Култура

Обезличувањето на државата

(Кон претставата „Антигона“, по текст на Жан Ануј по слободна драматуршка интерпретација и во режија на Александар Морфов, во продукција на Драмско-куклениот театар „Иван Радоев“ од Плевен, Бугарија. Главни улоги: Милена Ерменкова, Дејан Донков, Ованес Торосјан, Надја Керанова, Александар Канев)

Гледајќи ја многузначната и комплексна постановка на Александар Морфов полна со артистично перпетуирани факти, со хумор кој плени и загорчува, со брилјантна режисерска органика и со силна и цврста порака постојано ми поминуваше низ главата една сентенца на големиот француски драмaтичар Жан Ануј која вели: „ Господ е на сечија страна… а во последната анализа е на страната со многу пари и големи војски.“ И таа погубна констатација е проклето точна, како што и била точна со векови наназад. „Антигона“ на Морфов е многу лабаво врзана за драмската прелошка на Ануј, но е многу цврсто залепена за менталитетот на транзицијата која е се уште незавршена, дури ни при самото влегување во Европските начини на промислување на општеството. Имено, Антигона на Ануј како и онаа на Софокле говори за нишките на семејството кои се јадрото на општеството, без обѕир на политичките превирања, но во оваа претстава од еден друг агол на гледање, а тоа е: интимното предавство. Кога ќе ја обезличиме својата припадност, ние полека, но сигурно ја обезличуваме својата држава, исто онака како кога ќе ја напуштиме истата сакајќи да ја понесеме со себе онаму каде што сме заминале. Овие круцијални и универзални недоразбирања во ликот на ововременскиот Креонт се дел од политичката „практика“ и се крајно редундантни иако Софокле сето тоа го објаснува во каноните на тогашната древна Елада со голема доза на митолошка оправданост. Ануј зборува за пропаста на државата во многу остри и еклатантни реплики алудирајќи на тоа дека обезличувањето на државата значи нејзино исчезнување. Морфов се чини дека ги спротивставува токму тие две струења од кои се раѓа таа, би рекол, цинична драмска конвергенција која започнува од гротескното прераскажување на митот за Едип па се до ововременските апсурдистички превртувања на овој мит. Газејќи врз „месото“ на митот, тој ја исфрла лошата крв од релациите меѓу Антогона, Исмена и Креонт и создава една Јонесковска ситуација која по малку наликува на неговата пиеса „Кралот умира“, една синтеза на подземните политички струења и разнишани интимни односи, крв која ја прелева целата сцена и ја открива голотијата на расипаното ткиво на авторитаризамот кој за жал, се чини дека е во експанзија и во овој дваесет и први век.

