Култура

„Златна Камера“ 300 за Рубенс Импенс, снимателот на „Осум планини“ за моќна и трогателна приказна што го одзема здивот

„Златна Камера“ 300  на фестивалот „Браќа Манаки“ ја освои Рубен Импенс за филмот „Осум планини“, во режија на Феликс ван Гронинген (Felix van Groeningen) и Шарлот Вандермирх (Charlotte Vandermeersch), а во француско, италијанска и белгиска продукција. Претседателот на жирито, Жан Мари Дружу, образложувајќи ја одлуката на жирито рече дека филмот е награден „за компонирањето на моќна и трогателна приказна што го одзема здивот, во која воодушевувачки се испреплетуваат планинските пејзажи и човечката осаменост во хармонија со природата, мајсторски снимени во тешки услови што ја стаписуваат публиката“.

Дариа Д’ Антонио

„Сребрената Камера“ 300 и беше доделена на италијанската Дариа Д’ Антонио за филмот „Божјата рака“ во режија на познатиот режисер Паоло Сорентино (Paolo Sorrentino), за извонредно нијансираниот и сликовит приказ на животот во Неапол, „прецизното и доследно кадрирање во ова прекрасно љубовно писмо до Фелини со автобиографски прикази“. Дариа Д’ Антонио којашто беше гостинка на фестивалот и помина неколку дена во Битола, во кои одржа прес-конференција а потоа и мастер клас, се заблагодари на наградата преку видео преку кое ги поздрави членовите на жирито и сите оние што ги запознала за време на престојот во Битола.

„Бронзена Камера“ 300 му беше доделена на Хидетоши Шиномија за „Вози ја мојата кола“, јапонски филм кој трае три часа, поточно, 179 минути. Наградата му се доделува заради „суптилната, но цврста камера која поетично ги пренесува трогателните човечки приказни, за нежноста кои одекнуваат универзално“.

„Бронзена Камера“ 300 на Хидетоши Шиномија за „Вози ја мојата кола“

На последната вечер, од доделувањето на наградите, на Џон Метисон, му беше доделена Златната Камера 300, за особен придонес во филмската уметност,, а му ја врачи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Овој директор на фотографија стои зад камерата на редица антологиски филмови меѓу кои и „Гладијатор“, „Фантомот од операта“, „Кралот Артур“, „Робин Худ“, „Ханибал“, „Скајфол“, добитник на БАФТА, на британското друштво на кинематографери, две номинации за Оскар.

На Џон Метисон, „Златна Камера“ 300, за особен придонес во филмската уметност

„Воодушевен сум што сум овде бидејќи ова е едно од местата каде соодветно се чествува нашата работа, а вие од фестивалот „Браќа Манаки“ навистина успевате да го направите онака како што доликува. Успевате да не промовирате нас како кинематографери и нас како филмска камера како нешто што заслужува многу голема важност. Луѓето понекогаш не сфаќаат колку е тешко страници и страници црно бел текст да се преточат во визуелен јазик. Зошто ова не е обид да се зачува јазикот на некоја одредена група, визуелниот јазик секој го разбира. Кога снимале браќата Манаки имало само слики, а сликите сите ги разбираат“, рече Метисон.

На фестивалот се додели и награда за најдобар студентски филм, а ја доби филмот „Вдовица и сираче“ во режија на Никлас Форман, директор на фотографија Симоне Харт и Кристијан Нојбергер. Филмот доаѓа од филмската академија во Австрија, соопшти селекторот на студентската програма Ѓорги Пулевски.

За наградата „Железна камера“ 300 за документарен филм му припадна на филмот „Мара“ на Саша Кулак, што како предлошка ја поставува естетички и концептуално смела перспектива на политички турбулентните времиња низ кои поминуваме. Не само што не приближува до менталната состојба на лицата кои се изложени на политичко насилство од различен степен, туку и ни ги нуди филмските пристапи како алат за интеракција за преживеаните искуства. Зазема цврст став  без да го естетизира доживеаното насилство притоа неотуѓувајќи ја публиката.

„Железна камера“ 300 за документарен филм му припадна на филмот „Мара“ на Саша Кулак

Жирито на документарната програма одлучи да даде посебно признание на филмот „Гори сува земја“ на Џоана Пимента. Се работи за формално храбар и силно политички определен филм, кој ги надминува жанровските граници, вешто играјќи си со инструментите на фикцијата, истражувајќи нови феминистички наративи филмот успева да понуди вознемирувачки приказ на современ Бразил.

Посебно признание на филмот „Гори сува земја“ на Џоана Пимента

По доделувањето на наградите фестивалот затвори со „Снежана на крајот умира“, дебито на Кристијан Ристески.

Екипата од „Снежана на крајот умира“, дебито на Кристијан Ристески
Директорот на 43. ИФФК „Браќа Манаки“ Мони Дамески со Џон Метисон, кој доби Златна Камера 300 за особен придонес во филмската уметност

Слични статии