ОБЕДИНУВАЊЕТО И РАЗИЈДУВАЊЕТО ВО КОНТИНУУМОТ НА ЕВРОПСКИТЕ СТРАДАЊА
— 29 август, 2022(Кон претставата „Војна и мир“ на Народниот театар од Белград, Србија. Режија: Борис Лијешевиќ. Главни улоги: Хаџи Ненад Маричиќ, Данило Лончаревиќ, Теодора Драгиќевиќ, Слободан Бештиќ, Петар Стругар)
„Војна и мир“, на еден од најголемите писатели на сите времиња Лав Толстој, бил на многу наврати интересен и за екранизирање, а и за инсценирање. Огромната приказна за една политички многу турбулентна епоха на Русија во деветнаесеттиот век на повеќе од 1800 страници во себе содржи и интимни стории, но и воен конфликт со политички превирања за кои Толстој зборува многу отворено, со извесна доза на резигнираност. Драматизирањето на ова епохално дело на светската книжевност е голема авантура која со себе носи голема неизвесност. Претставата на Народниот театар од Белград во себе носи една безрезервна посветеност на современото читање на политичките и интимни констелации на Русија опишана во романот. Драматизацијата на Федор Шили пулсира меѓу тековната приказна и она што значи премостување на тоа време и споредбен конструкт со денешните состојби во светот. Оваа драматизација успева да го задржи и јадрото на судбините на двете семејства Болконски и Ростови, а успева и да го метаболизира и политичкиот аспект низ референци од денешните политички струења. Така Федор Шили создава една исклучително компактна драматизација која пак, од друга страна е подлога за режисерскиот концепт на Борис Лијешевиќ чија динамика е од исклучително значење. Зборувам веднаш за динамиката затоа што во струењето на сцените кои се менуваат од интимни во дистанцирани тој развива една органична претстава во која динамиката е основниот лакмус огромниот текстовен материјал да се претвори во сценски видлива сторија. „Војна и мир“ во неговото режисерко видување е токму поделен на „војна“ и „мир“ каде што вриежот на семејните релации отсликан низ тогашните благороднички следства и деструкции во првиот дел се претора во страотна резигнација во вториот дел каде што современите референци предупредуваат на едно несреќно престроујвање на она што всушност и било во главата на Наполеон Бонапарта: „обединувањето на Европа.“ Лијешевиќ во оваа режисерска поставка многу хрбро и решително зборува за неможноста да се создаде вистинска хуманистичка околност за човекот кој тргнал да се бори за „слобода.“ Тој како исклучително ангажиран театарски уметник го проблематизира тоа копнеење по слобода и многу директно го поставува прашањето: каква слобода сакаме ние како граѓани на Европа? И точно таа динамика на редење на сцените која се менува и бранува ја донесува на сцената целата цивилизациска недоумица на Русија во тоа време. Лијешевиќ задира во сите дамари и на општеството, но и на флуидите на ликовите кои како да завлегле во бура од влијанија и духовни наслаги, точно како во воени жаришта во кои и драматуршки велгуваат со истото прашање: за што се бориме?
