Култура

ГЛАСНОТО ЕХО НА ВОЈНАТА

(Кон претставата „Таа ноќ ја видов“, по романот на Драго Јанчар, во драматизација и режија на Јанез Пипан, продукција на Словенскиот Народен театар од Марибор, Словенија, Југословенскиот драмски театар од Белград, Србија и Бургтеатарот од Биена, Австрија. Гл. улоги: Наташа Матјашец Рошкер, Блаж Доленц, Милан Мариќ, Владимир Влашкалиќ, Милена Зупанчич)

Романот „Таа ноќ ја видов“ на Драго Јанчар, еден од најголемите Словенечки и воопшто европски писатели и драматичари говори за губењето на илузиите во виорите на двете војни кои во кратко време го опустошија дваесеттиот век. Исчезнувањето на младата буржујка Вероника Зарник е само иницијална искра за отворањето на судбините на семејствата во војните каде во името на идеологиите што доаѓаат и си заминуваат човекот се изобличува и деперсонализира. Јанез Пипан креирал драматизација која се сконцентрирала на судбините на главните ликови, но и на нивната цивилизациска поврзаност. Велам цивилизациска затоа што во претставата се говори на три јазици: српски, словенечки и германски, а тоа индицира на една добро артикулирана документарност завиткана во интерпретативна коинциденција која одлично се вклопува во актерските партии. Конечно, тоа е и најубавата одлика на оваа претстава што останува во рамките на епиката долга цели пет часа. Имено, Пипан се потпрел на волшепствата на едноставноста и претставата ја врамил во широката ГЛАСНОТО ЕХО НА ВОЈНАТАт на сцената каде што сценографската назнака станува простор за завидна актерска умешност. Во оваа претстава реализмот е главниот олтар каде што се движат и приказната и нејзиното значење, што би се рекло дека Пипан не посегнал по никакво поместување ниту во формална, ниту во суштинска смисла. Во таа насока драматизацијата е кристално јасна и индикативна, а актерскиот сегмент многу точен и вдахновен. Пипан не се сопнува на недоречености, тој и како драматизатор и како режисер се искажува до крај за сметка на ракописот кому не му недостасува специфика најмногу заради посветеноста на органиката на самата претстава. Тука би се запрашале дали е неопходна таква епска раширеност и која е лингвалната консеквентност? Јанез Пипан го допира вниманието на гледачот многу суптилно сакајќи да ја детронизира нејаснотијата и недореченоста со длабоко фундираното истрајување на сцените каде што ликовите го живеат својот континуум заедно со нивните наследници. Тој минатото, сегашноста и иднината ги преформулира токму низ лингвалната разноликост која не попречува најмногу заради сјајно одиграните поттексти и одлично контекстуализираните сцени и тоа е еден легитимитет што е нескршлив, добро аргументиран и силно впечатлив.

