Култура

Изложба „Современи екосистеми – потрага помеѓу уметноста и екологијата во Северна Македонија“

По повод 18. издание на Италијанскиот ден на современата уметност, 8 Октомври 2022 година, Амбасадата на Италија во Скопје и Италијанскиот Институт за култура во Белград, во соработка со Музејот за современа уметност во Скопје, денеска организираат уметничка изложба „Современи екосистеми – потрага помеѓу уметноста и екологијата во Северна Македонија“.

Како што соопшти Амбасадата на Италија во Скопје, изложбата на овој иновативен уметнички проект на италијанските уметници Антонио Масаруто и Роберто Геци претставува еден вид заокружување на нивното современо уметничко истражување реализирано во април годинава на падините на новосоздадениот Национален парк Шар Планина, проследено исто така и од локалните студенти од катедрата за уметност и дизајн при Универзитетот во Тетово.

– Проектот исклучиво третира прашања поврзани со животната средина, имајќи за цел да ја стимулира јавната свест за важноста на природното наследство на Северна Македонија, како и да ја истакне уметничката вредност на нејзиниот биодиверзитет, особено по формирањето на овој нов национален парк, кој патем ја зголемува целосната површина на заштитено подрачје до 14 отсто, стои во соопштението.

Уметничките дела ќе бидат изложени до 26 октомври 2022 година, во првата изложбена сала, а потоа некои од нив ќе бидат донирани на Музејот, кој веќе вбројува значајна донација на италијански современи уметнички дела, како и на институциите вклучени во проектот. Некои од инсталациите ќе бидат оставени на самиот терен каде биле создадени (Шар Планина), како симбол на логичко затворање на природниот круг.

Изложбата е организирана со поддршка на министерствата за култура и за животна средина и просторно планирање, во соработка и со Националниот парк „Шар Планина“, Планинарскиот клуб „Љуботен“ и Македонското еколошко друштво