Култура

Театарската суштина на човечкиот идентитет

(За меѓународниот театарски фестивал во Клуж, Романија насловен како „Идентитети“ одржан од 28 септември до 2 октомври 2022)

Театарските форми се создадени за да се менуваат. Суштината на театарската уметност лежи во вистинскиот израз и во моќта на пораката што ја испраќа еден театарски концепт. Театарот е став, но театарот е и идентитет, идентитет на еден народ, на една раса, на една држава, на еден човек, homo sapiens, homo ludens, homo faber. Овогодинешното издание на фестивалот во Клуж, Романија беше посветен токму на човековиот идентитет, она што најлесно се губи во виорите на војните и кризите на цивилизацијата, но и на неговото височество актерот, чија енергија беше иманентна и благотворна. Главниот modus operandi на овој фестивал беше да се откријат вистинските причини за идентитетското лудило на дваесет и првиот век и сето тоа низ различните концепти и аспекти на еден театарски чин. Богатата содржина на овој фестивал би можеле да ја поделиме на три дела: циклусот претстави на Националниот театар на Клуж, Напока, театарските претстави кои беа конципирани како театарски читања а беа посветени на новата украинска драматургија инспирирана од војната во Украина и на дебатните сесии во кои учествуваа големи имиња на романскиот и европскиот театар.

„Три сестри“, најреторичната пиеса на А.П. Чехов, во едно совршено современо читање на младиот романски режисер, Разван Мурешан

Националниот театар на Клуж на фестивалот направи сјаен пресек на неколку свои извонредни театарски продукции, кои оставија белег на едно театарско живеење, кое не само што е сериозно, но е и есенцијално и исклучително влијателно во европското театарско живеење. Имено, со овој пресек, овој прекрасен театарски храм ни ги покажа претставите кои беа работени и по класични текстови, по текстови на националната класична драматургија, како и по современи европски драмски текстови. Така, во овој циклус беа прикажани: „Три сестри“, по мене најреторичната пиеса на А.П. Чехов во едно совршено современо читање на младиот романски режисер Разван Мурешан. Претстава која зборуваше за една, досега, по недофатливите и имагинативно посакуваните дестинации, на оние чија духовна сиромаштија не им дозволува да се поместат од својата закоравена инертност  и тоа на еден многу модерен театарски јазик, поместувајќи го милјето на Чехов во ововременска рамка, а во исто време отворајќи го просторот за брилјантните креации на Ирина Винце (Олга), Санзијана Тарца (Маша), Александра Тарче (Ирина), трите сестри секоја во својот свет и во својата гама на страдање, Космин Станила, чиј Вершинин, одлично и компактно одигран, како да ја собрал целата тага и несфатеност на светот во себе, како и на Матеи Ротару (Андреј) и Мирон Максим (Тузенбах) едниот со горчлива игривост на наивниот брат, а другиот со стаменоста на човек чиј очај залудно се обидува да го сокрие; „Бурна ноќ“во режија на Драгош Поп и „Изгубеното писмо“ во режија на Ада Милеа, комедии на Јон Лука Караѓале, голем романски класик од кои првата беше прикажана како снимка во еден реалистичен дух, а втората како театарски концерт кој предизвика големо интересирање и овации кај публиката; претстави кои беа дијаметрално различни во својот режисеркси концепт, но секоја на свој начин многу умешно и артистично го донесоа комичниот свет на овој сочен романски комедиограф.

„Изгубеното писмо“ во режија на Ада Милеа

Националниот театар на Клуж има специфика која плени и воодушевува, па така и современите театарски драмски текстови наоѓаат свое место во неговиот репертоар. Една од најинтересните претстави на овој фестивал беше „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ на Рајнер Вернер Фасбиндер во режија на Еуџен Жебелеану, режисер кој совршено добро знае да навлезе во порите на резигнацијата на уметникот, но и сето тоа да го поврзе со глобалните струења на се уште несфатените и недоволно согледаните ЛГБТ движења, но и на болестите на дваесет и првиот век, се на се, една фантастично транспонирана претстава во денешно време со круцијален показ дека важните проблеми на минатиот век се уште не се решиле, па така и човекот и уметникот остануваат на работ на своето интимно и социјално лудило.