Бележејќи ги актерските партии како најимпресивни, мораме да споменеме дека актерскиот сензибилитет во претставата ја реконтекстуализира и самата временска рамка која зафаќа две војни и период на реконвалесценсцентност. Во големиот актерски кастинг се издвојуваат неколку доминантни актерски фигури: Милан Мариќ, кој го игра младиот српски офицер Стеван Радовановиќ чија прекоманда во Словенија го превртува целиот негов емотивен живот и со својата импресивност и еротизам успева да ја заведе малдата буржујка Вероника Зарник и да ја поведе со себе во традиционалистичката Србија отворајќи една неизвесност и во нејзиниот и во неговиот живот. Мариќ во оваа улога одлично одигрува млад и благонаклон офицер, наивен младич кој многу брзо паѓа под налетот на неизвесноста и предизвиците на судбината. Неговите актерски изрази се секогаш комплексни, па и во оваа улога овој сјаен актер сосема егзактно го оцртува тој млад офицер чија вљубеност станува фатална грешка која не може да ја исправи. Емотивната гама на неговата улога е одлично дозирана и прекрасно контекстуализирана во сите сцени, тој е храбар, но полн со љубов, остар, но кравок во моментите кога не знае како да делува. Неговата до последната буква точна актерска реторика и емоција ја придружува и извонредната актерска креација на Наташа Матјашец Рошкер која сложениот лик на Вероника Зарник го одигрува многу вдахновено и со полни гради. Тоа значи дека младата и храбра Вероника во нејзиниот лик се спротивставува на сите предизвици и од сите ужасни ситуации излегува посилна. Рошкер доловува лик на дама која се спротивставува и на декаденцијата, но и на политиката, таа одлично ја одигрува жената која одбива да стане жртва на сопствената женственост и стаменоста на нејзиниот актерски израз е она најубавото во оваа улога. Таа повторно се враќа на мажот што го напуштила, но наоѓа големо оправдување во тоа длабоко осознавајќи ја својата личност и сето тоа во одличната актерска енергија на оваа прекрасна актерка е транспарентно и сигнификантно. Кога сме веќе кај сигнификантноста тука ќе ја споменеме и големата дама на Словенечкото глумиште Милена Зупанчич која играјќи ја Госпоѓата Јосипина и влегува во кожата на угледната буржујка, мајката на Вероника која не се предава и во најлошите моменти што ги донесува војната. Цврстиот актерски израз на оваа грандиозна актерка донесува лик чија стаменост фасцинира, а храброста во нејзините реплики се преведува како лик од делата на Томас Ман. Германски егзактна, Јосипина не се откажува од својот легитимитет и тоа оваа извонредна актерка го преточува во прекрасна актерска креација достојна за секоја почит. Овде би требало да се истакне и одличната улога на Лео Зарник на Блаж Доленц, актер кој совршено го одигрува буржујот кој не потклекнува на сите понижувања од страна на својата сопруга која ја прифаќа по враќањето од Србија, ниту пак од комунистичката наезда чија погубност ја гледа многу порано отколку што ја гледаат нејзините протежеа. Доленц е актер со висока естетика и токму овој лик го одигрува со голема точност во емотивниот и говорниот израз. Брилјантно совладаната етикеција и цврстина се две компоненти кои прават овој лик да остане запаметен. Но, запаметен ќе остане и ликот на Хорст Хубмаер, припадникот на Вермахтот, нацистичкиот офицер, лик кој фантастично го одигрува Даниел Жеш, актер од Бургтеатарот од Виена кој целата своја ролја ја одигрува на германски јазик, актерски сензибилитет што е дијаметралн различен од сите други, актер кој своето страдање и вљубеност како да го вткајува во суровоста на својата милитантност. Овој лик станува жртва на сопственото лудило, неговите монолози се исклучително вепчатливи, а неговата актерска енергија е бесценета. Јанез Пипан со овој лик ја отвора спротивната страна на херозимот, ја превртува ракавицата на идеологијата која секогаш делува од позиција на заслепеност. Таков е и овој нацистички офицер кој ја губи битката со своите емоции, а Данел Жеш тој дуализам во ликот го одигрува многу содржајно и импресивно. Владимир Влашкалиќ во третиот дел од претставата ја одигрува целата депресивност на стариот партизан Јеранек кој од болничката соба се обидува да не се скрши од сознанијата за лошите консеквенци од револуцијата која ја уништила неговата храброст и пожртвуваност. Ова е уште една одлично одиграна актерска партија на Влашкалиќ кој овој лик го игра со една суптилност и тензичност како пан дан на целата друга актерска енергија во претставата.

Музичката подлога на Мирко Лазар делува како интонативна рамка на целата претстава: сигнификантна, но ненаметлива тоа е музичка илустрација која делува како да е уште еден актер во претставата. Костимите на Лео Кулаш и сценографијата на Марко Јапељ не се одвојуваат од историските назнаки, но длабоко импонираат со својата едноставност и колоритност. Визуелниот аспект на оваа претстава е една од нејзините најголеми доблести. Тие се круна на актерската и режисерката изразна моќ.

„Таа ноќ ја видов“ е еден онтолшки приказ на време кое во неколку децении од дваесеттиот век се повторило на многу непотребен и исклучително суров начин. Изгубеноста на љубовта и неостварливоста на идеологијата се проблеми со кои човекиот род не се справил ни во овој, грешен дваесет и први век, но некаде во гласното ехо на војната која и ден денес се уште трае некаде далеку од нас стои предупредувањето дека идеологијата е најголемото и најболното заточеништво на хуманизмот.

Рецензија на Сашо Огненовски

Слични статии