Изложбата „Се што ни е заедничко“ во МСУ – против системското насилство врз Ромите
— 7 ноември, 2022Утречевер, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена годишната изложба „Сè што ни е заедничко“ (Sa so si amenge jekhethane/All That We Have in Common) во партнерство со најзначајната манифестација за современа уметност – Европското биенале „Манифеста“.
Куратори на изложбата се Мустафа Асан, Мо Диенер, Мира Гаќина и Јованка Попова.
Уметници чии дела ќе бидат изложени на оваа поставка се: Дилејн Ле Бас (Англија), Ахмет Кадри (Северна Македонија), Сеад Казанџиу (Албанија), Лубош Котлар и Роберт Габрис (Словачка), Рома Џем Сешн Уметнички Колектив – Мустафа Асан, Мо Динер, Милена Петровиќ (Северна Македонија/ Швајцарија/Србија), Нихад Нино Пушија (Босна и Херцеговина/Германија), Андре Јено Рацш (Германија), Емилија Ригова (Словачка), Цеија Стојка (Австрија), Ден Тарнер (Англија) и Дурмиш Ќазим (Северна Македонија).
Покрај изложбата во рамки на проектот дефинирана е и паралелена програма.
На самото отворање на изложбата, уметничкиот колектив „Рома Џем Сешн“ ќе промовираат публикација „Морфирање на ромското етикетирање“, објавена од oncurating.org и ќе имаат партиципативен перформанс „Detox Switzerland Detox Europe – Meditation on the History of the Roma in Switzerland“. Низ групна медитација публиката ќе има можност да доживее холистички пристап кон современата историографија и наратив на Ромите во Швајцарија, преку обука за ментална и физичка агилност и стабилност на рамнотежа. Привремената заедница се замислува себеси како лабораторија за лекување на затегнатите односи во нашето општество на безбеден простор.
На 10 ноември, во 20 часот, во МСУ предавање ќе одржи уметникот Ден Тарнер, чии дела ќе бидат изложени во претстојната поставка. Насловот на предавањето е „Ромската современа уметност против структурната нееднаквост“, разговор со уметникот ќе го води Артан Садику. На ова претходеше предавањето „Функцијата на идентитетот во современата уметност“ на уметникот Сеад Казанџиу.
Музејот на современата уметност – Скопје е лоциран на простор кој е органски дел од градската целина во која со години живее ромската заедница, која често е предмет на политичко и општествено исклучување, мисинтерпретации, шпекулации и предрасуди.
Оттука, како што велат ко-кураторките на изложбата, Мира Гаќина и Јованка Попова:
„Темите со кои се занимаваат уметниците Роми во оваа поставка отвораат различни прашања поврзани со системското насилство врз Ромите и останатите маргинализирани заедници, кризата на идентитетските политики, родова нееднаквост, војна, мигранската криза, холокаустот во однос на денешните светски ултранационалистички политички идеологии, потребата од различна политика на грижа… Целта на изложбата е да ја прошири политичката имагинација вон стереотипната претстава и преку споделено знаење од меѓународно познати и домашни уметници да артикулира поинакви начини на себепретставување и да ги централизира и направи видливи игнорираните и недостапни маргинализирани наративи за Ромите“, велат Гаќина и Попова.
Изложбата отвора можност да се прашаме: „Каков е светот кога е искусен, развиен и живеен од перспектива на разлики?“,„ Што и како претставуваме, на кои гласови им даваме предност пред останатите, што дознаваме за себе си преку спознавање на другиот?“.
Овој проект се спроведува во рамките на Проектот Манифеста 14 Приштина – Западен Балкан и е кофинансиран од Европската Унија и финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Еуролинк осигурување и Тиквеш.
Изложбата ќе биде отворена 20 февруари 2023 година.