Култура

„Доаѓаме со поклон“ – самостојна изложба на Шејла Камериќ

„Доаѓаме со поклон“ – голема изложба во Скопје на познатата уметница Шејла Камериќ ќе се одржи вечерва, вторник (27 септември), во Чифте амам, со почеток во 19 часот, а пред отворањето ќе се одржи разговор со уметницата којшто ќе го води кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитриевиќ.

Изложбата е реализирана во соработка помеѓу КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО, првпат во Македонија ќе пристигне Шејла Камериќ, една од најзначајните уметници со огромен број меѓународни референци, со изложбата со наслов „Доаѓаме со поклон“.

„Изложбата е во соработка со Националната галерија „Чифте амам“, кои како и секогаш го промовираат современиот концепт на отворени јавни институции. Кураторка на изложбата е Наталија Пауниќ. Воедно, во рамките на изложбата ќе имаме ретка можност да го проследиме разговорот и претставувањето на Шејла Камериќ, преку кој ќе имаме привилегија да ги слушнеме мноштвото родови, политички, уметнички, естетски и социо-културни перспективи на уметницата. Преку разговорот ќе нѐ води кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитриевиќ, но секако Камериќ ќе биде отворена и за прашања и коментари од посетителите на изложбата“, велат организаторите на настанот.

КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО со оваа изложба имаат цел да отворат критичка дебата за влијанијата, дијалогот и полемичките перспективи на современата уметност и нејзината одговорност во преиспитувањето на важните општествени прашања, кои ги засегаат плуралните идентитетски стереотипи преку кои културата има опресивна и маргинализирачка улога, особено кога станува збор за читањето на родовиот, женски наратив.

Претставувањето на делото на Шејла Камериќ во Скопје го разгледува долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети. Алудирајќи на добро познатите тематски интереси на радикалниот феминизам, социјалистичкиот феминизам и пост-структуралистичките гледишта, изложбата исто така има за цел да расветли обични, домашни и познати секојденвни елементи и да им даде нагласок на проблемите на кои обично не им обрнуваме многу внимание.

-Оваа намера е внимателно внесена во новата измена на централното дело на изложбата „Доаѓаме со поклон“, коешто прикажува необично долга, тенка црвена ткаенина што почнува како типичен украс-панделка од женската долна облека и завршува така што ја заплеткува публиката со својата сопствена материјалност. Овој гест – претераното издолжување на панделката – си поигрува со идејата за предмет што и не е веќе предмет, туку има свој сопствен живот, своја сопствена волја и моќ, се наведува кон изложбата.

Шејла Камериќ (Сараево, 1976) живее и работи во Берлин, Истра и Сараево. Студирала на Уметничката Академја во Сараево. Се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор во човековиот живот и на особеностите со кои резултира борбата на жените.

Има реализирано голем број индивидуални и групни изложби во најеминентните музеи низ Европа, но и во Њујорк, Вашингтон, Токио, Гуангжу и Квангџу Биенале во Кина, Маракеш.

Наталија Пауниќ е кураторка на современа уметност и писателка од Белград, Србија. Дипломирала уметност на Голдсмитс, Универзитетот на Лондон, 2017, откако магистрирала на Архитектонскиот факултет на Универзитетот во Белград во 2015. Работи како директор во галеријата Eugster II Belgrade, а исто така води и номадски простор за проекти, наречен Вождовачка Галерија, којашто оперира респонзивно на архитектурата на различни места.

Бранислав Димитријевиќ е професор по историја и теорија на уметноста на Колеџот за уметност и дизајн во Белград, Србија. Тој предава и пишува на меѓународно ниво за уметноста, филмот и политиката во социјалистичка Југославија, како и за авангардната уметност, современата уметност и изложбените истории. Од средината на 1990-тите курирал изложбени проекти кои ги истражуваат просторната и контекстуалната специфичнот. Меѓу неговите кураторски проекти се вклучуваат и „Добар живот“ (Геозавод, Белград, 2012, со М. Ханула) и „Нема мрежа“ (2011), првото издание на Биеналето на Time Machine во нуклеарниот бункер во Коњиќ. Димитријевиќ е активен и како координатор за културна политика во политичката организација „Не давимо Београд“, стои во соопштението од Национална галерија на Република Северна Македонија.

Слични статии