„Горчливите солзи на Петра фон Кант“ на Рајнер Вернер Фасбиндер во режија на Еуџен Жебелеан

Секако, тука нема да ја заборавиме и „Аудиција“ на Јонут Карас, претстава по текстот на современиот руски драматичар Алелсандар Галин, која не воодушеви со сјајните актерски остварувања на актери и актерки кои за време на целиот фестивал покажаа фантастична моќ на трансформација во различни улоги. Овде ќе ги споменеме само: Дијана Булуга (Катја), Адријана Баилеску (Тамара), Дијана Јоана Личу (Лиза), како и младиот Раду Догару, чија динамичност во улогата на Алберт пленеше и воодушевуваше. Овде не можеме, а да не ја споменеме претставата „Спушти ја слушалката, повиците чекаат“, текст на современата романска драматургиња Александра Ферсеги, а во режија на Адина Лазар која се занимава со транспонирањето на античките конструкти во денешна констелација посочувајќи ни ги огромните човечки проблеми на насилство и недоразбирање како сеприсутни и никогаш нерешени. Секако, кога сме веќе кај романската современа дрматургија, тука е и камерната претстава „Убиство со ББ пиштол“, по текст на Хориа Гарбеа, а во режија на Емануел Петран, црна комедија инспирирана од недоследностите и контраверзите на правниот систем, претстава исто така со сјајни актерски остварувања.

Воен театар

Една од најголемите спицифики на овој фестивал беше комплексот театарски читања на дела на неколку украински драматурзи кои беа исклучително впечатливи и во драматуршка и во режисерска, но и во актерска смисла, па така тука ги имавме текстовите на Наталија Ворожбит „Театар во време на војна“ во режија на Јонит Карас, „Синдром на преживување“ по текст на Андреј Бондаренко во режија на Стефана Куршеу, како и „Мајдан инферно“ на Неда Нејдана во режија на Тудор Лучану. Оваа драматургија со својата силна порака и моќен дијалог зборуваше многу остро за она што значи насилство и војна во време кога човековата немоќ е во најголем зенит, а впечатливо беше и тоа што ја имавме таа  прекрасна можност да се сретнеме и со самите драматурзи во продуктвните и инспиративни дебатни сесии.

Кога сме веќе кај сесиите, мора да се споменат и дебатните појаси во кои имавме можност да го проследиме предавањето на Марина Константинеску, една од водечките романски театарски критичарки, исклучителното предавање на денес водечкиот романски драматичар Матеи Вишњек во кое во исто време беше промовирана и антологијата на модерната романска драматика на англиски јазик во избор и превод на Жозефина Компорали, а во издание на престижниот Блумсбери; како и промоциите на книгите на Кристина Модреану „Театарот како отпор: Теспијанците во архивите на тајната полиција“, на Ливиу Малица „Не гледај назад. Комунизам, драматургија, општество“ и на Алекса Висарион „Караѓале визионерот“, книги кои се од огромно значење за аналитиката врз романскиот театар и драматика. Секако, мораме да го споменеме и фантастичното предавање на Жорж Бану, големо име на романскиот театар озаглавено како „Театар во време на војна и политиката“ исто така проследено со промоцијата на неговата книга театарски есеи „Приказните на Хорацио – портрет и сведоштво на мајсторите на европската сцена“.

Меѓународниот театарски фестивал на Националниот театар во Клуж навистина отвори горливи прашања за идентитетските разглобувања и дисторзии во време кога опасноста врз духовното живеење на човекот се заканува од сите страни. Да, овој исклучителен театарски чин ја отвори глобалната дилема за тоа дали уметникот, и воопшто човекот го губи тлото под нозете и ја губи војната за својот духовен интегритет, дали се она што се пластело како уметност и духовно живеење сега е под закана да исчезне и дали cancel culture значи нов крај или можеби некаков нов отпор кон она што значи политичка лакомост и виртуална лага. Низ тие димензии се движеше овој незборавен театарски фестивал со огромна актерска и режисерска енергија, театарски настан кој навистина долго ќе го паметиме и ќе пишуваме за него.

Фотографиите се на Нику Черчу

Рецензија на Сашо Огненовски

Слични статии