Култура

ИСТОШТЕНОСТА НА ДУХОТ

(Кон претставата „Соблазна во долината Шентфлоријанска“ од Иван Цанкар во продукција на Словенскиот младински театар од Љубљана. Режија: Вито Тауфер. Главни улоги: Блаж Шеф, Урош Каурин, Дарио Варга, Иван Годнич, Јања Мајзељ)

„Соблазна во долината Шентфлоријанска“ е најзагадочната пиеса на Иван Цанкар чиј реализам и онака е на работ на маѓискиот третман. Во оваа во тоа време модернистичка пиеса злото е питко и многу лесно сварливо за општеството чија дигестија е погубна и антихуманистичка. Нејзиниот базичен кастинг го перцепираме како во огледало со оној на „Ревизор“ на Гогољ иако темата на таа пиеса е дијаметрално различна. Она што значи социјален и општествен „мир“ и „рамнотежа“ во еден момент го „динамизира“ некаков дојденец чија функција е да се преврти ракавицата на општествениот строеж. Она што никогаш не е Хлестаков, во оваа комплексно слоевита пиеса на Цанкар е Крижтоф Кобар, т.н. Петар чија измамност е поголема од онаа на владејачкото „семејство“ со небулоза многу сфатлива и од денешен агол на гледање. Во оваа пиеса на Цанкар, покрај Петар, има уште еден неканет гостин, а тоа е ѓаволот лично. Целата гротескност на пиесата на Цанкар има еден Булгаков шмек и сето тоа помешано со Гогољевата горчина оддава впечаток дека „соблазната“ е всушност артизмот во време кога неговата несфатеност излачува отпадници, а општествената реалност одигрувајќи си ја улогата останува како социјалн „канцер“ чии метастази досегнуваат до денешни денови.

Се чини дека овде е линијата од каде што тргнува режисерското видување на Вито Тауфер на оваа по малку симболистичка пиеса на Цанкар. Во својата поделба Тауфер се одлучува за еден типично Шекспировски потег. Имено, женските улоги ги играат машки актери, додека единствената актерка (Јана Мајзељ) го игра ѓаволот. Травестијата во овој концепт е повеќе од добредојдена најмногу заради гротескниот манир чија продуктивност е повеќезначна и исклучително актуелна. Тауфер продира во општествената редундантност со потенцирање на неговата изместеност и на личен и на професионален план. Социјалната дисторзија која е вкоренета во целото опкружување во ова негово видување има лакмус на декаденција, која пак, од друга страна е најголемото оружје на ѓаволот да ги доуништи и онака девастираните функцинери. Претставата како и текстот на Цанкар се слика на распадот кој не познава временска димензија. Тука и Цанкар и Тауфер не го препознаваат онтолошкиот карактер на преоблемот туку навлегуваат во неговата феноменологија откривајќи ги корените на дивоста и нецивилизираноста преку преоблекување на човекот во самиот себеси. Таа духовна травестија е координатата низ која се пресметуваат сите влијанија и наклоности. Друштвото функционери и нивните сопруги е слика која не се излитува, па така режисерот од неа направил сепија на графика со која започнува и завршува претставата, додека ѓаволот во себе ја има целата своја раскалашеност од чиј пак ригидитет потајно се плашат и „веруваат“ дека се претпазливи. Петар, чија лирика Тауфер ја сместил во темната соба на несфатеноста е една многу луцидна, искривена слика на артист без општествена одговорност каква што ја нуди Цанкар. Поетичноста и во пиесата, но и во претставата има мирис на стара англиска запуштеност па така во дувлото на Џек Трбосек се раѓа поет-измамник од чија гнилост учи и самиот ѓавол.

Она што најмногу импонира во претставата е сјајната актерска енергија и извонредната типизираност на ликовите. Тука би го споменал Началникот на Дарио Варга, под чие покровителство се крие зајачка плашливост, а и неговата жена, Началничката, која во интерпретација на Иван Годнич е доминантна дама полна со страст и неверство. Кон овој гротескен пар се приклучуваат и Даночникот на Иван Петернељ кој својата „искреност“ и егазктност не може да ја сокрие од својата нескротлива дама, Даночничката во интерпретација на Матеј Рецер. И Рецер и Годнич градат ликови на жени со огромна наметливост и порочност, одлични карактери кои за нијанса се разликуваат еден од друг и кои овие исклучително талентирани актери ги вајаат со голема прецизност. Дарио Варга и Иван Петернељ создаваат Гогољеви ликови со голема сочност и би рекле дека овие актери имаат огромна умешност да ги истакнат и најситните деталји на ликовите. Она што е најинтересно во целото ова милје е прекрасниот лик на Учителот Швилигој, тивок, кревок и мудар, лик на испосник кој фантастично го одигрува Матија Вастл, еден совршен антипод на се она што значи чудовишно братство на функционери. Матија Вастл во кревките движења на овој лик го наоѓа неговото јадро и креира човечко суштество во каква кожа досега не сме го виделе што говори за раскошноста на талентот на овој актер. Секако, овде ќе се осврнеме и на младиот Петар кој го толкува Блаж Шеф, лик чија бунтовност е многу симплифицирана, но е исклучитело конкретна и импактна. Блаж Шеф е елегантен и ноншалантен, но е на некој начин и опасен иако Цанкар истурил доста лирика во неговите реплики. Тука, како совршена вамп дама е неговата Јацинта, која ја толкува извонредниот малд актер Урош Каурин. Младата Јацинта во негова интерпретација е вистинска соблазна, дама која е стасита и прилично над својот Петар, но и дама која не кореспондира со таинственост, туку со широка презентираност на своите надворешни квалитети. Одличен женски лик, сосема различен од робустните дами во години кај друштвото функционери.

Едноставната сцнографија на Виктор Берник, составена од излитен мебел и светлосни сенки е ненамтеливото темно опкружување кое импонира и заедно со исто така загасената во бои костимографија на Брабара Ступица совршено доловува една недојдија која и во имагинативниот простор на Цанкар и во оној на Тауфер е дел од дистописката иднина на човекот. Тука се наметнува и музичката илустрација на Андреј Горичар чија мрачност потсетува на музичките делници на големиот композитор Војчех Килар и чиј говор е со голем артизам, како и кореографијата на Грегор Луштек и Росана Хрибар чија изместена етикеција потсетува на излитените танци на Полански во неговиот Бал на вампирите.

„Соблазна во долината Шентфлоријанска“ е пиеса која воодушевува со својата загадочност и енигматичност. Густа со дејствија и со сочни карактери оваа пиеса е секогаш привлечна за режисерите што се занимаваат со рак раните на транзитивните општества, а социјалниот немир кој е многу присутен во нејзините сцени е јадрото на секое истражување во таа насока. Лутата гротеска на Вито Тауфер е уште едно иновативно истражување во нејзината инсценација.

Фотографии на Зига Коритник

Рецензија на Сашо Огненовски

Слични статии