Во сјајната актерска екипа се издвојува маестралната улога на Дејан Донков, доајен на Бугарскиот театар кој одигрува еден сосема поинаков Креонт од оној што го препознаваме во драматургијата и на Софокле, а и на сите други интерпретатори на неговата драматика. Креонт на Донков е владетел кому фотелјата му е многу поголема и овој брилјантен актер совршено добро го одигрува епохалното неснаоѓање на политички поставените актанти на времето кое ќе ја изгуби својата виталност токму заради нивната беневолентност. Тој во круцијалната сцена со Антигона говори за својата инстинктивност на која мора да се потпре притоа признавајќи дека обезличувањето на државата започнува од самиот владетел и дека е тоа фатално за неа, но не знае како поинаку. Во оваа сцена Донков говори со јазикот на денешните „авторитети“ кои изникнуваат од никаде, а таму и ја водат државата за време на нивното владеење. Донков градејќи го овој горотескен лик со извонредните досетки во првиот дел од претставата во вториот дел го прекршува во резигниран човек кој некаде далеку зад себе ја заборавил својата хуманост не потсетувајќи се како изгледала таа. Антологиски лик на актер кој веднаш бо го нарекол актерска студија со многу валери и значења. Антигона на Милена Ерменкова се бори со својата емотивност обидувајќи се да биде рационална. Оваа Антигона не ја носи со себе трагиката на Софоклеовата, таа е директно опседната од својата љубов и едноставно не може да го сфати она што го прави Креонт, а тоа во дјалогот со него и го објаснува, сепак сфаќајќи дека таа зборува со сосема поинаков јазик од него. Ерменкова го гради ликот со напливи на емотивност, но и со една тивка драматска подлога која од неа прави обична девојка чиј свет одеднаш се руши заради некаква политичка хајка. За нијанса покомформистички звучи нејзината сестра Исмена во интерпретација на Надја Керанова,  која се чини дека има интенција да го собере она што останало од семејството по секоја цена не обранувајќи внимание на политичката констелација на настаните. Таа не си го поставува круцијалното прашање за местото на човекот во општетсвото, но само се занимава со она што значи семејна припадност. Керанова својата Исмена ја создава само од чувства, со блага резигнација и очај во своите говорни дејствија, но сепак и тоа е Исмена каква не сме виделе досега. Тука не можеме, а да не го споменем прекрасниот лик на Хороводецот на Ованес Торосјан кој на некој начин е и церемонијал мајстор на целата претстава која во својата музичка глазура има и извесно ехо на кабаре. Торосијан ја води целата сторија за несреќната судбина на Антигона низ фарсичните пасажи формирајќи низ своите коментари една дистанца која е типична за концептите на Морфов, а која, од друга страна ја провлекува онаа нишка на иронија, слој на претставата што од друга страна го отвора полето на креативност на овој исклучително талентиран актер чија пластика и вокална моќ воодушевуваат. Хемон на Александар Канев е епизода која на свој начин ја потенцира токму семејната редунданца од чија токсичност се раѓа општествената дисфункционалност. И оваа верзија на Хемон ни открива дека во ововременските раскрешни конвенции семејните релации и интимните потреби се на ниво на промискуитет, дека сите врски во општествениот реалитет се испрекинати. Неговит Хемон е младич кој не може да ја сфати алогичноста на постапките на својот татко, а овој сјаен актер тоа совршено добро го доловува.

„Антигона“, како и сите други претстави на Александар Морфов имаат богата визуелизација, за која овде е заслужен сценографот Семјон Пастух  кој креирал совршено функционална сценографија што потсетува на древна библиотека, а од чија длабочина се наддаваат токму античките елементи на митот за Едип и Антигона. Оваа сценографија е извонредно смислено гнездо на владетел чија игнорантност е антагонистичка со целото опкружување, потенцирајќи го од друга страна и многу присутниот популизам во денешните политички строежи. Во оваа претстава учествува скоро целиот ансамбл на театарот, а се појавуваат и ликовите на Едип, Етеокло, Полинејк, па дури се појавува и смртта како лик. Костимографијата на Тита Димова Вандек се движи од фарсичните реплики на античките костими, па се до ововременските назнаки за сите карактери на драмата опфаќајќи раскошен колорит кој навистина пленува и одлично се надополнува со сценографското решение. Музиката во оваа претстава ја има многу обилно и тоа во живо, во интерпретација на мадите гитаристи Александар Колев и Борислав Ковачев, а ја има и во избор на класични и  современи композитори.

„Антигона “ на Александар Морфов повремено влегува и во текстот на самиот Софокле, но она што е најважно, оваа Антигона е еден вид на погребување на хероите. Архетипот Антигона во проникливиот концепт на Морфов е една бледа верзија во која немоќните вледетели останале само на играње на својата улога без големо влијание, а таа, како и секој губитник на земјината топка се обидува да најде одговор на единственото прашање: кому припаѓа? Нејзиниот бунт звучи како одамна испеана песна, а нејзината среќа е исто така одамна згасната: „Плукам по твојата среќа! Плукам на твојата идеја за живот – тој живот што мора да продолжи, што и да е. Сите сте како кучиња кои лижат се што мирисаат. Вие со вашето ветување за голема среќа – под услов човек да не бара многу од животот. Сакам сè од животот, сакам; и јас го сакам сега! Сакам целосно, комплетно: инаку го отфрлам! Нема да бидам умерена. Нема да бидам задоволна со малку торта што ми ја нудиш ако ветам дека ќе бидам добро девојче. Сакам да бидам сигурна во сè овој ден; сигурна дека се ќе биде убаво како кога бев мало девојче. Ако не, сакам да умрам!“

„Антигона“ на Александар Морфов и на брилјантните актери и актерки чија енергија е импозантна е уште еден доказ дека единствената болест од која страда оваа цивилизација е обезличувањето и несуштественоста. И тоа е канцер кој своите метастази ги испуштил многу длабоко.

Рецензија на Сашо Огненовски

Слични статии