Кога сме кај актерските партии би го издвоиле Хаџи Ненад Маричиќ чиј Безухов е координата на сите контрасти и контраверзи во ова исклучително сценско дело. Неговиот Безухов е чувствителен, но здржан, што особено импонира. Хаџи Ненад Маричиќ го игра овој лик исклучително точно не подавајќи се на неговите недоумици со големо чувство за неговата комплицирана припадност во руското благородништво. Безухов во интерпретација на Маричиќ делува крајно вистинито како што е и самата наивност на ликот кој совршено наликува на Кнез Мишкин во „Идиот“ на Достоевски. Во еден миг во претставата се зборува дека Безухов е „масон“ што е совршена контрастност од ликот кој иако со себе носи голем амалгам на неивност и чесност, тој во себе ја кондензира и рационалноста на сите ситуации и премрежија во кои е вовлечен. Негови два антиподи се Андреј Болконски и Анатол, две крајности на руското општество. Болконски совршено посветено го одигрува младиот актер Данило Лончаревиќ кој на сцената ја донесува онаа историска руска стаменост и цврстина, храброст и желба да се избори за својата слобода преку војна. Таа едноставност во суровоста која во себе ја крие и чувствителноста на млад татко овој актер успева да ја донесе низ својата емотивна гама која ја промешува напати со тивката и сокриена неодлучност. Лончаревиќ овој лик го преоблекува неколку пати од цврст и несоборлив борец во истоштен и настрадан воин со разбиена семејна лоза и таа комплексност во неговата интерпретација зборува за силен актерски персоналитет кој воодушевува на сцената. Неговата суштествена спротивност е Анатол на Петар Стругар чија флуидност и первертност се, всушност онаа друга страна на никогаш неизживеаната Русија, онаа темна историја на ситни и безочни неверства, лик кој Стругар го одигрува крајно инспирирано и со голема енергија и со лесна хуморна нота што совршено импонира. Некаде меѓу овие три лика е и стариот Курагин кој во оваа претстава се наметнува како хроничар, лик кој во интерпретација на Слободан Бештиќ зборува за онаа расипаност и ирационалност на која подоцна многу индикативно инсистира и самиот Чехов. Бештић, како голем актер знае да направи говорни бравури и да исцрта лик кој ќе излезе од него и повторно неосетно ќе влезе коментирајќи ја ситуацијата, а потоа одлично одигрувајќи ја. Конечно, низ овој лик, а низ другите во ова апретстава се насетува таа временска дистанца која драматизацијата ја намекнува, режијата многу прецизно ја консолидира, а актерите ја одигруваат многу посветено и предано.
Во плејадата сјајни актерски остварувања би ги извоиле и одличната Калина Ковачевиќ како Елен, сестрата на Анатол и ќерка на Курагин, лесна жена која постанува неверна сопруга на Безухов, извонредно и вдахновено исцртаниот бонвиван Друбецки на Вучиќ Перовиќ и секако нежната, но неодлучна Наташа Ростова која со големо чувство и емотивно ја донесува Теодора Драгиќевиќ. Овде секако импонираат и брачниот пар Ростови Душан Матејиќ и Бојана Стефановиќ, како и секогаш борбениот и немирен нивни син Николај во одлична интерпретација на Немања Стаматовиќ.
Компактната актерска игра во оваа епохална претстава не наведува на помисла дека грандиозните претстави се најмногу исткаени од актерската енергија. Целиот кастинг на оваа верзија на „Војна и мир“ се ингениозен пример на до крај ангажирана актерска гарнитура чија експлозија на сцената донесува силен и неизбришлив впечаток.
Визуелниот момент во „Војна и мир“ е дело на Јања Ваљаревиќ, додека колоритните костими кои повремено кореспондираат со нашето време (посебно костимот на Наполеон Бонапарта) се на костимографката Бојана Никитовиќ и тоа се костими кои многу потсетуваат на историските контексти од тоа време, но во себе содржат и една чувствена колоритност која плени и воодушевува. Плени и воодушевува и музичката илустрација на Стефан Ќириќ која е напати ненаметлива, но во кореографираните сцени исклучително доминантна.
Толстој во овој грандиозен роман во еден момент ќе рече: „Ние само можеме да знаеме дека не знаеме ништо: тоа е највисокиот степен на човековата мудрост“, и дека „најсилните од сите војници се тие двата – Времето и Трпението.“ Човекот одамна го изгубил трпението. Затоа и ја споменав динамиката. Претставата на Бирис Лијешевиќ зборува за оној оган во човекот што политиката ја претвора во лудило, а лудилото во смрт. Сето она што стои помеѓу, е несреќниот живот кој ја има линијата на скитањето и неодлучноста, а секоја недоследност ни ја носи смртта пред очите. Борис Лијешевиќ и неговата режија ја пренесува пораката дека континуумот на несреќата е цикличен и дека човекот започнува војни секогаш кога не може да се најде себеси во логиката на настаните и во вртлозите на својата генеалогија. Во тие вртлози се крие недоразбирањето на обединувањето и разијдувањето, а не во глобалната политика.
Фотографии на Маријана Јанковиќ
Рецензија на Сашо Огненовски