прегрнуваме и го оставаме зад нас, а минатото го оставаме да тлее во некои чудни и неочекувани интерпретации типични и атипични за семејството од кое излегуваме и дефинитивно правиме ирационални потези.

Не можеме да бидеме мудри затоа што не влијаеме на она што протекува како време низ нас и затоа што согледбите на сите настани и нивната релокација во нашите умови е дијахронична, а нашата страственост прави жртви заради кои се каеме. Каењето не оди заедно со мурдоста и „Талози“ многу минуциозно зборува за смислата на животот кој воглавно се движи по шините на секојдневните рутини повремено изместени со фатални и трауматски настани.

Драмскиот текст на Катарина Морано започнува од еден заумен почеток кој значи евоцирање на спомени од страна на болната мајка и баба која посегнува по нив во куќата која во сите соби и во сите нешта во неа има некаква историја. Историја која во монологот на мајката е лежерно потсетување на време кое исчезнало и со тоа исчезнување оставило болна трага. Куќата има свои спомени, а во драмскиот текст на Катарина Морано таа меморабилија се вгнездува и во животите на Мила, Блаж и Јања кои со своите партнери се обидуваат да демистифицираат едно одамна компримирано секојдневие низ дијалози кои наликуваат на перпетуиран Јуџин О’Нил. Жига Дивјак, во својот режисерски концепт ја превртува таа насетена конвенционалност во драматургијата на Катарина Морано и се концентрира на систематското празнење на куќата која во своите дамари го сочувала целото семејство. Пренесувајќи ги нештата кои го обележуваат тоа наталожени минато, актерите ги премеруваат своите сеќавања оставајќи им ја само онаа, денунцијантна вредност, т.е. нивната интерпретативна позиционираност. Во овој негов аспект исповедничкиот агол на дијалозите е она што многу сигурно го води испразнувањето на куќата. Преселувањето и напуштањето на домот се болни сами по себе. Секое напуштање на животниот простор значи горчливо конзервирање на минатото, една заумна епистоларност на животот кој поминал и за чија вредност и смисла трагаме некаде на друго место. Во оваа претстава животот овде, меѓу ситниците и мебелот се конфорнтира, или можеби се компарира со животот таму, назад, во едно детство, во една младост, во некои лошо донесени одлуки и и покрај тоа што актерите историите на своите ликови ги интерпретираат на микрофони напред, на просцениумот, тие делуваат крајно трауматски. Жига Дивјак континуирано го руши четвртиот ѕид без остаток, покажувајќи дека него го има, но некаде во некое театарско минато кое сепак ќе се врати. Неговите режии секогаш се во дослух со едно одминато, сценски одживеано време од чии трошки и врз горливи теми од нашата цивилизација тој гради некој друг живот, донесен од преџвакувањето на минатото.

Тоа интелектуално преџвакување во неговите претстави е пружање рака кон болестите на ова време, неблагодарно и грешно и кон лошо одиграната улога на човекот во човештвото. Токму на просцениумот, пред своите микрофони актерите го следат течението на ликовите чии „талози“ се напластуваат со секое ново преместување на книгите, цвеќињата, масичките, фотелјите, каучот, фрижидерот, телевизорот, старите албуми, вазничките, дреболиите кои раскажуваат многу приказни и многу разделби и страдања. Микро страдањата на двете ќерки и братот, нивните монолози кои публиката ги проголтува и покрај тоа што не се случуваат во некое конвенционално опкружување се сето она што се таложи како минат живот, како одживеаното врз кое е доцна да се интервенира затоа што се распрснало низ сеќавањата и предизвикувало турбуленции во самото семејство. Мирјам Корбар во својот прекрасен монолог на мајката ја иницира таа скриена тектоника на животните процеси од чии подземни води се раѓа таа безмилосна временска трага. Овде се наметнуваат и другите монолози на двете ќерки кои многу инспиративно ги толкуваат Маја Зупанчич и Мојца Функл, но еден од напотресните монолози е оној на по малку френетичниот брат Блаж во прекрасната интерпретација на  Исток Драбик Југ. Матеј Пуц младиот Грега, партнерот на Мила го одигрува со силна енергичност и тензичност, а со својата робустност и динамичност се надоврзува и Лотос Винценц Шпаровец во ликот на Томаж, сопругот на Јања. И, една од најубавите интерпретативни партии, ликот на младата, ќерката на Јања и Томаж која особено со својот емотивен монолог не потсетува на тоа дека наивноста и девственоста можат да го спасат и семејството и човекот ако само семејството го дозволи тоа.   Различните карактери во семејството говорат за една микро историја која го обележува тој изминат живот разлеан низ дреболиите и реквизитите од станот и премачкан со спомените интерпретирани на различни начини. Скоро натуралистичкото сценографско решение на Игор Васиљев е од огромно значење со оглед на озвонредната функционалност за време на целата претстава. Неговата куќа со филмска функционалност се распаѓа до соголување на самата сцена и тоа претставува една луцидна Пиранделовска цитатност и интертекстуалност кога станува збор за синтезата со текстот на Катарина Морано. Во тие канони се движат и костимите на Тина Павловиќ кои исто така не зачекоруваат подалеку од реалистичната интерпретација, но се нераскинлив дел од еден живот кој згаснува со секој реквизит. Животните пресвртници наталожуваат и сеќавања, но и заумности. Во една мрачна заумност се вгнездува музиката на Блаж Грацар која ја има во мала количина, но е сосема доволна за да го потцрта тој темен облак над заборавеноста и несреќната меморабилија.

„Талози“ на Жига Дивјак и Катарина Морано говори за заугбувањето на животот некаде попатно, за несреќните интерпретации на семејните врски, за една апсурдистичка интерпретација на Бергмановата аналитика, за трагањето по смислата на животот кое на многу наврати наликува на Танталова мака или можеби на Сизифовиот камен кој секогаш ни се враќа надолу, а ние немаме веќе сила да го искачуваме.

Фотографии на Петер Џордани

Рецензија на Сашо Огненовски